Јама

18.09.2016 20:21
Јама

Доаѓаат подобри времиња

Радиото вели: пак ќе ни биде тешко
во трамвај сум и не сум сигурна
дали мисли на недостиг од пари, или
што морам да стојам
сите места се зафатени, освен едно
наопачно кое сите го избегнуваат

седнувам, ме обзема самодоверба
како голем лист од разгранет филадендрон
се шири, ги оттурнува луѓето и прави место
не ми пречи да седам наопаку
и да гледам во спротивна насока

радиото продолжува: доаѓаат тешки времиња
ама сега веќе знам, сега сум спремна -
седам, лошите вести полесно се примаат седечки
но додека седам наопаку
мислам наопаку, слушам наопаку:
доаѓаат подбри времиња

а потоа повторно: пак ќе ни биде тешко
но мене секогаш ми е тешко и не знам веќе
да погодам зошто

го слушам шуштењето на лисјето, можеби палми
се свртувам, некој од патниците
има билна самодоверба -
неподвижна, но сјајна
исто како јас


Им зборувам на ѕидовите

Често им зборувам на ѕидовите
почесто отколку што ѕидовите би сакале
понекогаш имам чувство дека разговарам
самата со себе зашто
ѕидовите од мојата соба се многу интровертни

Кога излегувам надвор, меѓу надворешните ѕидови,
и таму владее молк зашто
сите ѕидови кои ги запознавам се такви -
потпорни ѕидови, ѕидови кои го потпираат
држењето на јазикот зад забите.


Писмо од читателка

На Иван Сламниг

драга република хрватска -
јас доаѓа од далечна соседна земја
и не знае сè што треба да знае
јас чита крлежа, ујевиќ и друго, ама јас
не знае јазик добро

на мојот ѕид шеховница
црвено бело полиња, хрватска
граматика и правопис мене бидат
камен од темелник
мене најдраг хрватски збор биде хрватска

ама мене чеша по глава од чудење:
„вилица“ - да, „виљушка“ - не;
„жлица“ - да, „кашика“ - не,
„нож“ меѓутоа - исто?


Поезија

Што можете да ни кажете за поезијата?
Бев таму само еднаш. Имаат добри хотели.
Сите по три-четири ѕвезди. Ама јазикот никако не го
разбрав и тешко се снаоѓав.
Навистина, кога човек ќе се напие малку почнува да се служи
и со раце и со нозе. Дури и со главата мавтав.
Секогаш велев да, да! Не знам зошто се
сложував со сите што зборуваат во Поезија.
Мислам дека е до хотелот: хотелите им се навистина добри.


Тапи ножеви

Додека со тап нож чистиш школки во кујната
во соседната соба твојот компјутер се враќа
на фабричките поставки
тврд диск, тврди школки -
твојот живот не е претерано тежок

но ако го изложат во музеј или галерија
луѓето збунето би стоеле пред него
и зачудено би прашувале што е тука важно
во што треба да се гледа

од далеку не би ја виделе пошироката слика
одблизу не би ги виделе битните детали

човечкиот поглед е несигурен, тап -
струга само по површината

 

 

Во егзил

Во снегот изгубив ситнеж
пред дваесет години
неколку монети
и сега ги наоѓам во сеќавањето

Но касиерката бледо ме гледа
не можам да платам, немам доволно -
моето сеќавање овде
не вреди ништо


Јама

За да пишуваш над јамата
мора да пишуваш во јамата

над јамата се препишува
она што е запишано во јамата
или кришум изговорено во мракот
или напишано со показалецот
за никогаш да не биде прочитано

понекогаш од јамата се изнесуваат нешта
се изнесуваат нешта за никогаш да не ја видат
светлината на денот, за луѓето да бидат збунети
да не им доаѓа сон на очи

навечер чувствуваш влага, нешто шушка, клокоти
се крева, се крева, бајачки влегуваат и излегуваат од јамата,
вештици планинарки опашани со јазици се спуштаат и креваат
додека ти слушаш шушкање, клокотење, кикотење -

звукот те стрмоглавува,
пропаѓаш самата во себе
во јамата клокоти твојот крвоток
во мракот самата себе се фаќаш за рака
никој друг не може да те изнесе надвор

на влезот во јамата велат: држи се до зацртаниот пат,
оди само таму каде што е обележано, но таа која
ја следи патеката никогаш нема да стигне, таа нема да се крене
таа вечно ќе остане во јамата
таа вечно ќе го пишува непрочитаното

кога ќе изнесеш нешто од јамата -
тоа ќе ја понесе јамата со себе
над јамата си, но цело време си во неа
не можеш да ја ставиш јамата на масата за пишување
јамата те држи за раката со која пишуваш
не можеш да ја затвориш

купуваш печиво, ги поздравуваш соседите,
јадеш колачи, пишуваш, постојано пишуваш,
но одамна си се тргнала од патеката
си влегла на сопствена одговорност
и ете што се случи.


Мојот маж

Дење -
непоколеблив, отпорен на сè
ништо кај него не е подложно на промена
само нечујното растење на косата
секогаш го затекнувам во иста поза -
на работната маса со различни книги во рацете
пред компјутерот
нешто чита - толку знам
неподвижен
дење - тој е студен и постојан гранит

Ноќе -
станува некој друг, сè го нервира,
дури ни тишината не му дава мир, сè му пречи
му пречи пробивањето на струјата низ штекерот
му пречи стариот, расипан будилник
му пречи тивкото чкрипење на паркетот
му пречи далечното судирање на планетите
(млечниот пат го дави
како бел свилен шал)
го слуша пајакот како ја плете својата мрежа
ги слуша сатурновите прстени како стегаат
го слуша и најтивкото зуење на мувите

Дење - како без вид и слух
ноќе - мојот маж гледа и слуша сè


Ѓавол во пижами

Додека ѓаволот не излезе од мене надвор
останувам во пижами
удобно му е и нему и мене
не ни е тесно
меѓу луѓе секако не сакам
се вртам во кревет лево-десно
удобно му е нему и мене

Пеколот се другите - читам
пеколот се другите - повторувам во глава
но ѓаволот негодува, мавта со прстот:
пеколот - сме ние самите


Крадачка

На Ања Плазоња

Пак украдов! Сите велат: не кради,
ама што да се прави, кога велат: не кради,
мојата рака веднаш оди кон златото.
Штом велат: не кради, мојата рака
е виљушка и боде, постојано го боде
туѓото богатство, ги врти парите како шпагети,
отвора сефови како паштети и го собира ситнежот
на подот. И додека радосно скокам, ограбените
ги плукам, ги бројам парите и весело пцујам
останатите разбојници умираат од мака -
зашто од мене никој нема поневини раце!

 

Превод: Иван Шопов
Слики: Sainte Maria

Асја Бакиќ е родена 1982 година во Тузла, каде завршила студии по босански јазик и книжевност. Објавувала поезија во повеќе списанија од просторот на поранешна Југославија (Profemina, Tema, Zarez, Quorum, Diwan, Poezija, airBeletrina). Авторка е на неколку блогови. Феминистка е и полиглот. Освен со пишување, се занимава и со книжевен превод. Во 2009 ја објавува поетската книга „Може и кактус, само нека боде“ (која на македонски можете бесплатно да ја преземете овде), а во 2015 збирката раскази „Марс“.

Раскази, есеи и колумни од Асја Бакиќ на Окно можете да прочитате овде.

ОкоБоли главаВицФото