Вистинско камче во лажниот мозаик

27.08.2016 18:02
 Вистинско камче во лажниот мозаик

При посетата на Хераклеја, точно пред три години, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска не ја криеше радоста од новите откритија, пред сè од раскошниот ЗАЧУВАН мозаик во базиликата и од македонската плетенка, за која рече дека е значајна за нашиот идентитет. „Ме радува овој исклучителен пронајдок бидејќи од Хераклеја досега имавме многу значајни мозаици, кои се важно обележје за личната карта на нашата држава. Ќе следува процесот на заштита и на конзервација“. Нејзиното министерство соопшти дека „овој антички локалитет, основан од Филип Втори Македонски, поради своето огромно значење, е дел од капиталните проекти финансирани од Владата“.

Точно пред три дена, по снимањето на локалитетот, експертот за мозаици, академик Газанфер Бајрам, информираше дека состојбата со мозаиците во Хераклеја е - алармантна! Според него, тоа е главно поради незнаење и негрижа.

Овие „откритија“ се само уште една потврда за лажниот мозаик што цела деценија го гради власта (и тоа со крупни камења: идентитет, лична карта, капитални проекти...) кога е во прашање заштитата на вистинското културно наследство. Јасно е дека таа вистински го брани само лажното, само тоа што не е ни културно ни наследство, а го прогласила за такво. Музејот на ВМРО или Триумфалната капија, на пример.

Извор: Слободен печат