„Тело“ без мозок

01.09.2016 00:14
„Тело“ без мозок

1.

Ако е точно она што Ризаов го раскажува околу неговите „приклученија“ во Избирачкиот список, а немаме сериозна причина да не му веруваме, тогаш ние не ги исполнуваме условите ни да имаме држава, а камо ли да организираме фер и регуларни избори. И ако толку време плаќаме шушумиги кои себеси, а и по партиска линија, се нарекуваат експерти, и тоа ги плаќаме безмалу со суво злато во споредба со просечните примања на луѓето во оваа држава, а тие, да простите, се заебаваат или нè заебаваат уздуж и попреку, тогаш сме зрели и за психијатриски проценки. Сите, топтан! (Тие – не, тие се изгледа и најпаметните овде!) И згора на сè, се надеваме дека некакво „тело“ ќе ни ги реши проблемите со медиумите? Барем привремено? А кога тоа, и каде, „тело“ без мозок, решило некаков проблем? По таа логика и ДИК има тело, ама мозокот – каде е? Го оставаат дома, во тегла, ако воопшто и има што да остават?!

Затоа денес или утре, некој може и да запне дека сме исполниле којзнае какви услови во не знам какви области и дека сме зрели за избори. А сите ќе знаеме дека сме зелени – не во онаа убава еко смисла – или сме зрели, ама за фајронт, за банкрот!

Впрочем, и оној - ај да не речам што - од Агенцијата за кризи констатираше дека се исполнети условите нивните екипи да се повлечат од кризните подрачја околу Скопје. Ама прашајте ги жителите на Стајковци, Ченто и остатак света? Или, не мора да ги слушате нив, доволно е да ги видите снимките од тоа „лице место“. И тоа се исполнети услови? Или тоа се добри, исполнети услови, ама за тие луѓе?

Или, ако некој сака ама баш целосно да се убеди дека ништо не е сменето, нека ја послуша минутка-две расправата по комисиите во Собранието за ребалансот на буџетот. И тоа се сменети услови, подобра атмосфера за работа, та дури и за избори?

2.

Или, можеби, видовме некакво сменето поведение на властодршците, на институциите, на сите оние шапшали кои цела деценија ни дефилираа низ животот убедувајќи нè колку ни е добро и колку сме среќни? Она помпезноно министерче за надворешни работи, што смени тоа во неговото однесување? Или оној МВРО? Или Димето? Да не се смени нешто во образованието а јас да сум го преспал? Освен, вистина, во финансиите, што си отиде оној шутракон љубител на чоколадо, а на негово место дојде нов токмак со исти афинитети за слатките работи од задолжувањата. А Хорхе? Смени ли тој нешто, исполни ли некаков услов? Барем условот да замолчи до истекот на мандатот, за што имаше сеопшт консензус во државава?

Не знам според кои параметри денес, утре или задутре, некој ќе проценува дали, и колку, се исполнети условите за крај односно за некаков нов почеток во оваа не знам како да ја наречам творба. Можеби тие имаат нивни параметри невидливи за нашите очи, или невидливи само за моите очи?

Но, да се вратам на „телото“, или „телата“: според кои искуства, според кои и чии параметри од нив толкави очекувања? Малку ни е искуството со „телото“ наречено ДИК? Впрочем, колку вакви „тела“ имавме до сега, за разни горливи проблеми, да не речам скандали во творбава, почнувајќи од оној 24 декември наваму? И упорно очекуваме „телото“, без учество на мозокот – зашто го нема или отишол на зелена паша – да ги реши проблемите. Каде, кога и кои тоа проблеми ги решиле „телата“? Безмозочните „тела“ правеа сè проблемите да останат, по потреба да се трансформираат во „тоалетна хартија“, или да се модифицираат ако веќе не може да се множат, што би било најдобро за нив. Зашто повторно „телото“ би било во функција!

3.

Телото, човечкото, се разбира, е еден од најсложените механизми во природата. Дури и кај животните. Па и во демократиите! Ама телото е дисфункционален механизам ако го нема „инокосниот“, раководниот орган – мозокот. Дури и кај животните, колку и да е мал, неразвиен или недоразвиен. Дури и во демократиите, па нека се и „демократии“ како нашава, каде дури и минимално количество сива материја би се покажало добредојдено. Ако ништо повеќе таа сива материја дава команди, вакви или онакви, најчесто функционални. Ние успеавме да измислиме тела без мозоци и да ги промовираме во омилено решение за сите проблеми! И ги множиме, ги штанцаме како на фабричка лента, давајќи им секакви надлежности и чекајќи ги да ни ги решат работите. Како и ова последново, згора и помпезно наречено ад-хок „тело“! Без ад-хок мозок!?

Наместо да бараме врати што можат да ни се отворат, ние стоиме пред затворена, очигледно замандалена врата чекајќи помош од телата без мозоци! И вратите никогаш нема да се отворат зашто не добива соодветна, таква команда. Напротив, добиваат сосема спротивни, инстинктивни или нагонски команди за самоодржување, да ја држат вратата уште поцврсто затворена. И нас, со нив малоумни или безмозочни, да нè држат во оваа творба.

Затоа, утре или задутре, можеби ќе нè убедуваат дека навистина нешто се сменило, дека некои услови навистина се исполниле, ама тоа ќе биде само продолжеток на десетгодишниот сон на оваа фајронт држава. Зашто не може ништо да се исполни, уште помалку да се смени од „тела“ без мозок. Додека таа направа не ја ставиме во функција, ќе немаме ни услови, ни држава. За избори муабет да не правиме. А впрочем, кога пак за избори бил потребен мозок? Та нели и тоа, сосема во академски стил, неодамна јасно ни го посочи академик Тополињска?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Метју Квик