Економија потпрена на еден сектор – до кога?

16.09.2016 13:21
Економија потпрена на еден сектор – до кога?

Во услови на политичка неизвесност, економијата и во вториот квартал испорача позитивна стапка на раст – скромно зголемување од 2,2%. Клучен столб на која се потпира Бруто домашниот производ (БДП) и натаму е градежништвото, сектор во која има пораст од 31%. За разлика од градежниот сектор, речиси кај сите останати е регистриран пад, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Дел од економистите очекуваат дека до крајот на годината растот ќе забави, затоа што фирмите, односно приватниот сектор, поради влошена финансиска и ликвидносна состојба нема да успее да ги испорача зацртаните владини проекции.

Економијата расте – стандардот „под мраз“?

Негативни трендови во преработувачката индустрија, рударството, финасискиот сектор, осигурувањето регистрираше државната статистика во вториот економски квартал. За разлика од овие сектори, градежништвото и натаму доминира како носечки столб на економскиот раст. Позитивни стапки има и во административните и помошните услужни дејности, како и минимален пораст во трговијата. Сумирано, во вториот квартал, економијата испорача раст од 2,2 отсто, ниво кое е минимално повисоко од растот во првиот квартал, но пониско во однос на растот во истиот период лани, кога БДП се зголеми за 3,4%. Дел од економистите очекуваат дека во следниот период економијата ќе забавува.

Во услови на политичка криза вообичаено е да дојде до намалување на делот од доходот за потрошувачка (личната и јавната потрошувачка), намалување на нарачките, посебно од странство, потоа намалување на вкупната инвестициона активност, а доколку политичката криза се одолговлекува, постои реален ризик за селење на капиталот во посигурни подрачја за инвестирање. Не очекувам поголем раст на БДП од 1% до 1,5% во третото и четвртото тромесечие. Очекувам извесно раздвижување на економската активност, преку вбризгување на дополнителни средства од буџетот во стопанството, обезбедени преку задолжување на домашен терен и во странство. Со тие пари би се обезбедиле плаќања на доспеаните обврски, нови нарачки, плаќање на субвенции на земјоделците и други видови на испалти од буџетот, но тоа ќе биде недоволно за позначајно раздвижување на стопанската активност“, вели за Portalb.mk универзитетскиот професор Сами Бислими.

Политички неизвесната 2015 година заврши со економски раст од 3,7 отсто, главно потпрен на градежниот сектор, кој на ниво на целата година оствари пораст од 16,8%. За разлика од градежништвото, ланската година земјоделството, преработувачката индустрија, јавната управа, одбраната не прикажаат позитивни стапки. Просечниот БДП за 2015 година по глава на жител изнесуваше 4.401 евро, или со толку пари годишно располагал секој жител на земјава.

БДП не го одразува верно економскиот раст

Економистите велат дека економскиот раст треба да се анализира преку споредба со другите параметри, односно колку тој раст реално го подобрува животниот стандард, каква е распределбата и каква е релацијата во односно на задолжувањата, односно дали Јавниот долг е во функција на растот на БДП.

БДП по глава на жител ја преценува економската моќ на населението. БДП по жител е околу 370 евра месечно, што значи 1.500 евра месечно за четиричлено семејство. Колку семејства кај нас имаат месечни примања од 1.500 евра? БДП во себе ги вклучува и профитите на фирмите, и амортизацијата која тие ја плаќаат за своите инвестиции, и услугите кои државата им ги обезбедува на граѓаните без тие да плаќаат за нив од џеб (безбедност, здравство, образование. Затоа, постои голема разлика помеѓу БДП и расположливиот доход на населението (т.е. доходот кој што луѓето всушност го добиваат на рака). Расположливиот доход е многу помал, околу 50-60% од БДП, т.е. околу 2.500 евра по жител – изјави неодамна за Portalb.mk економистот Бранимир Јовановиќ.

За годинава, дополнителен проблем е и алармот за неликвидност што го испрати приватниот сектор. Имено анкетата на Стопанската комора на Македонија покажала дека 42% од фирмите имаат проблем при наплата на побарувањата, а на листата должници, според нив е и самата држава и јавниот сектор.

Проблемот на неликвидноста е подолгорочен, само што сега исплива на површина, првенствено поради фактот што во вакви политички превирања секој настојува да ги одложи плаќањата на обврските, нарачките, купувањата, а тоа директно влијае на намалување на доходот, поточно приливот на готови пари. Инаку, состојбата со ликвидноста зависи од количината на пари во оптек, како и од бразината на оптек на парите. Решението е во вбризгување на дополнителна количина пари, или пак во забрзување на оптекот на парите, вели професорот Бислими.

Четврт век независност со шест кризни години

Највисоката стапка на економски раст беше измерена во 2007 година, и изнесуваше 6,5%. Тоа е практично и највисокото ниво на измерен економски раст од 1993-та година. Според податоците на надлежните институции, земјава во целиот овој период не успеа да испорача континуирани и одржливи стапки на раст. Имено, во овие 25 години, дури шест години се во знакот на криза, со негативна стапка на раст.

Според проекците на Народната банка, годинава, според песимистичкото сценарио, се очекува раст на економијата од 1,6%. Во оптимистичкото сценарио на НБМ, како и проекциите на Владата, растот на БДП се очекува да надмине 3 отсто.

Македонската економија долги години се бори за вакви стапки на економски раст, кои многу бавно или воопшто не се одразуваат врз животниот стандард. Според едно неодамнешно истражување на Светска банка, на земјава ќе и треба раст од 4,5% во период од три децени за да се доближиме до европскиот стандард. Според европската статистика, македонските граѓани сега се во групата на најсиромашни, со стандард кој изнесува само 36% во однос на европскиот просек.
________________________________________
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Извор:http://vistinomer.mk/