Зелена револуција

31.08.2016 01:40
Зелена револуција

Биодиверзитетот претставува единствен природен ресурс од кој градот ја регенерира својата енергија и заштита, од каде се црпи квалитетот на формалното секојдневно живеење.

Вегетацијата е потребa како за природна заштита (имунитет), така и за развојот на секој град, особено за типови на градови како Скопје, кои немаа изразита и тврда урбана лектура.

Скопје од пред земјотресот е со класична поставеност на пополнето ткиво, каде по природната катастрофа тоа драстично се променува. Делумно и заради сосема новиот концепт во неговата тогашна обнова, делумно и поради системот од кој е затекнат. Празните површини кои се оформуваат заради зададениот специфичен тек на изградба се запуштени и диво обраснати, затоа што тогашниот замислен просперитет доживеа колапс.

Околу 90-тите години, додека имаше каква-таква дебата за развојот на центарот на Скопје, околината на плоштадот беше заобиколена од урбана шума. Празна ширина од спонтано зеленило. Бујно исполнета празнина во отсуство на каква било симболика или идеологија. Најмногу беше обрасната со листопадни дрвја, со високи крошни кои долго време вегетираа и се оформуваа. Тука спаѓаа липите, оревите, дивиот костен, багремот, јаворите и многу други дрвја кои беа до толку израснати, што нивните корења го кршеа дури и бетонскиот плочник. Создаваа драматични тотални сенки кои ги криеја бруталистичките бетонски градби во втор план и живописно ги менуаваа боите низ годината, адаптирајќи се на скопската континентална клима. Се развиваа и во континуитет, паралелно со речното корито по Вардар чие пространство беше поврзано сè до градскиот парк.

Денес, таа празнина се здоби со исконзумирана реторика и создаде корумпиран хаос и околен пустош. Не се поштеди ниту една празнина, се пополнија со насилна узурпација. Еве, крајот го дочекуваме со панорамското тркало.

Од денешна гледна точка, доволно ќе беше по самото осамостојување тогашните општини само да го редефинираа и средеа затекнатото запуштено зеленило и да го разграничеа со добар и современ партер, и Скопје ќе блеснеше во најубав сјај. На тој начин ќе го заштитеа и градот од грдата иднина што му претстоеше. Но тоа е тој недостаток на визија од која и денес сè уште патиме. Наместо тоа, знаеме како сиот тој простор ни се украде пред очи и сега ќе мора да се соочуваме со несаканите последици од тоа. Пример за горенапишаното е веб платформата skopjeraste.mk, каде постои опција која може да ни го спореди развојот на зеленилото од 90-тите години па сè до крајниот ДУП кој нè очекува во 2020 година. Ќе забележиме колку тоа е очајно, а како времето проаѓа, станува и запрепастувачко.

Се дивее против сè што е природа, се уништува дури и надвор од своето протегање кон падините од другата страна на Водно, Аеродром, Карпош... Сега се свестивме и за обиколницата. Со самото тоа ги изгубивме метеоролошките и климатските параметри. Го немаме веќе тој единствен природен филтер кој би требало да ги намали енергетските трошоци на околните згради, кој апсорбирa СО2, ги филтрира микрочестичките кои се наоѓаат во атмосферата, ја намалува урбаната врева, нè штити од сончеви зраци и ветришта, произведува кислород и влажност... Таа биоклима, тој уништен еколошки систем од различни типови вегетација креира и хабитат кој е колонизиран од птици и инсекти. Една мрежа на природни ходници кои ги поврзуваат природните паркови, зелените пространства и сета околна спонтана вегетација која сега исчезнува од градот.

Цели кубови од градот се опустошија почнуваќи од годините на оваа полудена власт, иако истото започна и пред тоа со помал интезитет. Од 2006 година па наваму е исечено речиси целото постоечко зеленило покрај Илинденска, Климент Охридски, Орце Николов, Градски ѕид, дел од зеленилото кај Музејот на современа уметност, универзитетот. И зошто сето тоа? Зарем сè уште ќе им го дозволуваме ова? Треба ли да се организираме со една поинаква, Зелена револуција?

Додека ние природно осиромашуваме и осакатуваме, ширум планетата се водат строги политики за радикално зазеленување и самоодржување како принцип. Тоа се води во континуитет, од самиот зачетокот на првите зелени градини од минатиот век, но и следователно потоа, кога несразмерно урбаното почна да го троши руралното и земјоделското земјиште. Во последните години до толку се искомплицира тој сооднос, што мораше да се радикализира сето тоа зеленило, дури и насилно да се вметнува преку слоганот на смарт-градовите.

Еколошки чистиот град е сè уште наше загарантирано право. Тоа ни е потребно за нашата иднина, каква и да биде. Лично се напативме, а бевме и сведоци на планско уништување на зеленилото, шпионски, под заштита на МВР и тоа во доцните ноќни часови. Иако се оформи и активизмот преку Паркобраните, не успеавме да се избориме и да го зачуваме градското јадро на почетокот, а еве сега гледаме што се случува и надвор од градот, од тие апсурдни и штетни и непрофесионални градби и инфраструктури. Затоа, кога-тогаш ќе мора да одговараат.

Дојде време кога веќе мораме да дејствуваме, да размислуваме за враќањето на изгубените зелени пространства, во склоп на пропаднатото Скопје. Ќе мора да се избориме за постепено елиминирање на грдите зданија од овој физички кошмар и отварање на простор за да може повторно да озелени.

Државата во континуитет форсира настани како денот на дрвото и пошумува со стебла, правејќи се наудрена за сето тоа што му го стори на градот. Со бараните промени ќе мора да се преиспита оваа фарса и квалитетно да се пренасочи во позитивна насока и од целокупниот труд да добиеме корист во враќањето и озеленувањето на градските четврти.

Решението може да биде и во пакет со целокупното уништување на барокниот стиропор, токму преку најразлични видови садници и растенија кои природно ќе ја деградираат таа евтина граѓа за корупција и ќе доведат до постепена демонтажа на тој градежен отпад, каде зеленилото повторно ќе го заземе својот тек. Тоа може да се успее преку култивирање на помалку значајни садници како колоритни ползавци од типот на Хедера и билки и растенија како лавандата, преку чие експериментирање може да се потикне биолошката деградација. Тоа се билки кои не успеваат во нашата континентална средина (повеќе се од медитеранскиот дел) и некаде помеѓу пролет и лето можат да изумрат ако не им се прилагоди хумусната земја и не се одржуваат. На тој начин при почетокот на есента, ветерот може да ја разнесе исушената лаванда и да го освежи (обои во виолетово) и замириса сивото и тмурно Скопје, да ги уништи молците и сè што е уште закоравено во градот. Зелените жили на полавецот ќе ги деградираат и раззеленат грдите фасади, лажните инфраструктури, паркинзи и тркала, и на тој начин Скопје ќе биде многу поспремно за новиот тек што го очекува.

ОкоБоли главаВицФото