Цинизмот на антиправната комоција!

10.09.2016 10:40
Цинизмот на антиправната комоција!

„Не постои законска и уставна можност да се делегираат специјални судии или да се формира посебен суд за предметите на Специјалното јавно обвинтиелство“, изјави претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Да, веројатно, не сум сигурен, освен, можеби, ако не сметаме дека голем број судии веќе се специјални по тоа што се назначени преку тефтерите на една поранешна министерка за внатрешни работи и на директорот на тајните служби од тоа време.

Но, ако е и така како што вели претседателката, тогаш, госпожо, вие сте морале да дојдете до заклучокот до кој дојдов јас ако имате задржано макар мало парче од својот правен и морален интегритет: ќе мораме, имено, или да ги смениме уставот и законите или да ги смениме судиите, или да го смениме режимот во кој вашата фела се удави во антиправото, претворајки се во инструмент на злосторничкото здружение на извршната власт

Дали се разбираме?!

Одвратен цинизам е кога вие, не друг, туку вие, инсистирате на правни финеси во една совршено антиправна држава во чие создавање учествувате без некој видлив остаток.

Тоа не е став кој е на страната на уставноста и на правноста туку е став кој е на страната на злосторниците, на статус квото во кое тие се сè.

И уште нешто: Постојат ли според вас уставни и законски услови неказниво да се ликвидираат државата и општеството?!

И правниот поредок?!

Јас ќе ви кажам: Постојат, како елементи што еден режим ќе ги изигрува или урива, или ќе ги адаптира на својата злосторничка мисија, па сакам да ве прашам, што сторивте вие по тоа прашање или мислите дека сè уште не сме ликвидирани. Ако мислите дека сè уште не сме ликвидирани погледнете во себе и во својот статус, тоа ќе биде сосема доволно.

Чомски се залага за кршење на законите во името на повисоки цели, како кога минувате на црвено светло за да спасите нечиј живот. Има и поинакви видувања кои велат дека целите треба да се мислат во правото (Фуко), а не правото да им се подредува на целите (Чомски).

Да скратам: не е битно дали има уставни и законски основи да се делегираат специјални судии, туку е битно како да ја спасиме Македонија и слободата и правата на граѓаните на Македонија од канџите на злосторничкото здружување на власта!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња