Ќе бидам бенката над твојата горна усна

02.09.2016 10:58
Ќе бидам бенката над твојата горна усна

Сè започна кога ми го подари она црно пенкало. Заедно со него ми подари шишенце со црно мастило. Те прашав зошто црно? А ти ми одговори дека синото ти е премногу симпатично. Затоа си купила мастилница со црно мастило. Се насмеав на подарокот, знаев дека е поврзан со мојата желба да пишувам. Многу често пишував на рака. Се сеќаваш? Се навикна на мене, на моето ноќно бладање, на моето суетно стоење пред огледало; без прекор ги читаше моите раскази, без излишна ласкавост зборуваше за нив, понекогаш ти читав стихови - всушност, многу ретко. Ме виде заљубен во тебе и во друга жена. Ете, немам причина да не те сакам. Секако, тврдам, ти не ме сакаше мене. Всушност, и самата го кажа тоа. Неколку пати те молев да ми прочиташ неколку твои работи, ама не сакаше. Веднаш поскав скришно да отворам некоја тетратка, нотес во кој си нафрлила нешто, си напишала по некој ред, но не го направив тоа. Можеби допрва ќе жалам за тоа. Една вечер, додека ја полнев пумпичката за пенкалото го потопив прстот во мастилото. Намерно го направив тоа, за да почувствувам дали мастилото е густо. Се прашував, дали таа течност, тоа црно мастило, дали е студено. Го потопив показалецот и тој алчно го впи мастилото, брзо го извадив прстот а ноктот ми остана необоен - неспособен да го задржи мастилото. Но, под него остана мастило, како и во порите на кожата. Потоа пишував уште еден час, па си легнав. Изутрина не можев да го измијам и затоа тргнав така - со црн показалец на работа.

Ти рече дека не поднесуваш кога те чекам навечер. Не ти верував. Напротив, се радуваше што ме гледаш. Истата вечер - откако го потопив прстот во мастило, ти се врати на време. Цела дланка веќе ми беше црна.

Рече дека не можеш постојано да мислиш на мене, но сигурно сакаше да бидам тука. Сакаше да ме гледаш додека се бричам. Имаше нешто сексуално во тоа што седиш зјапајќи во мене, додека ја собирам пената со жилетот. Никогаш не се исеков. Потоа го миев жилетот, го враќав наопаку на старото место, за да проговориме за минатиот ден. Се плашев дека немаме што да кажеме. Поради тоа трипати во иста вечер ти го поставив истото прашање: Како ти помина денот? Со мали варијации. Менував само по некој детаљ. Го оставав почетокот на прашањето непроменет, за да инсистирам на минато време, на минатиот полуден, во кој бевме разделени. Остатокот од денот и ноќта секако го минувавме заедно, спиејќи. Ти исто така бладаш, знаеш ли? Тоа не ме будеше, но кога станував да пишувам можев да те чујам. Понекогаш молиш некого за нешто. Понекогаш само поставуваш прашања и јас ти одговарам. Престанував да пишувам, палев цигара, зашто пушев само додека спиеше, потоа ќе започневме дремлив дијалог.

Ме прогонуваше помислата дека живееш со мене зашто не можеш да си дозволиш да живееш сама и дека тоа е единствената причина што си покрај мене, на крајот и самата го рече тоа. Се чудев зошто тогаш се обидуваше да ме упропастиш. Можеби мастилото отсекогаш беше моја природна состојба.

Почнав да носам ракавици преку ден. Навечер исто така, но ти не обрна никакво внимание на тоа. Сметаше дека така си обезбедувам себеси ексцентричност, а јас просто сакав да ги сокријам црните дланки. Подоцна бојата ми се качи до лактите, ми ги опфати и рамената. Кога почна да се искачува и по вратот, повторно ја облеков онаа црна ролка која ми ја купи мајка ми. Иако беше лето.

Онаа вечер, кога се враќавме од театар и кога те бакнав за разделба во такси; тогаш ме прегрна со своите слабички раце и помислив дека никогаш нема да ме пуштиш. Тогаш и белите дробови ми беа во мастило и се плашев дека ќе чуеш збивање. Тоа беше единствениот пат кога ми дозволи да бидам толку блиску, а јас се плашев дека кога ќе ја потпреш главата на моите гради ќе го чуеш чкрипењето во белите дробови. Кога се вративме, ја исповратив сета вечера - беше течна и црна. Додека се туширав открив дека бедрата ми го изгубиле обликот, никогаш нема да дојдам до мигот за кој сонував, да водам љубов со тебе. И онака веројатно не би дошло до тоа, зашто ти однапред ми забрани. Мастилото не беше важно. Морав цел да се завиткам во памук, зашто постојано се потев - црно. Повеќе не пишував.

Сега пишувам. Последен пат. За да ти кажам дека ова е последен пат да ме читаш. Знаеш, постојано се плашев дека во еден момент можам да бидам прочитан - како книга. А ти не се плашеше, затоа не дозволуваше да те читам, не дозволуваше телото да ми дојде поблиску од онаа чкрипливо-коскеста прегратка во такси по театарот.

Веднаш ти реков дека твоите усни имаат боја на малина. Го заборави тоа. Сега кога ќе се разбудиш ќе имаш дамка на усните, мрсни траги по стомакот и сигурно и ти веќе си заразена од ова празнење на смислата - од црното мастило. Ми се допаѓа идејата што те проѕрев без грубост - просто и нежно, те облеав, се разлеав по тебе како меур од сапуница полн со црна течност за пишување. Можеби ќе ме засакаш некако, на некаков начин, ако ме носиш во себе, зашто знам, тешко дека тебе ќе те снајде мојата судбина - тешко ќе си дозволиш да се претвориш во проста дамка од мастило. Така ме нарекуваше. Дамка. Всушност, не го употребуваше тој збор. Се сеќавш ли кој збор го употребуваше? Велеше „флека“. Секако, тоа ме болеше, но ти се правеше дека не те интересира. Во сјајните интервали на твоето негодување, во кои му се потсмеваше на моето присуство, имав чувство дека сè може да биде поинаку, на друг начин.

Сега тоа е веќе невозможно. Ти ме обележа да се претворам во она со што ме нарекуваше. Во дамка. Не верувам дека ќе се исушам толку лесно, сега кога се надув како огромен меур, кој пред да пукне те проѕре. Верувам дека нема ни да ја почувствуваш влагата и ќе помислиш дека тоа е твојата сопствена пот. Потоа ќе се размрдаш и ќе почувствуваш како сè е навлажнето; постелнината, перницата, косата.

Ако решам, можам да се претворам во едноставна дамка, која ја имитира бенката над твојата горна усна, или во неколку - една бенка под твојата лева града, друга од внатрешната страна на твоите бедра, трета на стомакот, четвртата ќе биде навистина таму - над твојата горна усна. Ако сакам, ќе те прелеам целата. Разбирливо, нема да те злоставам - ќе се појавувам на скриени места. Ако посакам баш да ти се одмаздам, ќе ти го обојам лицето, или градите. Понекогаш ќе се испишувам како кратка утринска порака, за да ме прочиташ пред почетокот на денот.

Ете, ставам точка на писмото. И почнувам. Да се влевам. Капка по капка.

Искрено твој,
(Дамка)

 

Превод: Иван Шопов
Слики: Kaspian Shore

ОкоБоли главаВицФото