Седум совети за полесно учење

30.08.2016 10:23
Седум совети за полесно учење

Читалната

Испитниот рок е во тек и просторот е преполн со студенти. Лево од вас седи момче кое нервозно тропка со молив. Десно е долгокосо момче кое подолго време дреме над книгата. Напред, во десниот агол, две девојки тивко дискутираат за некоја болест на централниот нервен систем. Одеднаш, забележувате дека веќе половина час не сте ги погледнале своите белешки и дека сè останато повеќе ве интересира од она што го учите.

На влезот од читалната наидувате на колега кој разговара со две девојки. „Како му успева кога постојано е со друштво?“. Помалку разочарани излегувате надвор. Утредента дознавате дека колегата положил со десетка иако остатокот од групата поминал мошне лошо. Се чувствувате уште полошо, се прашувате кога и како успеал да го подготви материјалот. Како и самите да постигнете толку добри резултати со таква леснотија?

Избравме неколку одговори на овие и слични прашања за учењето, за најдобрите методи и фактори за негово подобрување и како процесот на учењето да го направите поинтересен.

Избирајте го времето за учење

Научниците од Истражувачкиот институт Ротман, во Торонто, тврдат дека возрасните личности имаат „утрински мозок“. Резултатите од истражувањето кое е спроведено на личности помеѓу 60 и 82 години, покажаа дека во периодот од 8:30 до 10:30 и помеѓу 13:00 и 17:00 имаат подобар фокус и поефикасни се во решавањето на мемориските тестови. Од fMRI снимките утврдено е дека нивниот мозок од 13:00 до 17:00 часот е во таканаречена вообичаена состојба, која инаку е поврзана со попладневната дремка.

Исто така, друга студија покажа дека девојките од 16 и 17 години имаат подобри резултати на тестовите спроведени во 15 часот отколку на оние од вечерните часови. Но, вештините кои бараат подобра моторика полесно се развивале ако вежбале ноќе.

Невена Буѓевац, доцент на Учителскиот факултет во Белград и член на Лабораторијата за експериментална психологија на Филозофскиот факултет во Белград, смета дека квалитетот на учењето во голема мера зависи од тоа колку сме одморени кога учиме, односно каков е квалитетот и интензитетот на нашето внимание.

„Се разбира, степенот на замор зависи од бројни фактори, но кога зборуваме за биоритамот, зборуваме за тоа дека некои луѓе се 'ранобудници', и наутро се во 'подобра форма', додека има и такви на кои им е тешко да се концентрираат рано наутро, но затоа се попродуктивни во попладневните и вечерните часови. Многу е важно да се усогласи времето за учење со времето во кое се чувствуваме најпродуктивни, зашто ќе бидеме во можност подобро да се концентрираме“, додаде таа.

Преслушувајте се

Повторувањето е еден од најинтересните, но многу важни делови на учењето. Многу е важно тоа да биде продуктивно, а самиот материјал претходно да биде добро осмислен.

Џефри Карпикар од Универзитетот Перди, Вест Лафајет, во Индијана, го испитувал значењето на преслушувањето за време на учењето. Тој им дал задача на студентите да научат 40 зборови на јазикот свахили. По завршувањето на тестирањето се покажало дека оние кои се преслушувале додека учеле, запамтиле 80 проценти од зборовите, а останатите, кои се обиделе да ги запамтат зборовите само со читање, успеале да репродуцираат само 36 проценти од материјалот.

За овој метод да биде поуспешен, корисно е за време на учењето малку повеќе да размислувате за лекциите кои треба да ги совладате и потоа да составите листа со прашања кои ќе ги опфатат сите нивни важни делови. Кога ќе успеете да дадете целосни одговори на прашањата, може да се каже дека сте го совладале материјалот. На тој начин се постигнува и систематичност на наученото.

Нејт Корнел од колеџот Вилијамс, Вилијамстаун, Масачусетс, и неговите колеги откриле дека за памтењето информации позначаен е процесот за нивно присетување отколку самото репродуцирање. Ова, помалку изненадувачко откритие најавува дека треба уште многу да откриеме за мозокот и потоа повторно да размислиме како функционира нашата меморија.

Користете ја моќта на пасивното учење

Дали некогаш сте сфатиле дека едноставно го знаете текстот од некоја песна иако претходно само случајно сте ја слушнале во некоја најава на телевизија, радио или додека сте ги извршувале секојдневните активности.

Група волонтери учествувале во експеримент во кој требало да вежбаат разликување звуци со слични фреквенции. Втората група имала иста задача, но дел од времето поминала вежбајќи активно, а остатокот слушајќи мелодии додека извршувале писмена задача. Резултатите што ги постигнале на испитувањето биле приближно еднакви, но само во случајот каде пасивното учење се одиграло 15 минути по активната сесија. Сите ефекти ќе биле целосно изгубени ако пасивниот дел почнел повеќе од четири часа по завршувањето на активното учење. Беверли Рајт, од Северозападниот универзитет во Еванстоун, Илиноис, смета дека активниот трегнинг го доведува нервниот склоп задолжен за одредени задачи во поволна состојба за пасивно учење.

Во 1965 година било спроведено истражување со кое се истражувала ефикасноста на учењето при поделбата на вниманието на повеќе извори на информации. Секој учесник, додека слушал неповрзани зборови кои требало да ги запамти, морал да групира картички на одреден начин. На крајот од задачата се покажало дека количината запамтен материјал опаѓала со зголемувањето на сложеноста на групирањето.

„Ваквите ситуации може да ги поврзете со оние во кои учите гледајќи телевизија, кога во секој момент се појавува нешто што ви го привлекува вниманието и потоа, дури и кога не гледате во телевизорот туку во книгата, всушност следите што се прикажува таму, за што се зборува, размислувате за она што го слушате, а особено ако тоа ви е поинтересно од она што го учите!“, вели Невена Буѓевац.

