За книгата „Градот што веќе не е мој“ на Јовица Ивановски

23.09.2016 10:38
За книгата „Градот што веќе не е мој“ на Јовица Ивановски

 

Промотивен говор на Влатко Галевски за книгата „Градот што веќе не е мој“, најновата поетска книга на Јовица Ивановски, која излезе во издание на Темплум, во едицијата Градот.

 

 

Секогаш кога за промоција од овој тип се поканети двајца или повеќе промотори, однапред чувствувате опасност од двојно или тројно повторување на ставовите со вашите соговорници. Но, во случајот на „Градот што веќе не е мој“, не постои опасност од преклопување. Причината е во слоевитоста, пластовидноста или еден вид прстеновитост како годови на пенушка. Затоа, вечерва и перцепциите и толкувањата за оваа книга, сигурен сум, ќе бидат виножитни.

Го читам книжулево еднаш, па уште еднаш, и откривам несовладлива желба да дополнам, да подвлечам, да апострофирам, да болдирам и пак да дополнам.

И не одолеав тоа да го споделам пред сè со Јовица, а и со вас и да му се заблагодарам на вечерашниов поет што ми разбуди несекојдневна хипермотивираност, што ми даде шлагворт од 47 песни за да можам вечерва да срочам барем нешто приближно умно на неговата поезија.

Веслање по асфалт

Не е доволно што ни се гади од невкусот:

Сакаме на невкусот да му се
згади од нас.

Жестока, реверзибилна, инверзивна и инвазивна, речиси заканувачка порака до семејствата Шундовци, Кичовци, Провинцови, Паланкови, Плиткови, Турбофолкови и Барокови.

Ќе ја позајмам мислата на сликарот и медитативниот гуру Перица Георгиевски-Пепси, кој во еден разговор го изрече следново: Универзалната религија на човекот е дишењето, Диши... издиши... Од првиот до последниот здив практикување на религија. Само во момент кога ќе престанете да дишете, неповратно престанувате и со својата вера.

Јовица е дизајнерот на религијата на градското дишење, проповедник на псалмите за совеста, епитафите за погубноста, гневен толкувач на грдата епифанија.

Подобро со косилка врз бетон,
отколку со валјак врз трева.

Неговата поезија е хроника за Триумфалниот Пораз на Градот. Первертирана хроматика за наразениот збор – Слобода:

Слободата може да е проститутка
во земја каде што нема бордели,
фри-шоп на илегален
граничен премин...
...или хипи-комуна во Зајас.

Јовица зборува за феноменолошкиот аспект на слободата, оваа нашава Тоталитарна Слобода, заробена слобода, слобода за параноични, слобода за заблудени, слобода во сто простачки лекции. Ќе си дозволам уште малку да дополнам: Слободата како раздавање на гробишта, како стока во Сити Мол, слободата како подарена вуду кукла, слободата како бесплатно скијање за пензионери, како поплава на секои 1000 години или прошетка по Аминта трети, слободата како несекнење на улица или десетпати дневно поминување под триумфалната порта.

Колку повеќе нови згради,
толку повеќе бездомници.

Ќе го заокружи апсурдот на урбаната слобода Јовица.

Некои, тука неприсутни веројатно на Јовица ќе му ја залепат етикетата – Зол поет, мразач или хејтер, надркан градски стаорец кој блуе душмански стихувани фрази со антипатриотизам, а Ивановски ќе порача, ќе им спушти:

А национализмот,
тој извор на вештачки вируси
можеме да го победиме само со
хигиена на умот, со писменост и човечност.

Аха, ете грам чесност, ронка разум кај човеков, би рекле тие некои овде неприсутни, ама зошто да го капеме умот, или, за министерствување и не треба многу читање, а човечност? Каква смешна формулација!

Неправди прославени со огномети!

...Ти се дига но сѐ ти го спушта...
...И сето тоа поради кретените кои сакаат
да ти го сменат чувството за убаво.

Грст грди зборови во 2-3 песни, Контејнер до гуша во гомна, Тоалет кој смрди на нужник, Ќенеф...

Нов правец во уметноста.
Особено во вајарството и арихтектурата.
Нов, единствен, наш а светски,
наречен Демодернизам

Првиот дел од книгата е истурање поетски игли и шпенигли, шајки и срчи по скопскиот асфалт, дупчејки ги луксузните мишелинки на преснодојдените провинциски буржуи, а во вториот делумно прозен дел (не прозаичен) Јовица испукува плотуни од зборовен барут, рафали од созреани балгами, салви од иронии, сарказми кон точно утврдената цел, кон медиокритетите, недоветните, апашите, примитивците, кои овој град го направија светско ругло.

Можеби на прв поглед (или прво читање) песните на Јовица се истурање на гнев, разочарување, лутина, па и песимизам, но во суштина тие се мали етиди за љубовта кон градот, со таканаречена љубовна омраза, која ја споделува со своите сограѓани.

Тврдоглавост како доблест,
транспарентност зад параван.
Отсакување на татковината и
желба за стоење на туѓа химна.
Македонијо… твоите гаќи се за фрлање,
и тоа директно во депонија.
Стара моја, ти треба нова
долна облека!
До скоро жалев, но сега сум среќен,
што Сиднеј Опера Хаус
не е изградена во Скопје.

Поезијата на Јовица е како првиот стихуван музеј на поразите, на еден град, на неговите жители...

Прекрасната „Горд татко“, и продолжението во „На протести’, песни за сите родители на овој свет. Се препознав себеси, ги препознав моите деца, иако јас ја паметам 68-ма. И иако бев некаков полухипик.

„Градот што веќе не е мој е речиси една неутешна приказна, која е истовремено драматична и апсурдна и реална, со многу сочувство и хумор, додека брутално суровите и реалистични настани и размисли за сопствениот град се преточени во поетските визии.

Оваа книга на Џовани од ова место сакам да им ја препорачам на сите оние насила инакви, од страв заблудени, од неукост неупатени, од слепило непрогледани, од алчност недојадени, од глупост заглупавени, од темница непросветлени... нека ја прочитаат, макар и до половина, како умствена терапија, како аспирин форте за нивната грипозна совест.

21.09.2016

Фотографии од промоцијата: Анита Палческа

ОкоБоли главаВицФото