Нашите тела ги помнат гревовите на европската колонијална политика

29.08.2016 12:20
Нашите тела ги помнат гревовите на европската колонијална политика

Со Светлана Слапшак разговара Саида Мустајбеговиќ

Дваесетте години издавачка дејност на Српското културно-просветно друштво „Просвета“ се обележани со низа интересни изданија. Едно од нив е книгата„Да се преживее и да се ужива: за антропологијата на храната – есеи и рецепти“ на антропологот Светлана Слапшак. Авторката на многу начини во книгата покажува – „раскажува“ како пазарите се слика на општеството, колку храната е идеолошко средство, колку често сеќавањето на пријателите или роднините го евоцираме преку рецепти и како на тој начин ги носиме пријателствата и трансгенерациски ги пренесуваме низ животот.

Посебен аспект на книгата е политичкиот фактор на храната. Докторот на науки Светлана Слапшак многу години била вработена на Институтот за книжевност и уметност во Белград, била претседателка на Одборот за слобода на изразувањето на Здружението на писателите на Србија. До неодамна била координатор и декан на студиските програми на постдипломскиот факултет за хуманистика во Љубљана. Директорка е на Српскиот културен центар „Данило Киш“ во Љубљана, директорка на Институтот за балкански и средоземни студии и култура во Љубљана.

Има објавено повеќе од четириесет книги и зборници, многубројни студии и есеи, еден роман и преводи од многу јазици. Нејзината неодамна објавена книга во Сараево ќе биде промовирана на 29 септември во рамките на Сараевските денови на поезија. Промоцијата ќе биде невообичаена: млади поети ќе читаат свои стихови за храната, а студенти по актерство ќе читаат делови од книгата на Светлана Слапшак.

„Храната е субверзивна и власта не може да ја контролира, а идеологиите и религиите не може долго да се држат во кафези: кога-тогаш храната ќе експлодира, поради нееднаквоста, поради претерувањето, а богами и поради неинхибираното уживање“, напишавте во воведот на книгата„Да се преживее и да се ужива: за антропологијата на храната“. Како храната експлодира?

Да кажеме, онака како што „експлодирала“ непосредно пред Француската револуција, или за време на гладта предизвикана од болеста на компирите во Ирска во 19. век, или онака како што со гладта денес политички се манипулира во Африка. Денешното политичко манипулирање со храната во развиениот свет – евтина храна која го скратува животот за сиромашните и скапа здрава храна за богатите, со излудување околу храната во медиумите и секаде (реклами, агресивно наметнување модел на живеење) – доволно јасно покажува каде би можело да експлодира денес. И притоа, ужасот на изгладнување на поголемиот дел од населението во светот...

На сите би морало да им стане јасно дека новите политики за спасување на човештвото мора да се потпрат на минимализам и најосновни цели, значи одржување и продолжување на животот. А тоа истовремено е основа на која идеологиите, големите планови или користољубивата отсутност на големи планови тешко успеваат. Тоталитаризмите во своите нови појави и неолиберализмот не можат да се носат со минималистичката политика – која бара многу лично откажување и непрекинато, никогаш предадено почитување на човековите права и обѕир кон сите форми на живот.

Во Вашата книга велите дека европската кујна не се сменила во својата суштина ако од неа се извадат компирот, пченката и доматите – како и зошто?

Европските тела го носат сведоштвото на колонијалната агресија – нашите тела со шеќерот од шеќерната трска, компирот, пченката, чоколадото, кафето и тутунот станаа поинакви – пред сè поголеми. И притоа европските кујни уште и се гордеат со овие состојки во „своите“ национални кујни... Она за што јас пишував е дека помалку или повеќе сè во храната е заменливо, односно дека нема ништо потенцијално постојано и ништо „наше“ – никаде. Нашите тела ги помнат гревовите на европската колонијална политика... со попаметно мислење за храната, врз основа на еднаквоста и човековите права, замислувам како храната постепено би се насочила во добро планирано, испитано и правно уредено вегетаријанство, со обезбедени протеини за оние возрасти и популација кои не можат да одговорат на барањата на некој урбан new age. Пред сè мора да се уништи индустријата за производство на месо, која сурово ги убива животните, ја уништува околината, ја труе за идните генерации и уште и произведува храна која за луѓето е едноставно опасна и со сигурност им го скратува животот. Но во таква – засега сосема утописка идеја – не е лошо да се знае од кого што сме украле ние Европјаните и како...

Кажувате и како настанала пицата и некои други јадења, но и нагласувате дека денес многу работи се користат како здрави, а всушност не се. Спомнав дека пицата ја вбројуваме во она што се нарекува fastfood која ја обвинуваме за дебелеењето од кое денес страдаат сè повеќе луѓе. Што се сменило кај луѓето па храната стана и болест?

Уличната храна несомнено потекнува од антиката, од големите градови околу Медитеранот, а најпозната ни е онаа во најголемиот и најславен град – Рим. Делењето храна на оние кои не можат да ја произведат, значи на сиромашните луѓе во градот, било основа на римската политика – смирување и договор место демократија. Ние денес живееме во т.н. парламентарни системи, кои се продолжение на таквата демократија – но веќе нема ни договор ни делење храна... напротив, храната е еден од начините како да им се скрати животот и да намалат можностите на сиромашните, и тука високо процесираната индустриска храна има клучна улога – наместо, да речеме, да ја намалува гладта во светот.

