Разговор со добитникот на Златна палма во Кан

28.05.2010 09:31
Апичатпонг Верасетакул

Повеќе и од кога и да е, можете јасно да видите како денес Тајланд го тресат медиумите и како тоа место станува пропагандна машина, вели овогодишениот кански лауреат.

Никој не беше претерано изненаден од тоа што филмот „Чичко Бунми кој ги повикува своите претходни животи“, на тајландскиот режисер Апичатпонг Верасетакул, ја освои „Златната палма“ на 63-от Кански филмски фестивал.

Можеби го разбирате, можеби не го разбирате, можеби го сакате или не, ама факт е дека – според стилот, фантазмагоричната нарација, режисерското естетско сновидени и чувството за визуелност, за контрасти на светлината и темнината – ова беше сосем поинаков филм од сето она што се прикажа годинава во главната натпреварувачка програма.

Творештвото на Апичатпонг не е непознато. Неговите филмови „Блажено твој“ и „Тропска болест“ своевремено во Кна освоија победничка награда од програмата „Извесен поглед“ и Големата награда на жирито, додека филмот „Синдромите и векот“ освои награда во Венеција (2006) и беше прогласен за еден од најдобрите филмови за минатата деценија (во сите негови филмови глумат главно истите глумци).

Апичатпонг Верасетакул е роден во Бангкок (1970), но израснал во провинцијата Кон Каен на североистокот на Тајланд, каде дипломирал архитектура, а подоцна и магистрирал на филмскиот институт во Чикаго. Познат е и по своите видеа и инсталации, кратките експериментални филмови и мултиплатформските проекти, а австрискиот Музеј на филмот неодамна објави монографија за неговото творештво...

Тешко е да се прераскаже овој ваш филм на некој кој не му припаѓа на светот на тајладските верувања?

Верувам во трансмиграцијата на душите меѓу луѓето, растенијата, животните и духовите. 90% од Тајланѓаните веруваат во истото, имаат идеја за реинкарнацијата и веруваат во духови. Сето тоа е во нашата крв. Отсекогаш сум сметал дека не е секој филм за секого и кога би се грижел за тоа, не би ни снимал филмови. Сепак, сметам дека овој мој филм е доволно универзален.

Филм како синтеза на минатите животи?

Само во смисла дека кога ваквиот настан се претставува низ филм, тој станува дел од заедничките спомени на луѓето кои го создавале, глумците и публиката. Станува уште еден слој сеќавања и искуства на гледачите. Што се однесува до мене, јас сум заинтересиран за истражување на утробата на ваквата временска машина. Можеби таму постојат некакви загадочни сили кои чекаат да бидат откриени и, како некои нешта кои некогаш се сметале за црна магија, да се покажат како научен факт. За мене, филмското творештво претставува извор на сето она чија енергија не сме ја користеле правилно. Во иста смисла и тоа дека она во кое никогаш вистински не сме го објасниле внатрешното функционирање на умот.

Филмот има карактеристични промени на тоновите и стилот, понекогаш е речиси комичен и ироничен, а понекогаш многу сериозен и трогателен.

Сакам моите филмови да делуваат како тек на свеста, пловење од едно сеќавање до друго. Во ваквиот филм тоа е важно, бидејќи тој зборува за реинкарнацијата и скитничките души на човекот, животните, растенијата. Бунми може да ги повика своите минати животи кога бил бафало или цвет.

Но овој филм претставува и омаж за областа во која сте израснале, но и на филмовте со кои сте израснале.

Да. Израснав на североистокот на Тајланд каде климата и земјата се многу суви, каде се живее најтешко, бидејќи земјоделството не успева, па луѓето се многу сиромашни и се селат во пренаселениот Бангкок. Во тој дел големо е културното влијание на Лаос и Камбоџа, така што постојат анимистички верувања и приказни со кои сум израснал, а претходно не сум ги истражувал вистински. Во овој филм им го дадов својот впечаток на пејзажот и приказната, а преку употребата на старомодните филмски алатки, видео графики и класични ефекти – како оној кога за приказ на духовите користев само огледало – сакав самиот да им оддадам чест на старите филмови со кои израснав. Таквите филмови или умираат, или веќе се мртви.

Филмовите снимени на 16 милиметри?

Бев доволно возрасен за да ги запомнам филмовите снимени на „шеснаеска“. Работени се во студијата, под силно, директно светло. Дијалозите им беа дошепнувани на глумците кои механички ги повторуваа. Чудовиштата секогаш беа во мрак за да се прикријат нивните евтини костими и маски. Очите им беа црвено светло за гледачот да може да ги воочи. „Чичко Бунми...“ е снимен на „шеснаеска“, па префрлен на 35-милиметарска филмска лента.

Дали на вас влијаеја тајландските стрипови?

Да, мислам дека влијаеја. Нивните заплети не беа сложени, а духовите секогаш беа дел од пејзажот, токму како што се и денес.

Овој филм, всушност, е дел од еден поголем проект?

Да, тој е дел од интегралниот „Примитивен проект“ кој го работам напоредно во провинцијата Исан на североистокот на Тајланд и во Канада. Таму веќе се поставени седум видео-инсталации „Фантомите Набуе“, кои овозможуваат постојана интернет презентација на анимирани и кратки филмови под наслов „Писма за чичко Бунми“, настанати во соработка со миланскиот „Edizioni Zero“ и потпомогнати од страна на минхенски „Haus der Kunst“ и Фондацијата за уметничка и креативна технологија. Станав многу заинтересиран за процесите на уништување и исчезнување на културите и просторот, филмовите, театрите, стариот начин на глумење, за кој повеќе нема место во современото опкружување. Така и филмот „Чичко Бунми...“ претставува природен дел од овој проект.

Не можеме да го избегнеме поврзувањето на филмот со сегашните политички настани и судири на улиците на Бангкок.

Таа врска не е директна. Она што денес се случува на улиците на Бангкок е класна војна. Во Тајланд постојат посебни класи, алуѓето таму отсекогаш биле угнетувани или економски или општествено, а слично беше и за време на 1960-те години, кога земјоделците се обидоа да го кренат својот глас. Беа поразени. Во тоа време, со комунизмот од Лаос и Виетнам, беше нормално да се свртат кон вакви идеи.

На ТВ снимките гледаме дека има многу анимистичка традиција и верувања во самата иконографија на протестот.

Сето тоа е дел од циклусот, но сметам дека ова досега претставува најголем судир на класите кој е сосредоточен на непривилегираните. Порано имаше доста судири меѓу војската и средната класа, а ова што денес го гледате се однесува на бедните. Од друга страна, ова е сосем поинаков вид војна, бидејќи овде е вклучен интернетот и многу нови тактики. Повеќе и од кога и да е, можете јасно да видите како денес Тајланд го тресат медиумите и како тоа место станува пропагандна машина. Ама нема да помине многу време додека луѓето забележат дека и интернет страниците им исчезнуваат. Последниве неколку години национализмот, поттикнат од страна на воените групации, доведе до судир на идеологиите. Сега постои државна агенција која делува како морален полицаец задолжен да ја забрани секоја „недолична“ активност и да ја уништи нејзината содржина.

Извор: Политика