Ребаланс на ребалансот - како Апашот нè преродува!

25.08.2016 12:06
Ребаланс на ребалансот - како Апашот нè преродува!

1.Неодамна усвоениот ребаланс на Буџетот сè уште не е поставен на веб-страницата на Министерството за финансии, а Првиот Апаш во државата подготвил следна измена, веќе доставена за усвојување во таканаречениот парламент на РМ. Тој знае дека веќе никогаш нема да биде на државна функција и затоа уште позасилено брза да го доврши убиството на сопствената држава.

Да се потсетиме: Во првоусвоениот Буџет за 2016 (декември минатата година) Владата предложи, а куклите во Собранието изгласаа:

а) буџетскиот дефицит (новододадениот долг) да изнесува 3,2% од БДП. Преведено во пари, околу 19 милијарди денари или 310 милиони евра.

б) заедно со обврските за отплата на домашните и странски кредити, Владата да има право (во 2016) на позајмување пари во износ од 40,5 милијарди денари, односно 660 милиони евра. Тоа значи, всушност, да располага со буџет поголем за 660 милиони евра над приходите што може да ги собере во истата година, односно над она што може да го наплати од фирмите и граѓаните врз основа на постојните закони за даноци, придонеси, такси итн.

2. Годината тргна лошо. Всушност, продолжи лошо - за сите очекувано, за Владата „неочекувано“. Проекциите, како и сите во последните години, фундаментално потфрлија. Првиот Апаш виде дека му недостигаат многу пари: за перманентната пропаганда што „не политизира“ ниту едно прашање; за довршување на умноболниот и смртоносен Проект СК-014; за „спасоносно“ подмитување нов контингент избирачи и држење на „узди“ на постојните; за нов дотур на пари на неговите и сметките на целата Фамилија; за присвојување на уште поголем дел од остатокот на националното богатство на Македонија. И, секако, за нова енергија во борбата да ги избегне решетките. Затоа во декември науми да издаде еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Доби 270, при што абдицираниот ексминистер, лажливецот со повеќе лица, З.С. изјави дека се доволни за цела 2016.

Откако Првиот Апаш заклучи дека парите сепак му се малку и откако се разјаснија со партнерите (домашни и странски) дека изборите ќе се одржат во декември годинава, издаде наредба за ново зголемување на јавниот долг - овој пат во изведба на најновата „флека“, наречен министер за финансии. И повторно немаше никаков проблем. Флеките, крадците, дунстерите и демагозите во т.н. парламент изгласаа:

а) Нов, поголем буџетски дефицит. Претходните 3.2% од БДП ги зголемија на 3.6%. Во пари, наместо 19 милијарди денари (310 милиони евра) новододаденото задолжување одлучија да изнесува 21,2 милијарди денари (344,4 милиони евра);

б) Наместо користење вкупни заеми од 660 милиони евра (заедно со износите за отплата на достасани кредити) Апашот доби „дозвола“ за позајмување во 2016 година сума од 693,3 милиони евра. Во тие рамки беше најавената нова еврообврзница во износ од 650 милиони евра што подоцна, поради познатите настани, беше сведена на 450 милиони евра. И, повторно имавме изјава, овој пат од новиот десубјективизиран лик на чело на МФ, дека овие позајмувања не се само за оваа година, туку и за потреби во идната, 2017. Така му кажал да изјави, се разбира, Апашот и тој тоа го прави без да размислува.

3. Но, ѓаволот не ора, ниту копа. На 6 август се случи трагичната поплава. Апашот намириса нов изговор за ново зголемување на задолжувањето. Без пресметка за вкупната штета што ја претрпеа поплавените, без обелоденување на вкупните износи домашни и странски донации и „заборавајќи“ дека им рекол на неговите флеки да изјавуваат дека еврообврзницата ќе служи и за потреби од 2017 година, Апаштот веќе му дотури на парламентот трета верзија на Буџетот за 2016 - ребаланс на ребалансираниот. Издаде наредба и таа, како и досега, ќе биде извршена:

а) буџетскиот дефицит да изнесува 4% од БДП, наместо претходните 3,6. Во пари, наместо претходно наведените 21,2 милијарди денари (344,4 милиони евра) новиот долг да изнесува 23, 1 милијарди денари (376 милиони евра);

б) вкупното право на задолжување (одобрено од парламентот), повторувам, заедно со отплатите на кредити во 2016, наместо 42,6 милијарди денари (693,3 милиони евра) да изнесува 44,6 милијарди денари (725 милиони евра). Ова најново мајтапење со државата и државјаните на Македонија не било поради клучниот збор „панорамското тркало“ во фекалиите на Вардар (СДСМ), туку поради клучниот збор „хуманост“ (ДПМНЕ).

