Не може политиката да реши дали СК014 ќе се урива!

19.09.2016 16:44
Не мо¬же по¬ли¬ти¬ка¬та да ре¬ши да¬ли СК014 ќе се урива!

Ми се допадна признанието на Заев дека тие не се најпаметни и најубави! Не само зашто јас тоа одамна го знаев - па ставот на лидерот ми дојде како убава сатисфакција - туку, особено, зашто знам дека критичката свест за себе е прв услов да се напредува секој ден во секој поглед, можеби не до нивото кое им припаѓа на најпаметните и на најубавите, но до нивото кое е толку неопходно за одговорно управување со државата - сигурно да!

И затоа е важно да се кажат неколку работи: Одлуката на Груевски да го гради Скопје 2014 и одлуката на Заев да не го урива, се акти на политичко насилство. Сеедно што едната е пред конечна реализација, а другата е само во најава.

Ги знам разликите меѓу едното и другото решение во сите други аспекти и подаспекти, за личностите не сакам ниту да зборувам, тие се многу сериозни, драматични, би рекол, но на нивото на реалната и потенцијална злоупотреба на политичката моќ тие се допираат во монструозниот атак врз идентитетот на градот и на луѓето, врз идентитетот на целата заедница, особено врз националниот идентитет на Македонците, во културолошкиот шок од страната на ѕидарите и од страната на потенцијалните бранители во редовите на новата власт, ако, за момент, решиме дека тие ќе бидат победници на претстојните избори.

Во таа смисла нема разлика меѓу тој што решил да не го урива Скопје 2014 и тој што го изградил. И едниот и другиот газат со своите чизми врз лицето на Македонија. Дали се разбираме!?

Ме фрапира, би рекол, левтерниот однос на Заев кон ова круцијално прашање, сведувањето на Скопје 2014 на непотребен финансиски трошок, од една страна, и идејата дека различните мислења на различни уметници за овој монструозен проект ќе ги земе како убаво алиби кое ќе му обезбеди сигурен гард пред оние кои, можеби, очекувале еден ден новиот премиер со чекан в раце да го демонстрира својот политички став по ова прашање, од друга страна. Сакам тука да го потсетам дека „разни уметници“ мислат различно и за режимот на Груевски!

На посебно место е самата најава на одлуката Скопје 2014 да не се урива. Мислев дека на овој терен Заев ќе ја демонстрира клучната разлика со оние што преку узурпација на политичката моќ го изградија Скопје 2014; дека, имено, ќе го каже ставот на СДСМ и својот личен став по тоа прашање и, второ, ставот дека новата влада ќе остави за тоа прашање да одлучуваат тие што се за таа работа стручни. Со други зборови, дека ќе распише меѓународен тендер за ревизија на проектот со сите отворени опции за негово уривање, оградување или естетско и функционално адаптирање на потребите на градот и на граѓаните односно на целата држава.

Или дека ќе го покани Лебескинд и фирмата што го преуреди центарот на Сеул, за да го преуреди централното подрачје на Скопјанг! Јас верувам дека во тој случај особено добро би поминале домашните стручњаци за минирање и другите форми на уривање.

Ова е многу важно прашање. Дури, би рекол, клучно прашање кое може да ја дефинира и да ја одведе предизборната борба во еден или во друг правец односно да одреди дали таа борба е дел од фронтот за ослободување на Македонија или е само аспект на процесите за смена на власта.

Скопје 2014 е археоловштина која треба да покаже дека во долината на реката Вардар живееле идиоти, истражувачите тоа можат недвосмислено да го заклучат и според грозотијата на објектите и според отсуството на отпор при ѕидањето на оваа чудовиште. Тоа е идејата на проектот, парите, лудаците што се одбрани да го извршат оваа злосторство како епски чин на таканаречената преродба, правните заврзлами со дуповите и куповите, се’ е тоа од второстепено, односно од инструментално значење. И, што е најважно, злосторниците ќе бидат во право, Македонецот тука се појавува како тип кој на балот на Историјата, сере на паркетот. Скопје 2014 е тоа говно!

Шарената револуција и другите форми на отпорот што ја создаваа климата во која СДСМ, можеби, ќе победи, го имаа тоа говно како мотивациона сила. Не би ги разочарувал тие луѓе со малограѓански пристојности.

Јас ја разбирам специфичната позиција на Заев, која не ја дефинира само неговиот морален или естетски курс туку и потребата да собере што повеќе гласови и дека во таа битка мора да прави понекогаш и непринципиелни компромиси, но сакам тука да изнесам уште неколку примери што ја проблематизираат неговата позиција дури и од овој аспект.

И ставот за Скопје 2014 и овие други примери се илустрации за таканаречените помирителни аспекти на неговата политика што најдобро се изразуваат во ставот „доста се делевме“. Генерално можам да кажам дека борбата за ослободување на Македонија е работа на делбите од злото, повеќе отколку на обединувањето, на борбата против злото и на напорите да го поразиме злото. Таа генерална линија мора да се следи затоа што е принципиелна, таа е големата слика во која опозицијата добива или ако губи, губи чесно, една таква голема слика и генерална линија во Хрватска напушти Милановиќ на два месеца пред изборите, отиде да им се додворува на усташите и на примитивните националисти и заврши така како што заврши.

Кога ќе се каже дека има многу добри судии или административци или полицајци што работат под притисок и на кои не им е лесно во таа позиција и дека на тие луѓе нема влакно да им фали од главата по смената на власта, тоа се претвора во страшно комплексно прашање со милион импликации, сеедно што во основата на тој став лежи некаква благост и добронамерност и интерес што повеќе луѓе од овие категории да се приклучат кон гласачката машинерија што ќе го собори Груевски.

Не може никаков фронт да се прави на така непринципиелни основи. Судија, кој под притисок на некој министер, премиер или директор, пратил в притвор или в затвор невин човек, е криминалец, злосторник што не заслужува втора шанса. Инспекторот што под притисок му лепнал 5.000 евра казна на некој дуќанџија е злосторник, административецот што под притисок се заебавал со упатот на некое дете е злосторник. Значи, не се работи тука само за бенефициите што ќе ги загубат тие што ги имаат туку за чинови на перманентно незаконско работење на штета на граѓаните, а во интерес на инсталацијата и зацврстувањето на еден режим.

Судијата што не одредил притвор во случаи кога морал да одреди според законот е криминалец. Претседателот на Уставниот суд кој под притисок се заебавал со теми каква што е аболицијата или СЈО, е криминалец. Кон тие луѓе можни се две опции: едната е бескомпромисна диференцијација врз основа на законот и на политиката на девмровизација на општеството, на институциите посебно, а втората е благоста по цена во благоста да се смачка самата идеја за промените и за конституцијата на ново општество.

Другото беше добро. Мислам на интервјуто на Заев кај Борјан Јовановски. Отвореноста на СДСМ, макар што знам дека меѓу тие декларации и поведението во стварноста има длабоки ендеци. Сигурноста и оптимизмот, дури и во моментите кога ми беше јасно дека извираат од инфантилните структури на неговата личност. Ставот за албанскиот јазик беше добро елабориран. Така би требало да се настапува со сите отворени прашања, вклучително и со прашањето за името. Тенот и комплетниот аутлук беа супер, можеби и над нивото кое може да се смета за адекватно во овие моменти на предизборието. Мекоста кон критиките на опозицијата и кооперативноста во таа смисла, исто така. Јас би додал дека критиката на власта се банализира со дневните закачки односно дека критиката на опозицијата е многу поважна.

И на крајот, само уште еден исказ за вулгарната интерпретација на пресумпцијата на невиност од страна на СЈО. Мислам дека станува збор за правнополитичка некоректност. Благо кажано. Тој став ќе ја однесе комплетната правосудна сфера во зоната на некоја секта што тајно суди и пресудува. Нема да биде потребно да се објавуваат дури и пресудите. Само гледаш дека ти го нема соседот и знаеш дека сектата решила да ја симне пресумпцијата на невиност од неговата глава. Правосудството, госпоѓи и госпоѓици, не се само пресудите. Пресумпцијата не невиност значи дека никој нема да се смета за виновен додека не е осуден, а не дека нема да се знае кој е и за што обвинет, додека не отиде в затвор! Тука станува збор за вулгарности што можат да го нарушат функционирањето на општеството. Размислете околу тоа!

Слики: Свирачиња (користени фотографии од филмот „Улица“ на Фелини)
Извор: Слободен печат