Супертајно оружје

25.08.2016 10:30
Супертајно оружје

Светските медиуми ја објавија веста дека рускиот претседател Путин располага со супертајно оружје, со кое може да ја контролира колективната свест на човештвото.

Контроверзниот шеф на кабинетот на Путин, извесен Антоан Едуардовиќ Ваино, Естонец по потекло, во една своја статија објаснил дека економијата и општеството денес се премногу сложени за со нив да може да се управува со традиционалните методи. Затоа е измислена справата наречена нооскоп, која може да ја скенира глобалната свест и да ги бележи промените во биосферата и во човековите активности. Нооскопот поседувал сензорски сет, кој бил базиран на принципот руска бабушка и може да ги анализира податоците на повеќе нивоа, како потезите на финансискиот пазар, количеството храна на пазарот, индустриските катастрофи и слично.

Дел од руските научници предупредуваат дека станува збор за утописка идеја која нема врска со науката и со реалноста, но тоа е така затоа што тие немаат информации дека слично тајно супероружје одамна е измислено, во Македонија, се разбира. Ова е вторпат во историјата руската цивилизација да каска зад македонската - првпат беше кога ние Македонците ги описменивме Русите, за што Ѓорге Иванов веќе детално ги информирал врвните научници од „Ломоносов“.

Њутн го измисли телескопот, Левенхук го измисли микроскопот, Русите го тестираат нооскопот, но ние одамна во официјална употреба имаме справа која се вика грујоскоп, со која режимот веќе цела една деценија ги регистрира и влијае врз промените на колективната свест на нацијата. И грујоскопот поседува сензорски сет, кој е базиран на нашата бабушка Мирка и на дедушко Миленко, а е дело на еден исто така контроверзен шеф на кабинетот на Груевски, по потекло сто и еден Далматинец, за кој велат дека е во бегство поради извесни фатални дефекти што придонеле тајната на супертајното оружје да биде лесно пробиена.

Супертајно оружје со слични карактеристики развиваат и извесни пи-ар експерти кои се декларираат како опозициски, но нивната справа е во фаза на развој и засега се тестира главно со плукање, колнење и мамицуебење, како најпримитивна, да не речам ембрионална форма на влијание врз колективната свест на граѓанството.

Слика: Свирачиња

Извор: Слободен печат