4. И така, сиве овие години, конечно дознавме дека Арамијата, со помош на алатките ДПМНЕ и ДУИ, ја задолжувал и презадолжувал, ја ограбувал и разградувал, ја изложувал на потсмев и сожалување македонската држава (дома и надвор) - само од „хумани“ причини. Притоа, не помогнаа апелите од домашните стручни и добронамерни луѓе, не помогнаа ниту ронка препораките во извештаите на ММФ, Светска банка и Европската комисија во кои особено во последните години на Апашот му се сугерираше да не биде толку „хуман“ и од „хуманост“ да премине на финансиска консолидација на јавните финансии, на транспарентност, рационалност и помалку крадење. Но, тој упорно и напорно продолжи да биде сè похуман. И, еве, како корелирала „хуманоста“ на Арамијата со номиналниот раст на БДП. (Повеќепати сме пишувале дека реалниот раст на БДП во последните десет години просечно годишно се зголемувал со само 2,8 проценти, значително под потенцијалниот раст на економијата. Всушност се движел со послаба динамика и од некои години кога долгот се намалувал, наспроти, во овој период, кога јавниот долг, како процент од БДП, е дуплиран.)


Имено, сликава јасно ни соопштува дека:

Номиналниот БДП од 2006 (324,3 милијарди денари) до 2015 (422,1 милијарда ден.) е зголемен за 30,2%. Наспроти тоа, бруто-надворешниот долг на земјата во истиот период е зголемен за 168% (од околу 2,5, на 6,7 милијарди евра), додека, пак, јавниот долг (дефиниран од Владата) во истиот период е зголемен за 136% (од 1,8 милијарди евра, на 4,3 милијарди евра). Првиот индикатор, бруто-надворешниот долг се зголемил за 5,2 пати повеќе во споредба со растот на номиналниот БДП, додека вториот, јавниот долг, за 4,2 пати. Ваквата огромна разлика во динамиката на растот на БДП, од една страна и динамиката на растот на двете наведени категории (со нивото кое го достигнале) од друга страна, сугерираат дека:

(1) И оној мал, бавен реален раст на БДП (просечно годишно од 2,8 проценти) главно е истуркан со помош на огромниот раст на задолжувањето, а не со економските вештини на Првиот Јанкесеџија во државата, кои се на ниво здобиено од вечерни училишта за возрасни.

(2) Огромен дел од позајмените пари се претворени во мртов капитал (за што има многу видливи примери), во зданија што јадат капитал наместо да произведуваат (за што исто така има многу примери) и дека големи износи на пари се изнесени од земјата, за што има безброј јасни индиции.

(3) Во наредните неколку години Македонија не ќе може да го поттикнува растот со кредитни вбризгувања. Долгот ќе биде негативен фактор на растот. Од тој аспект земјата ќе биде прилично инвалидизирана, што исто така е една од целите на Апашот. Впрочем, мачно подобрениот кредитен рејтинг на земјата повторно почна да се намалува.
За да бидат работите појасни, за недоволно упатените во оваа материја, еве неколку појаснувања.

Бруто-надворешниот долг е составен од надворешниот долг на државата и надворешниот долг на приватниот сектор. Јавниот долг на државата (според дефиницијата на Владата, вградена во Закон) е збир од долгот на Централната власт, јавните фондови, долгот на општините и гарантираниот долг на јавните претпријатија. Изложените податоци не се лиферувани од опозицијата, домашните предавници и странските непријатели. Сите се од базите на податоци на државни институции контролирани од Арамијата: За БДП од ДЗС; за бруто-надворешниот долг од НБРМ; за јавниот долг од МФ.

Наведените бројки за јавниот долг, симнати од веб-страницата на Министерството за финансии, не се ажурирани и не се целосни. Според тоа, официјалните дефицити, искажувани во буџетите и завршните сметки што лесно ги усвојуваат пратениците се помали од фактичките. Според тоа, бруто-надворешниот долг и јавниот долг на РМ е прилично поголем од официјално соопштуваниот. Ако кон дефицитите се додадат и износите пари потребни за одржување на државната инфраструктура, која се распаѓа (а секоја уредена држава нив ги калкулира), секој одговорен функционер би се вџашил од состојбата во јавните финансии. Затоа, дискрапанцата помеѓу номиналниот БДП и растот на наведените категории долгови е уште поголема. Кога ќе се соберат педантно сите невклучени и скриени долгови на државата (без прашањето на руинираната и неодржувана инфраструктура), јавниот долг веќе во овој момент е поблиску до 60, отколку до 50 проценти од БДП. Всушност, Апашот веќе го има реализирано она што сакаше да го вметне во Уставот - како праг на задолжување. Затоа запрепастува натамошниот молк на поголемиот дел од општеството, немото набљудување на распаѓањето на една држава создадена од жртвите на генерацијата што веќе речиси ја нема и од дарот на историските околности.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат