Зошто е важно да се дискутира за усташите и партизаните?

01.09.2016 02:00
Зошто е важно да се дискутира за усташите и партизаните?

Пораките кои, меѓу другите, ги испраќаат одредени вундер-претприемачи, рапери, филмски режисери и други, одлучно добиваат карактер на наговарање на конструктивен заборав, при што излегува дека токму тој дискурзивен вишок јавна дискусија за периодот на Втората светска војна е она што ги кочи силите на прогресот, кои во нивната концепција се поставени на шините на иноваторско-инвестицискиот нексус под императивот за раст на БДП, со акцент на пазарната валоризација на културата и самоидентификацијата преку котирање на сопствениот човечки капитал на глобалните берзи на трудот.

Незадоволни од вакуумот кој се темели на премолчување на историските факти во налетот на јакнењето на ревизионистичката хегемонија, а со тоа и на колективната амнезија во соочувањето со барањето за контекстуализација на улогите на страните кои се во конфликт и неподготвени, божем зрело, да го исполниме со идеолошка содржина прокапиталистичкиот центар, одлучивме на оваа проблематика да ѝ вдахнеме нов живот. Прашавме неколку личности, кои во својата активистичка, медиумска, историска и теоретска работа веќе се занимавале со темата за придонес кон дебатата за смисленоста на дискусиите за усташите и партизаните, имајќи на ум дека антифашизмот како вредност и актуелен извик при политизацијата на културната, активистичката, синдикалната и сцената на цивилното општество нема шанса за опстанок доколку и понатаму се занемаруваат класните односи и политичките содржини кои лежат во темелите на антифашистичката борба.

Адолф Хитлер го дочекува Анте Павелиќ во текот на неговата државничка посета на Бергхоф, 9 јуни 1941 година.

Даниел Шврака: Важно е да се дискутира за минатото генерално, па така и за периодот на Втората светска војна. Но, за навистина да сфатиме зошто, најпрвин е потребно да се дефинираат одредени поими кои можеби ѝ изгледаат збунувачки и непотребни на пошироката јавност. Минатото не е исто што и историјата, освен само можеби во најширока колоквијална смисла. Стручната терминологија со добра причина ја одржува разликата помеѓу објективната мината реалност (минатото) и обидите за нејзина реконструкција или интерпретација (историјата). Без оглед на потенцијалните позитивни фактори како релативно кратката временска оддалеченост, големиот број интервјуирани сведоци, високата плаузибилност на поновите искази, обилната количина материјални докази и, генерално, квалитетно спроведеното истражување, секогаш ќе постои одредена несогласност меѓу она што се случило и приказните за тој настан или период кои сме успеале да ги составиме од достапните извори. Таа приказна може да се менува или збогатува, следејќи го развојот на новите методи и техники кои со текот на времето стануваат подостапни. Но, уште почест случај е темите од модерното минато, заради варирачката политичка клима и интересот, во јавноста да го губат својот дидактички и да усвојуваат изразено пропагандистички карактер. Така, довчерашните крвници и губитници наеднаш стануваат жртви и херои. Опасноста во ваквите диви флуктуации на масовната перцепција би требало да бидат очигледни – од негирањето на злосторствата преку апологија на криминалниот систем („НДХ – израз на стремежите на хрватскиот народ“) до делумна или целосна идеолошка рехабилитација има само неколку скали.

Не е доволно дискусијата „за усташите и партизаните“, а всушност за улогата и карактерот на државата и за нејзината класна структура и сопственичките меѓуодноси, да се ограничи на научни симпозиуми и универзитетски кружоци. Темата и понатаму е општествено релевантна, а ќе остане таква сè додека живееме во капитализам. Имено, фашизмот од 20 век, со сите свои национални варијанти, историски се појавил како одговор на една од најголемите кризи во историјата на капитализмот и како антипод на единствениот вистински непријател на капитализмот и фашизмот – меѓународното комунистичко движење. Можеби затоа збунува фактот што фашизмот од 21 век во повеќето земји од светот сè уште само срамежливо ја најавува својата присутност, иако постои потенцијал да се искористи моменталната неорганизираност на левицата. Можеме да погодуваме дали навистина му е потребен силен антагонист со цел да ги надвладее сопствените политички маргиналности (како што беше случај во триесеттите години) или, ex post facto, ќе ни стане јасно дека минатото не се појавува според некој имагинарен автоматизам, туку ги следи сопствените внатрешни механизми, често прикриени со слоеви противречни, амбивалентни и, на прв поглед, безначајни текови на настаните. Со други зборови, иако во моментов не постојат услови за реализација на комплетна рехабилитација на фашизмот, со игнорирањето и негирањето на оваа можност само дополнително придонесуваме за нивно воспоставување.

Четници, домобрани и усташи заедно пијат, 1942 година.

Марко Костаниќ: Првата причина може да се согледа во карактерот на синтагмата што се наоѓа во прашањето и која е врежана во јавната комуникација – усташи и партизани. Таа сугерира дека почетните позиции на тие движења се рамноправни политички и вредносно, што е сосема неприфатливо. Но, нивното „методолошко“ нивелирање не е исход само од ревизионистичките толкувања на Втората светска војна, тоа ја доби својата општествена легитимација четириесет години подоцна – со кризата и распадот на југословенскиот социјалистички проект. Така што, тоа прашање не повлекува само интерпретациски напори во дискусијата за Народноослободителното движење, туку бара и создавање кохерентна лева интерпретација на распадот на Југославија и војните што следеа. Отсуството на кохерентна лева перспектива во согледувањето на тој период е една од причините за доминацијата на националистичката и либералната парадигма чии заложници сме и во актуелните таканаречени културни војни.

Противниците на дискусијата за усташите и партизаните, моментално отелотворени во политичките амбиции на МОСТ и наводно тивкото мнозинство кое само сака да живее подобро, тврдат дека со неа се одвлекува фокусот од реалните проблеми – економијата. Меѓутоа, она што им се провлекува е што токму заради начинот на кој во моментов се води таа дискусија, доаѓа до создавање идеолошка рамка за приказната во која впрочем се занимаваме со економијата, но со неа се занимаваме од онаа страна на поделбите и интересите. Фантазијата за политичко и идеолошки неутрално и стручно решение на економските проблеми во голема мера(ЛИНК) се заснова на наводно залудните и напорни дискусии за идеологијата, поставени од онаа страна на прашањето за материјалните интереси, и во рамки на веќе споменатото препукување помеѓу националистичката и либералната парадигма. Затоа, продуктивната интервенција во дискусијата за партизаните и усташите треба да се заснова на воведувањето таканаречени вредносни или прашања за светогледот во економската сфера, и тоа така што ќе корелираат со спротивставените интереси во рамки на економијата – оние на трудот и капиталот. Ако за ништо друго, тогаш заради едноставниот факт дека зад партизаните и Комунистичката партија (чија улога во таканаречените културни војни, либералната страна системски ја премолчува и така придонесува за ревизионизмот) првенствено се наоѓала идејата за трансформација на економските односи. Без тоа однапред сме осудени на пораз. Не гледам зошто ставот за слободното планирање на заедницата на истополови двојки во поголема мера би бил прашање на светоглед отколку што е ставот за демократското планирање на економијата.

