Катастрофално е само изнесувањето на немонтираниот материјал од МРТВ

21.09.2016 15:16
Катастрофално е само изнесувањето на немонтираниот материјал од МРТВ

Го изгледав немонтираното интервју на Катица и ама баш ништо не ми се виде катастрофално, освен катастрофата што некој го изнел немонтираниот материјал. Главното прашање е со каква цел ?

Дилема ми е колку пари му платиле на тој што го извадил од МТВ, а и тоа е помалку страшно, бидејќи таму не се платени сите, немаат варијабили или екстра дневници и провизии.

Сепак, пострашно е која му била целта на предавникот на куќата, да ја урива Јанева, да го урива СДСМ, да ја утепа уредничката Аргирова или да ја закопа водителката?!

Во МРТВ секогаш имало подлости, и тоа сè на тие мрцини неработници, кои сакаат да бидат во скутот на некоја партија за да добијат нешто гага, дали функција или варијабила, ништо да не работат и толку.

Од новинарски аспект, стварно само на тие кои не работеле телевизиско новинарство оваа работа им е бум. Прво, се гледа дека Јанева е тремаџика, дека нема никакво искуство со медиуми и не била пред камера. Такви се сите, особено високи функционери и политичари кои немаат минутажа пред камера. Се сеќавам на многу претседатели, премиери, пратеници, судии, амбасадори… кои поминале во мојата кариера, дека на почетокот биле исти, а дури потоа се опуштале со тек на време. Една пратеничка од власта пред повеќе години кога јас ѝ земав изјави во собрание, распали да објаснува и онака на дијалект зборуваше 5 минути, и одеднаш застана и ми вели - „Еваа, а ја не знам што казах“. Мислам, лупаше жената од трема, нормално, ниту ја пуштив ниту па помислував да го емитувам тој материјал, а таа, замисли, координаторка. Во вториот обид беше поприбрана и извадив едно парче, а другото го парафразирав, нормално, битен ми беше ставот на партијата, а не како го интерпретираше таа.

Поделени прашања… За ова, освен Љубчо Георгиевски, сите гости кои биле и сум ги снимал и во живо, барале прашања. Никогаш не сум им ги давал, затоа што и да сум им испратил, не сум одел по нив, бидејќи муабетот диктира друго темпо, па така престанаа и да бараат.

Легитимно е да се знае за кои теми се зборува, ама конкретни прашања со конкретни одговори се познаваат дури и да не беше овој украден материјал од барабите на власта.

Да се каже дека само ова интервју се снимало вака е перверзна невистина. Најголем број и новинари и политичари, па и искусни, читаат и прашања и одговори поради стрес или трема, најголем дел гости исто така се под стрес повеќе од камерата отколку од прашањата… и читаат од концептите кои ги направиле. Или ако сакате, тоа е редовност во првите интервјуа, а ако не помине тогаш е она другото - секој не е за пред камера. Монтирање емисиии и интервјуа дали заради време, дали заради лош кадар е нормална работа. И јас не видов дека МТВ и уредничката сакаа да скријат или да ја направат попаметна Јанева - па се гледаше дека чита, но искрено не очекував да го крадат материјалот од монтажа и да му го дадат на Груевски, па од тоа да прават приказна, а не од кажаното.

А, колку за прашањата, па и Груевски и Трајковски и Црвенковски и Заев и добар дел лидери, министри и градочалници, сите барале, бараат и ќе бараат прашања. Па, овие сега ги измислија тематските прес конференции, нели - нема прашања надвор од темата. И јас кога ми бараат изјави прашувам колку време имам и што ќе ме прашаат. Дали сакаат изјава во 20 секунди или во 5 минути, дали е за вести или за емисија. Ама тоа е дел од занаетот телевизиски. А, замислете ја емисијата на Васко Ефтов ако не беше монтирана, како би изгледала, на пример?

Дајте во живо и нема монтажа, да, за тоа сум , ама колкумина прифаќаат да одат во живо, и колку простор за емисии дебати има, тоа си е друга тема.

Јас имам милиони снимки кои биле поефектни кога сум рекол дека не снимам, а сум снимал скриено зашто е разговор без трема, и има сосем различен ефект кога ќе им кажам дека ги снимам и дека е пуштена камерата. За исти човек, на исто прашање.

Значи, не откривме топла вода, да не забегуеме.

Ја разбирам и тремаџиката Јанева, сакајќи да не погреши во тоа законите и обвинувањата сакаше да ги прочита, а тоа ѝ одземаше внимание - требало нејзините и продуцентот да ѝ го кажат тоа, да ја опуштат и дека ексклузивата е во тоа кажаното, а не во фризурата и новата блуска. Е, не можат сите да бидат слободни пред камери и микрофони, тоа го знаат сите кои настапуваат. Така што ако сакаме да манипулираме, лажеме и фрламе кал врз МРТВ, Јанева, Аргирова, тогаш фрлајте, а ако сакаме, да го казниме виновникот, тој партискиот војник на власта кому не му е местотото во медиум, најмалку во државниот, и кој мора да знае дека мора да се работи за дигнитетот на куќата која му дава плата, а со тоа и за државата, а не за власта или партијата која го платила. Партијата не е држава, уште помалку власта - државен интерес е нешто друго.

Јанева воопшто не ми е битна како изгледаше, како се шминка, дали е дебела или слаба, дали чита, пишува или препишува, туку дали законот ќе го тера во судницата. Како ќе поминат обвиненијата, дали се стокмени врз база на докази или рекла-казала, а таа тоа, чинам, го кажува или чита, сеедно, многу прецизно. Е тоа очигледно не е добрата вест, за тие кои го објавија видеото.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња