Херој: со 3,4 промили алкохол успеал да го однесе семејството дома!

31.08.2016 11:02
Херој: со 3,4 промили алкохол успеал да го однесе семејството дома!

Скопје, 31 август 2016

Кога Златко Крстевски (42) во понеделник навечер со своите пријатели отишол во кафеана, воопшто не се надевал дека ќе стане херој. Се однесувал како и секоја друга вечер, наздравувал со пријателите, се присетувале на разни анегдоти и ова би било уште едно сосема обично дружење во кафеана, ако во еден миг не му се јавела сопругата Весна, која со трите деца била на гости кај кумата и го замолила да дојде по нив.

Златко вели дека еден пријател му рекол „дали си нормален да возиш вака пијан“, но дека тој бил одлучен во намерата да му помогне на своето семејство.

„Во животот е најлесно да се откажете и свесен сум дека повеќето луѓе на мое место би решиле да не возат после толку ракија и пиво, но ако животот ме научи нешто, тоа е дека упорноста и тешката работа на крајот секогаш се исплатат“, ја почнува својата исповед херојот за кој Скопје зборува цел ден.

„Жално е тоа што ни мојата сопруга не веруваше во мене. Штом со децата влезе во автомобилот и почувствува мирис на алкохол, почна да вика да застанам, дека ќе си оди пешки, но нема сомнение дека тоа дополнително ме мотивираше да докажам дека можам совершено безбедно да возам, без оглед на тоа колку сум испил претходно“, вели Златко Крстевски и напоменува дека посебно го погодило тоа што ниту неговите родени деца не верувале во него, а најстарата ќерка дури почнала да плаче и да го моли да ја запре колата.

„Би лажел ако речам дека не помислив да се откажам, посебно кога на третиот километар повеќе не ги чувствував нозете и кога сфатив дека видот ми е поматен, дека сè гледам дупло. Немав ни воздух, чувствував како се гушам, желудникот ми се превртуваше, а цело време си велев во себе: Издржи! Можеш ти! Каков пример ќе бидеш за децата ако се предадеш“, открива овој херој.

Тој вели дека се надева дека неговиот подвиг ќе инспирира и други возачи да веруваат во себе, без оглед на тоа колку испиле претходно. Својот најголем успех до сега му го посветува на семејството, кое и понатаму е во шок и одбива да разговара со него.

Извор: www.njuz.net