Учете во групи

Сè е многу поедноставно во друштво, па зошто тоа да не важи и за учењето.

Сандра Мегваер, асистент на проректорот за учење и предавање на државниот Универзитет Луизијана, и добитникот на Нобеловата награда за хемија Роналд Хофман, тврдат дека ефикасното совладување на материјалот лежи во повременото учење во групи. Оптимален број луѓе во текот на учењето е, како што велат, од три до шест, а дискусиите и процесите за решавање на задачите се два клучни елементи за продуктивна заедничка работа. На овој начин, разменувањето информации, но и меѓусебното задавање тестови можат да им помогнат на студентите полесно да ги подготват испитите и едни со други да си ги посочат пропустите, кои, можеби ги направиле во текот на самостојното учење.

„Овој метод функционира уште подобро доколу се обидеме материјалот да му го објасниме на некој што воопшто не знае за што станува збор, затоа што така ќе имаме можност да согледаме колку нашите објаснувања на материјалот се навистина прецизни – ако некој што не е во тек може да нè разбере, тогаш сме на добар пат“, додава Буѓевац.

Секако, индивидуалната работа тешко може комплетно да се замени со овој метод, но меѓусебните консултации и различните пристапи на поединците со ист проблем можат многу да им бидат од корист за полесно памтење и постигнување добри резултати.

Затоа, што побрзо пронајдете некој што го учи истото како вас, па консултирајте се со него и споделете ги своите претходни и нови знаења, но и дилеми кои треба да ги разрешите. Ќе видите дека исходот ќе биде поволен за сите.

Учете држејќи предавања

Во текот на своето школување веројатно повеќепати сте добиле совет дека е многу корисно да се присуствува на предавањата заради полесно разбирање и памтење на материјалот. Но, лекциите што сте морале да ги подготвите за самостојна презентација многу подолго ви останувале во сеќавање од останатите.

Истражувајќи го овој метод, Нејт Корнел на студентите им дал задача да научат извадок од текстот The Change of the Light Brigade. Пред почетокот на учењето првата група била известена дека добиениот текст подоцна ќе мора да им го раскаже на останатите, додека на втората група ѝ било соопштено дека на крајот ќе бидат тестирани. По проверката на учесниците, се покажало дека студентите од првата група запамтиле многу повеќе детали и дека нивното знаење било подобро организирано.

Резултатите од експериментот зборуваат дека, ако за време на учењето се преправате дека предавате, материјалот ќе го научите подобро и со разбирање. А, секогаш кога ќе успеете сами да го разјасните проблемот со свои зборови, неговото решение ќе остане подолго во меморијата.

Зошто да не се обидете сами да си бидете професор?

Правете кратки паузи

Правењето паузи за време на учењето и тоа како е корисно за памтењето. Успешниот, претходно споменат колега веројатно веќе знае многу за тоа.

Лила Давачи од Универзитетот во Њујорк ги скенирала мозоците на луѓето кои гледале одредени фотографии, а, тие, потоа требало да го пуштат мозокот на пасење. Подоцна на снимките се покажало дека за време на одморот била зголемена активноста во хипокампусот, кој е поврзан со памтењето, и во „регионите за размислување“ во кортексот. Поголемата активност во двата региони била сразмерна со бројот запамтени фотографии.

Давачи, врз основа на добиените резултати, смета дека за време на учењето здодевен материјал, како што се историските датуми или дефинициите, може да помогне правењето кратки паузи.

Препорачливо е во просек на секој час да правите паузи од три до пет минути, кои можат да ви помогнат да ја вратите моментално опаднатата концентрација. Исто така, не е добро во текот на учењето одредена целина да правите долги прекини, затоа што на тој начин премногу ќе се опуштите, а повторното концентрирање ќе трае многу подолго.

Забележувате дека не е толку лошо повремено да направите кратка пауза со своите колеги, а тоа може и времето поминато во учењето да ви го направи поинтересно.

Учете едноставно

Секој од вас барем еднаш бил во ситуација да биде разочаран од резултатите од некој тест или едноставно никако да не може да седне и да учи. Ако сте во таква ситуација, не очајувајте.

Последно што тогаш смеете да го направите се самопрекорувањето и обесхрабрувањето. Мајкл Вол, од Универзитетот Карлтон во Отава, Канада, во текот на истражувањето со својот тим открил дека студентите кои себеси си го простиле големото одложување на учењето, во следните рокови постигнале многу подобри резултати од оние кои премногу се осудувале. Вол смета дека простувањето е многу важно за отфрлање на негативните ставови за себеси, а со тоа и за поттикнување на напредокот.

„Учењето бара многу самоконтрола, која е како мускул“, вели Рој Баумајстер, од Државниот универзитет на Флорида. „Колку повеќе ја практикувате, толку е посилна.“ Неговите истражувања покажаа дека со вежбањето на самоконтролата на едно поле таа може да зајакне и во други области.

За да ја спречите дополнителната демотивација, важно е да се прави и план на учење. Кога немате план, почетокот на учењето можете да го одложувате до недоглед, а потоа да правите разни отстапки во самиот процес на учење. Лошата организација предизвикува неадекватно користење на времето, а тоа доведува до лоши резултати. Лошите резултати, пак, предизвикуваат негативни емоции и дополнително го отежнуваат учењето.

Затоа, сега испланирајте го денот и во своите активности за учење вклучете и паузи. На сето тоа додајте му малку мотивација и волја и ќе видите дека ефектите од ден на ден ќе бидат сè подобри.

Извор: Елементи

ОкоБоли главаВицФото