Кирчо Арсовски - брутално поетичен

22.09.2016 10:52
Кирчо Арсовски - брутално поетичен

Кирчо Арсовски е легендарна фигура на македонската независна (сакате алтернативна или андерграунд) култура. Најмногу е познат како музичар (пеач и гитарист), но пишувал драми, цртал стрипови, правел филмови, неколку години пишувал колумни...

Деновиве нè изненади со изложбата „Најдоброто од 2015 и 2016 година“, поставена во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. На изложбата е претставена неверојатна збирка цртежи, повеќе од 300 (избрани од 2000 цртежи настанати за само две години!).

На прв поглед, значи, фасцинираат мултимедијалноста и живописноста на Арсовски: тој е кич-трач, поп-треш, панк-рок, народно-забавен и модерно-постмодерен уметник. На втор поглед запрепастува леснотијата со која ги владее медиумите - иако намерно остава впечаток дека тие го владеат него, дека тој е само черупка („медиум“) низ кој фучи страшниот историски ветар на (поп) културата. На трет поглед одново сте зачудени како толку лесно Арсовски всушност ги проширува границите на медиумите во кои работи, како ги доведува во прашање и како, иронизирајќи и уништувајќи, заправо ги збогатува. Македонската култура, на пример, без него, без таквите живописни и субверзивни уметници - навистина би била лушпа, исушена черупка низ која дуваат ветришта. Арсовски е ткивото на оваа запустена и запуштена културна сцена, тој е животот, месото, боите на едно сиво време закопано во песокот како воловска глава во пустина.

Што најмногу ми се допаѓа во цртежите на Арсовски? Велам - боите, меѓу другото. Кирчо, во меѓувреме, станал виртуозен колорист (ги памтам неговите постари цртежи и стрипови, речиси по правило црно-бели, тук-таму прошарани со малку црвена). Начинот на кој денес бои и ги црта деталите за мене е виртуозен, дури ингениозен. Таква концентрираност и посветеност денес ретко се среќава.

Ми се допаѓа како ги облекува своите гротескни ликови. Такво шаренило на облека (да не ги заборавиме чевлите!) досега немало во македонската уметност. По таа сосредоточеност на детаљот Кирчо наликува на највиртуозните стрип мајстори (да речеме, на Фил Дејвис, цртачот на Мандрак и Нарда) или на големите германски експресионисти - неговата континуирана инспирација (Георг Грос, да речеме). Се разбира, не смееме да ги заборавиме американските и британските поп артисти, можеби најголемото влијание на Арсовски (Ворхол, на пример, е негов константен знак).

Ми се допаѓаат дијалозите во неговите цртежи, текстот воопшто. И на тоа мислам кога велам дека совршено ги владее изразните медиуми, цртежот и текстот, а особено е силен кога ги судира: фрчат огномети од тие судири! Но, и тука Кирчо не сопира: често текстот на неговиот цртеж е прикриено поетски, зад целата брутална експресивност или вулгарност, која служи само како маска, како мамка за наивните; снажни поетски гејзири бликаат од цртежите на Арсовски (но можно е понекогаш да бликаат и удоле, кон внатрешноста на земјата, во овој ионака истумбан и превртен свет).

Ми се свиѓаат драмата и тензијата во неговите цртежите. Акцијата, движењето, жестокоста, насилството... Оти „сериозната“ уметност (особено македонската) најчесто е мртва, заледена, статична... Но, во цртежите на Кирчо ми се свиѓаат и смирувањата, чудните линии (црвена или зелена, најчесто) кои го делат и ситуираат просторот, внесуваат некаква нота на апстрактност и медитативност. Тоа значи дека и во минималистичките (или „арт“) цртежи Кирчо е исто толку виртуозен како и во лудите цртанофилмски гужви.

Ми се свиѓаат неговите референци: (цртани) филмови, серии, стрипови, мода, естрада, музика, графички дизајн, тук таму „висока“ уметност... Сè во обландата на еден раскошен поп-треш; или спектакуларен кич-трач.

Ми се свиѓа како Арсовски го прикажува нашиот превртен, полуден свет, начинот на кој е ангажиран, социјален, политичен... Да, многу експресивност, иронија, гротеска, дури карикатура - но истовремено и длабоко познавање на суштински лажната и измамничка природа не само на мас-медиуимите туку и на самата возвишена уметност. Исто онака лесно и виртуозно како што ги спојува „високата“ и „ниската“ уметност (или цртежот и текстот) Арсовски ја поставува (контрапунктира, јукстапонира, или просто поставува) и македонската (културна и политичка) трагикомедија во глобалната фарса.

За крај, уште еднаш да речам, но појасно: во своите најдобри цртежи (а повеќето се такви, средното ниво е вџашувачки високо) Кирчо Арсовски е повеќе духовит отколку циничен (цинизмот, велам, е маска за заштита), повеќе вклучен (загрижен) отколку бездушно исклучен (неговиот ескапизам е поза), повеќе поетичен отколку брутален...

Цртежи: Кирчо Арсовски

ОкоБоли главаВицФото