Трката ќе заврши кога и правдата ќе ја помине целта

02.09.2016 09:35
Трката ќе заврши кога и правдата ќе ја помине целта

Значи, како што се очекуваше, во трката помеѓу спората правда и брзите избори, победуваат изборите. Партиите се веќе на сто дена пред целта, изборите на 11 декември, а од вистината и од правдата сѐ уште нема ниту трага ниту глас. За да биде така се погрижија луѓето на власт, оние вработените во судовите, обвинителствата и во државната администрација, еден значаен дел од себичната, лакома и превртлива интелигенција, исплашената и збунета јавност, сеирџиите и кој уште не. Сите тие работеа против вистината и правдата или останаа рамнодушни на апелите да им се помогне во расчистувањето на опструкциите со кои беше затрупана тркачката патека.

Значи: одиме на избори без да ја дознаеме вистината а камоли да видиме врз кого требала да падне тешката рака на правдата! Очекувањата дека со објавувањето на „бомбите“, во кои е толку евидентна злоупотребата на власта од страна на највисоки политичари во државата, предводниците и народот на Македонија бргу ќе свртат нова страница во нашата демократска историја, се покажаа погрешни. Всушност, полека разбираме дека умовите на луѓето не се празни листови хартија на кои лесно се испишуваат нови вредности, туку веќе испишани страници во кои можат да се вметне ограничена количина промени во свеста. Разбираме дека вистината и правдата тешко наоѓаат простор на тие страници кои се испишани со измама, со насилство, со лицемерие, со цинизам, со материјална и ментална корупција, со неправди, со историски стравови, со предрасуди, со супремација, со злоупотреби на власта, со партнерство во криминал, со опасно отуѓени центри на моќ, со врски...

Тоа, а не стремежот кон вистината и правдата се некои од базичните елементи од кои е сочинета нашата политичка култура. Затоа, нашиот демократски предизвик е мачен и бавен: мораме да се менуваме како луѓе за да ги промениме нашите институции кои се само проекција на нашите умови и ништо повеќе од тоа. Другото се празните коридори и канцелариите. Значи: одиме на избори без да ги дочекаме вистината и правдата кои, еве безмалку две години, не можат да се проврат до целта.

Застрашувачки е тоа што дилемата дали лажела опозицијата или лажела власта нема да биде разрешена на суд пред изборите, што би го направило изјаснувањето на народот лесно и предвидливо. Партиите на власт и голем дел од македонската политичка и културна елита, наместо да го обединат околу вредности какви што се вистината и правдата, го поделија својот народ и се сокрија зад своите приврзaници. За ваквото поведение општеството може скапо да плати. Имено, сега после сето она што го слушнавме, да се повика народот „да пресуди“ на избори, не може да биде ништо друго туку увертира во нова „изборна кланица“ или почеток на целосен распад на системот на управување. Можеби и во буквална смисла на зборот.

Обвинувањата кои се очекуваат од Специјалното јавно обвинителство би биле последниот обид да се влијае врз исходот на гласањето на 11 декември, но тоа би биле само обвинувања без судска завршница. Значи, власта, под чија што контрола е судството, ќе може и натаму да тврди дека ништо не е докажано и дека се работи за странски заговор против демократски избрани политички претставници на една суверена држава.

Влегуваме во еден многу деликатен период полн со неизвесности и полн со опасности по стабилноста на Македонија. Изборите, по дефиниција, се извор на нестабилност дури и во најстабилните демократии, но во ситуацијата во која што е нашата земја сега, тие можат да бидат рецепт за катастрофа. Затоа е потребно внимателно и одговорно поведение од страна на сите старо-нови учесници во изборната трка што претстои и исто такво поведение на граѓаните. Треба да имаме на ум дека, со сите подготовки предвидени со пржинските договори, изборите може да бидат демократски, во смисла на почитување на правилата и процедурите, но сигурно е дека нема да бидат фер, затоа што „фер“ не е дел од нашата политичка култура.

САД и ЕУ треба да упатат сериозни предупредувања до водачите на партиите, овие недемократски институции кои учествуваат на демократски избори, дека ги смета за лично одговорни за мирниот тек на изборите и да им укаже на личните последици ако работите тргнат во лоша насока. И уште нешто: да ги потсетат дека со изборите не завршува трката. Трката, имено, ќе заврши кога и правдата ќе ја помине целта. Такви се правилата во демократските и слободни општества.

Извор: Плусинфо
Слики: Франческо Бонџорни