500 песни во „Секој ден песна“ - 10 женски песни

09.09.2016 10:18
500 песни во „Секој ден песна“

Сара Кирш

Калоши

Дождот нè разбуди. Мислевме дека водата
ќе порасне па го напуштивме станот иако е на трет
кат. На улиците луѓето не беа загрижени поради
проломот на облаците носеа калоши и одеа по својот
пат. Само децата на странските работници прашуваа за
сонцето но никој не се осврнуваше на тоа. Од сливниците
прво се појавија меури, потоа стаорци, моќни
популации коишто разбраа и без одлагање почнаа
да се селат. Следните недели често ги гледавме
како ни го пресекуваат патот, глатки сосема мокри
животни без надеж во погледот.


Селима Хил

крава што јаде моркови

Кула од скапани моркови,
со големина и облик на стар шевролет

направен од овошен јогурт и портокали
со карамел озгора за да крцка,

е мојата претстава за тебе; себеси се замислувам
како преживам и се лигавам, како крава.


Радмила Лазиќ

Жабец

Сплескан и расчепен.
Зелен.
Со штикла во срцето
лежиш на плочникот
каде што те оставив
некој час порано, палав
и спремен за приказна:
„Мила...итн.“

Доста беше
крекање и брчкање
во барата на метафорите.

Сега малку лежи мртов.

Вислава Шимборска

Женски портрет

Мора да биде по избор.
Да се менува, но ништо да не се промени.
Тоа е лесно, неможно, тешко, заслужува обид.
Очи има, ако треба, еднаш сини, еднаш сиви,
црни, весели, безразложно полни со солзи.
Спие со него, како прва на која налетува, единствена на светот.
Му раѓа четири деца, ниедно, едно дете.
Наивна, но дава најдобар совет.
Слаба, но издржлива.
Нема глава на вратот, но ќе има.
Чита Јасперс и женски списанија.
Не знае чуму служи таа завртка, но ќе изгради мост.
Млада, обично млада, сеуште млада.
Во рацете држи врапче со скршено крило,
своите пари за далечните и долги патувања,
сатарот за месо, облогот и чашката ракија.
Каде трча така, зар не е уморна?
Ама не е, само малку, многу, ништо не пречи.
Или го сака, или е непокорна.
За добро, за зло и за милост божја.


Вера Павлова

(Таква љубов сотрев...)

Таква љубов сотрев,
што ќе гнијам во адската ноќ.
За возврат таква се створи,
што низ адската врата нема да минам.
Испарани се толку јастучници,
да можам во текот на сите зими
подземните свои одајчиња
да ги затнам со твоите ткива.
Љубовта е ‒ чиста загуба,
некаква дупка на покровот на денот ‒
... и бие провев во дупката на духот
крај пустата расчеречена телесност.

Сесилија Мејрелес

Леснотија

Лесна е птицата:
и нејзината сенка што лета,
уште полесна.

И воздушната каскада
на нејзиното грло,
уште полесна.

И случката што ја буди
нејзиниот мазен пој,
уште полесна.

И наглата жед
по тој древен миг,
уште полесна.

И горчината што се измолкнува
во невидлив бег,
уште полесна.


Лидија Дејвис

Семејно купување

Полничка, убавка помлада сестра истрчува од продавницата. Послаба постара сестра трча по нејзе. Убавката помлада сестра носи кесиче со стапчиња од лиснато тесто со сирење. Ја оставила послабата постара сестра во продавницата да плати.

„Дај го тоа ваму!“, вели постарата сестра. „Ќе ти го свиткам вратот!“


Милена Марковиќ

правам концепт млада

па редам по масичето
музичка кутија со фиоки
за ситен накит
гола барбика
јава сувенир бик
а тореадорот толку кршлив
потпрен врз пиксла
направена од камен
под кој имало школки
масичето се клати
кутијата не свири
на барбиката ѝ кршам нозе
а бикот веќе нема опаш
плукам во пикслата.

Елизабет Бишоп

Доцна мелодија

Од полноќниот ракав на некој магионичар радио пеачите
ги раздаваат своите љубовни песни
по тревниците мокри од роса.
Возбудливите нивни нагаѓања,
Како и баењето, кажуваат сè што сакаш.

Но на антената на бродоградилиштето наоѓам подобри сведоци
на љубовта во летните ноќи.
Пет осамени црвени светла се гнездат таму: феникси
што спокојно горат, кајшто росата не може да се качи.

 

Даниела Камбасковиќ

Белградски таксист (цитиран со цигарата в заби)

А дали сте забележале
дека птиците не стареат?

Сите стареат,
и кучињата, и мачките, и луѓето.

А птиците никако.

Не знам кај одат
кога остаруваат.

А можеби не ни стареат.

Тоа е белки зашто летаат.

Слики: Aleksandra Waliszewska
Повеќе за авторките и преведувач(к)ите на посочените линкови.
Сродни прилози
Една година „Секој ден песна“
Триста песни во рубриката „Секој ден песна“!

ОкоБоли главаВицФото