Поткупувањето на плебсот со храна и игри во античкиот Рим го чува стариот обичај на делење на жртвата на сите учесници на ритуалот и некој рудимент на демократијата – атинската демократија – во која сиромаштијата не била презирана туку почитувана, и во која и рамноправната поделба на храната се појавува како легитимен политички проект – на пример во комедиите на Аристофан. Во античка Атина на симпосион, организирана гозба со пијанчење, се доаѓало со кошница – прилог. Сиромашните и си оделе со полна кошница, а името паразит, кое денес има само негативно значење, го именувало оној кој не може да произведе свое жито, односно своја храна.

Со политиката на храната денес се произведуваат тела: дебели во развиениот, слаби во неразвиениот свет. И на едните и на другите им се подготвува брза смрт. Мислењето дека тоа се решава со „здрав живот“ е заблуда, која ја негуваат во метастазите на капитализмот, нашиот животен простор: основата на новата идеја за „здрав живот“ е таа да се обезбеди за другите, не да се голтне мамката и не да се работи само на себе.

Во минатото секоја „сериозна“ домаќинка имала готвач, а пред тоа тетратка со корисни совети и рецепти. Сега е поинаку – советуваат телевизијата и интернетот. Дали тоа има влијание врз исхраната на обичниот човек?

Мислам дека немате право – книгите за готвење најдобро се продаваат, тоа јасно го гледам во Словенија. Тие се еден од новите знаци на престиж. Тоа не значи дека во Словенија помалку се чита – напротив, постои одлична мрежа на јавни библиотеки, и книги кои вредат се позајмуваат за да се прочитаат. Големите готвачи од минатото, кај нас познатиот Патин готвач, со своите разни изданија се драгоцено сведоштво за мојата област на истражување, историската антропологија.

Достапноста на телевизијата е главно општа. Интернетот им припаѓа на помладите генерации. Успехот на телевизиските кујни е во неприродната врска со reality-show системот, и тука земаат замав суетата, машката агресивност, разни видови психички пореметувања – и признавам, малку добро готвење одвреме-навреме. Влијанието на ваквото прикажување на готварските вештини е клучно повторно за помладите, без оглед на триковите и повременото прикривање на неумешноста на готвачите на екранот...

За книгата за готвење „Југословенска кујна“ напишавте дека била утописка во времето кога е објавена на македонски јазик во 1983 година. Колку книгите за готвење може да ни „раскажат“ за политичката антропологија на времето кога се запишани?

Примерот кој го споменав, Патиниот готвач, е сосема добар извор на информации: описи на кујната, резервите кои се препорачуваат, организацијата на просторот, времето, улогата на жената – сè тоа се чита во готвачите. Хронолошки може да се одреди промената во начинот на исхрана кој го извршила социјалистичката власт во склад со тогашните достигнувања на меѓународната нутриционистика – преминот од свинска маст на масло за готвење, важен за континентална Југославија.

На многу сличен начин записот на римскиот легендарен готвач Апикиј сведочи за времето и приликите на запишувачот – ран Среден век, некаде во Европа, веројатно во манастир... во тие податоци треба со многу знаење и извори да се направи обид да се прочита она што останало од античката римска кујна. И конечно, тетратките со рецепти на нашите баби и мајки и воопшто постарите жени – златен рудник за историската антропологија! Еден таков пример имам во книгата која штотуку излезе во Сараево, Да се преживее и да се ужива: од историската антропологија на храната, СПКД „Просвета“.

„Мешано месо“ е поим кој во сосема различни контексти го користите во есеите: во еден случај го користите за европската бегалска криза, а во друг токму пишувајќи за различните кујни и нивното влијание. Може ли токму со гастрономијата да се раскаже светската демографска историја?

Секако дека може: тоа е извесно еден од пристапите на микро-историјата, поглед од секојдневието, кој некогаш е позначаен од хронологијата на кралевите, битките и црквите, затоа што ги објаснува длабоките општествени текови и промени, невидливи во официјалните документи, во високата академска продукција и во училишните учебници. Еколошките катастрофи, како што е претераното пасење на овците, во првиот век од нашата ера голем дел од северноафриканските полиња ги претворила во пустината која ја знаеме; загревањето на планетата веќе темелно ја менува арктичката демографија, гладта во Африка, делумно заради сушата а делумно заради политичките манипулации предизвикуваат преселби на народите, кои во Европа кратковидо ги нарекуваме бегалска криза, војните во Мала Азија произведуваат, и заради недостаток од храна, слични демографски промени. Демографските промени предизвикани со економската криза – која самата е вештачки предизвикана – се гледаат на толку мал простор како што е Грција: нови структури на урбаниот и руралниот простор, нови обичаи, нови форми на набавка на храната, со пораст на самоубиствата...

Токму бегалците често се мета на напади во чија заднина е отпорот кон другиот и поинаквиот. Можеме тоа да го наречеме секојдневен фашизам, а прашањето е дали тој постои отсекогаш?

Јас тоа го нарекувам наци-фашизам, и појавата е јасно историски дефинирана. Да не се залажуваме со „вечноста“ на човековата природа – таа се менува уште со донесувањето на нова храна од друг континент! ЕУ е основана за да се спречи нова војна односно нов наци-фашизам, а не заради јаглен, челик и кражба на нафта... денешните политичари на ЕУ да ги потсетиме на тоа! Преселбата на народите е сериозна работа, можам да разберам зошто застоената политичка памет сè уште тоа не го сфатила. Можат ли европските и другите граѓани конечно да ги кренат главите? За мене тоа е прашањето.

Слики:
Непознат фламански сликар, 17 век; Богат и сиромав - Леб и Без леб
Питер Бројгел, Селска свадба, 1657
Давид Тениерс Помладиот, Месарница, 1642
Пол Гоген, Жена држи овошка, 1893

Извор: Ал Џезира