Милена Остојиќ: Навидум трезвената дистанца наспроти таквите историски дискусии и повикот на „насочувањето кон иднината“ ја проверува (секако и идеолошката) безалтернативност на актуелната „постидеолошка“ состојба или бришаниот простор во кој постои консензус околу неолибералните реформи и политиката на мерките за штедење, без оглед на нивните социјални учиноци (со исклучок, ете, само на „синдикатите како најголеми кочничари за реформите“, како што без пардон ги титулираат централните вести). Циничната еквидистанца во однос на двете движења, имплицирана уште во самото прашање, укажува на успехот на ревизионистичката машинерија – без разлика дали станува збор за либералниот наратив за двата екстреми и двата тоталитаризми или неговата опачина, отелотворена во идеологијата за „национално помирување“ или „заедништво“, во која во рамки на нацијата како наводно супстанцијални категории се обидуваат да се помират божем различни светогледи.

Ми се чини дека треба, и тоа повеќе од кога било, „да се разгледа партизанството“ и неговото наследство за општествена еманципација и економска демократизација, па и наднационална и надидентитетска солидарност. Дискусијата „за партизаните и усташите“ истовремено е борба за прогресивното наследство на веќе изборените права, како и за политизацијата на тој историски имагинариум.

Партизани од првата ударна бригада „Браќа Радиќ“ на чело на 10-от корпус влегуваат во ослободениот Загреб, 9 мај 1945 година.

Лука Матиќ: Дискусијата за усташите и партизаните не е само важна, туку таа е единствената важна дискусија. Имено, ниту една дискусија, како и ниту еден општествен конфликт присутен во Хрватска, не отвора можност да се дискутира воедно и за судбината на секој поединец, судбината на општеството, но и за судбината на целиот свет. Исто така, дискусијата за усташите и партизаните не е дискусија за далечното минато, во смисла на виновните и невините жртви, или блиското минато, во смисла на историскиот ревизионизам. Во таа смисла, таа пред сè е дискусија за сегашната борба и посакуваната иднина.

За разлика од другите дискусии што ги водиме – најчесто во одбрана на јавните добра или во врска со човечките права – оваа тема со својот историски опсег овозможува опфаќање на целиот спектар на општествени, политички и економски теми и тоа од перспектива на борбата за укинување на системот на класна доминација. И токму последново е најважното наследство на партизанската борба и темел на кој денес е можно да се гради социјалистичка перспектива.

Згора на тоа, Народноослободителната борба беше дел од епохалниот конфликт кој кој одбележа минатиот век, а кој Енцо Траверсо во книгата Fire and Blood го нарече европска граѓанска војна. Тој смета дека таа војна меѓу другото била конституирана со конфликтот на обесправеното работништво и селанството против дотогашните олигархии и нивните елити. Победата на револуцијата ги промени и оние држави од Европа во кои не се воспоставени социјалистички режими – ги донесе општото право на глас, јавното здравство и школството и системот за социјална заштита.

Меѓутоа, како што забележува Траверсо, пропаста на реалниот социјализам го оживеа конфликтот завршен 1945 година, но овојпат од страната на реакцијата како водечки(ЛИНК). На секојдневно ниво, ние го почувствувавме тој конфликт прво како крвава војна разгорувана со меѓуетничка омраза, потоа како губење на работните места заради деиндустријализацијата, за подоцна на ред да дојде отежнувањето на пристапот до јавните сервиси – од воведувањето школарини на јавните универзитети до врвот во најава(ЛИНК) на фамозниот „надстандард“ во здравството.

Во меѓувреме, ветувањето на националистичката елита за самостојност и идентитет, како и во својата претходна инкарнација во периодот на таканаречената НДХ, не донесе ништо друго освен губење на стратешките ресурси и индустриите и моќта за политичко одлучување и самоопределување, кои овој пат не му беа испорачани на вооружениот окупатор туку на капиталот.

Заради тоа, враќањето кон партизанската традиција во споменатите околности значи напуштање на неплодниот терен за дискусија за „темелните вредности“. Наспроти тоа, наша задача е дискусијата за партизаните и усташите да ја вратиме кон најважното: кон идејата дека таму каде што постои систем за класна доминација не важат човечките права и дека е можен поинаков свет –за него треба да се избориме.

Извор: slobodnifilozofski.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото