СЈО можеби влета, но Каракамишева-Јовановска излета од кривина со 100 километри на час

26.08.2016 10:20
СЈО можеби влета, но Каракамишева-Јовановска излета од кривина со 100 километри на час

Во најновата колумна „СЈО влета со 100 км на час во кривина“ објавена во „Дневник“, а преобјавена на порталот „Курир“ денеска, Тања Каракамишева – Јовановска, универзитетски професор познат како „дежурен“ апологет на власта, притоа и член на некои комисии и одбори на државни институции и тела, но и радио водител, изнесува тврдења што не соодветствуваат на фактите, односно се обид да се извртува вистината.

Со самиот факт што во јавноста се уште не се знае точниот број на незаконски прислушувани материјали што постојат во нечии персонални архиви, СЈО ја промаши својата основна задача. Не ги гони за криминал тие што се докажани криминалци, познати со име и презиме, туку создава илузионистички претстави дека некои лица можеби се криминалци. Имајќи предвид дека СЈО не сака да истражи од каде му се на Заев и зошто токму Заев ги добил и ги користел на незаконски начин овие прислушувани материјали, овој државен орган влетува со сто километри на час во кривината наречена спирала на незаконитоста. На овој начин СЈО ја прави првата и најголема повреда на законите и на Уставот во земјата.

[Извор: Курир, Датум: 24.08.2016]

Контраспин: Тврдењето на Каракамишева – Јовановска дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не гони „за криминал докажани криминалци“, „создава илузионистички претстави дека некои лица можеби се криминалци“, односно со тоа „влетува со сто километри на час во кривината наречена спирала на незаконитоста“, е обид да се игра со фактите и да се извртува вистината. Употребените фрази не се совпаѓаат со ситуацијата и е многу чудно кога се слушаат од интелектуалец.

Авторката во колумната со овој исказ се обидува да оди контра неколку работи. Првин, смета дека СЈО ја промашило функцијата затоа што во јавноста не е соопштено колку се на број материјалите од незаконското следење на комуникациите. Но, во законот за СЈО никаде не пишува дека ова тело мора јавноста да ја информира за секој детаљ од својата работа, а особено не да изнесува во јавноста службени материјали кои се користат во предистражна постапка. Членот 8, кој е посветен токму на оваа тематика, не дава јасни дефиниции, туку само назначува дека јавниот обвинител при информирањето мора да ги врамнотежи јавниот интерес со етичките и процедуралните обврски.

Јавниот обвинител редовно ќе ја информира јавноста за напредокот на неговиот/нејзиниот напредок, врамнотежувајќи ги етичките и процедурални обврски одредени со закон и јавниот интерес да се биде информиран за текот на истрагата и гонењето.

Од каде е Каракамишева – Јовановска сигурна дека необелоденувањето на вкупниот број доказни материјали не е во интерес на истрагата? И, впрочем, од каде знае дека досега не е обелоденета целата бројка? И зошто токму соопштувањето на бројката е најбитно?

Објаснување не дава, туку продолжува понатаму со напад:

Не ги гони за криминал тие што се докажани криминалци, познати со име и презиме, туку создава илузионистички претстави дека некои лица можеби се криминалци.

Каракамишева во следната реченица „објаснува“ кои се тие „криминалци“, наведувајќи го Заев. Но таа заборава на битното за случајот Пуч, во кој Заев е четвртообвинет, и тоа за „кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.19 од Кривичниот законик“ – односно, дека случајот не е завршен, односно нема правосилна пресуда – а соодветно на тоа, ниту „криминалци“.

Ленче Ристоска, обвинител и портпарол на СЈО на 5 август посочи на проблемите што овој орган ги имал во врска со работата на „Пуч“, при што јасно кажа дека следното рочиште за овој случај е закажано за 16 септември година.

На пример, во случајот Пуч не беше наша вина што судот не ни ги даваше доказните материјали. Кога ги добивме материјалите, случајот го отворивме и еве веќе на 16 септември е закажано рочиштето и ќе се види дали сме пристрасни.

Фактот дека рочиште за „Пуч“ ќе има на 16 септември е доволно јасен доказ дека ова „пукање“ на Каракамишева – Јовановска поприлично ја промашува целта. Односно, случајот Пуч, не е затворен, како што таа се обидува да претстави.

Истовремено, авторката во колумната не споменува ниту дека случајот „Пуч“ го следеа низа перипетии, односно СЈО од неговото „отворање“ во декември лани не можеше да дојде до сите потребни материјали, како што посочи специјалната обвинителка Ристоска. Но, најбитното од сè дека дури на крајот на процесот „Пуч“ ќе се види дали СЈО не сака „да истражи од каде му се на Заев и зошто токму Заев ги добил и ги користел на незаконски начин овие прислушувани материјали“.

Дури во завршницата на случајот ќе може да се каже дали СЈО нешто „не сака“. Поради тоа, во овие околности, обвинувањето на Каракамишева дека „овој државен орган влетува со сто километри на час во кривината наречена спирала на незаконитоста“, е само потврда дека авторката на колумната веќе излетала од некоја слична кривина, при слична брзина.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Извор: http://www.libertas.mk/