Диктатура на глупоста

29.08.2016 10:22
Диктатура на глупоста

Кога ја пишувал својата теорија за „Отвореното општество и неговите непријатели“, Карл Попер како да ја употребувал словенската антитеза да ја направи посветла и поконтрасна сликата за неговото утописко демократско општество, зашто сите свои тези тој ги спротивставува со темниот фон на нивните антагонисти, со затворените тоталитарни општества – како златни музејски експонати положени на темно кадифе.... Всушност, Поперовата теорија за отвореното општество повеќе се темели на неговата епистемологија отколку на неговите политички концепти. Таа – науката за знаењето – се темели на неговата базична премиса дека научното знаење е секогаш провизорно, погрешливо и противставливо, а доколку не е, доколку се претставува како непогрешна и крајна вистина, тогаш тоа не само што не е научно, дури воопшто не е ниту знаење, туку е вера, суеверие или обична заблуда. Од овој фундаментален став произлегува дека знаењето може да се создава, да постои и еволуира само во отворени општества, зашто овој напредок е можен само во услови на слободното спротивставување на повеќе алтернативни мислења. Поради тоа, овој суштински плурализам на демократските општества е воедно и културен и научен плурализам, исто како и политички и религиски плурализам. Само така знаењето е секогаш отворено за унапредување и самокорективност, зашто тоа никогаш не е завршено и апсолутизирано, туку секогаш е во движење и развиток. „Ако сакаме да останеме луѓе“, вели Попер, „тогаш имаме само еден пат, а тоа е патот кон отвореното демократско општество... тоа е патот кон непознатото, неизвесното и несигурното.“




Кога човек денес ги препрочитува мрачните дефиниции и описи од затворените општества на Поперовата утопија – особено епистемолошкиот аспект за нивното системско уништување на знаењето - добива впечаток како за модел да ја имал Диктатурата на глупоста на Груевски и неговата ВМРО. Вмровскиот тоталитаризам се темели врз обратни ветувања од Поперовите за патот „кон непознатото, неизвесното и несигурното“ - врз едноставни но малоумни митови, вечни вистини и ветувања на земскиот рај на апсолутната колективистичка нирвана. Тоа е ултранационалистичка нирвана, една густа и хомогена органска држава што го гарантира крајот на сите поединечни маки на „сиромашните по дух“ во апотеозата на националното обединување. Вмровскиот фашизам (со право) сметаше на заморот и разочарувањето на широките народни маси, кои процесот на општото заглупавување на нацијата ќе го прифатат како спас од претешката задача да се мисли со свој ум и да се донесуваат лични одлуки врз основа на сопствени мислења за сите јавни прашања во државата. Затоа, затворените општества како Македоња Вечна, го политизираат и го прават критичкото мислење невозможно, што неминовно води и кон системското уништување на знаењето во сите сегменти од општеството. Дека овој процес на кретенизација е тотален, во Вечна можат да се најдат милијарда примери, и тоа – ќе речете – далеку од природните вирови на политичката глупост, во сфери практични, по природата на нештата неполитички, во дејности и занаети во коишто некогаш мислевме дека политички мотивираната глупост воопшто нема пристап.

Намерно бирам примери од областа на комуналната инфраструктура, зашто сообраќајните или шумарските инженери (би требало да) немаат зошто да трпат политички притисок кога ги донесуваат своите стручни одлуки за работи што се од нивен ексклузивен домен. Еве, за пример, проширувањето на булеварот Св. Климент Охридски, од пред некоја година. Од чисто функционален сообраќаен аспект, проширувањето на булеварот е потполно редундантно, непотребно и бесмислено, зашто да прошириш само еден потег од сообраќајната мрежа, што почнува од Водњанска и завршува слепо кај Владата, ниту за микрон не ја подобрува транспортната функција на мрежата и не ја зголемува нејзината проточност. За да се увиди оваа глупост, човек не треба да биде сообраќаен инженер – тука е доволна и обична здраворазумска мисла.Тоа е како на еден кус потег од гумено црево за поливање - во средината - да вградите парче пошироко црево или цело буре, да речеме. Секој нормален човек знае што ќе добие како резултат: само ќе го наполните бурето со вода, но протокот на водата низ цревото нема да се подобри ни за грам. Така што, проширувањето на булеварот е тотално малоумно од инженериски аспект – фрлена пара, што не може да се оправда со никакви аргументи од сообраќајната струка. Чиста глупост што од аспект на бадијала потрошените милиони евра станува гнасен криминал од грандиозни размери.

Но, тоа не е сè! За да се прошири булеварот, злосторничките градски власти исекоа нешто повеќе од 130 торжествени возрасни липи и го уништија последниот „венец“ со кој Јосиф Михаиловиќ – урбанистичкиот и градскиот татко на меѓувоеното модерно Скопје – го овенча центарот на престолнината. Операцијата на злосторничкото сечење беше изведена во темни мугри, во оловното време во кое своите злостори традиционално ги вршат сите тоталитарни власти и нивните тајни полиции и џелати. Со овој злостор, глупоста на градските власти се зголеми експоненцијално, зашто таа може да се мери со големината на штетата што злосторникот ја чини остварувајќи ја својата добивка. Дека тоталитарната практика закономерно произведува глупост – постапки што не само што не го почитуваат знаењето, туку се спротивни од секаква разумна мисла – покажува и „завршницата“ на овој малоумен „инфраструктурен“ проект. Тоа е садењето на седумдесетина дрвца индиски јоргован во тенката зелена разделна лента што преостана од некогашното пешачко шеталиште овенчано со моќниот двоен липов дрворед. Зошто, ќе прашате? Па, затоа што засадениот индиски јоргован или лагерстроемијата (Lagerstroemia indica) е мало суптропско украсно дрво што расте (во наши услови) не повеќе од 4 метри во височина и, поради убавото колористично цветање во сред лето, вообичаено се употребува за красење на дворови и приморски шеталишта, но никаде и во никој случај на широки и загадени централноградски сообраќајници од примарната улична мрежа. Лагерстроемијата не само што во амбиентална смисла ниту од далеку не може да ја замени липата, туку од аспект на еколошката функција на урбаното зеленило -како воздушен филтер и микроклиматски фактор – ја претставува нејзината негација! Исечените липи (Tilia cordata) беа моќни дрвја што растат (и беа израстени!) од 20 до 40 метри во височина, домашни и долговечни дрвја со фантастичен хабитус, мирисен цвет и разлистеност што трае од рана пролет до доцна есен. Зелена маса кај возрасните примероци на нашите покојни липи знае да има вкупна лисната површина од неверојатни 4.000 квадратни метри! Која ли тоа монструозна глупавост можеше да уништи 500.000 квадратни метри срцевидни липови листови и да ги замени со седумдесетина дрвца лагерстроемија што држат лисја едвај три месеци, и тоа лисјенца ситни и ретки, што не прават површина ниту од пет квадратни метри по дрвце?! Кој тоа кретенизам - како некоја вселенска нужност, што ли - ги наведе градските власти на таква одлука? Тоа е вон моќите на поимање и може да се објасни само со системската кретенизација на општеството што – според Попер – а и според стварноста на Македоња Вечна, е епистемолошка законитост на тоталитарното општество.

П.С. Рака на срце, првото и најголемо, „ничим изазвано“ клање на фантастичните диви костени на скопскиот главен плоштад (2003 ли беше?) ги изврши една сосем друга градска власт, но тој херостратски злостор тогаш делуваше како да е воден од вертикална мрачна сила на индивидуалното лудило. Денешниве клања на дрвја се нешто сосем различно, тие се како нежен и суптилен симптом за терминалната фаза од едно системско и малигно општествено заболување. Од Диктатурата на глупоста.

Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото