Седум степени по Хитлеровата макрофашистичка скала

23.09.2016 13:27
Се¬дум сте¬пе¬ни по Хит¬ле¬ро¬ва¬та мак¬ро¬фа¬шис¬тич¬ка скала

Бесот на мајката земја што некни се истури врз Скопската котлина ме затекна во еден од повеќето консумеристички храмови во градот, заглавен во тесниот помин кај касите, со главата врз полна количка животно неопходни и сосем излишни трици. Иако приземна градба, супермаркетот изграден главно од челик и ламарина реагираше на земјотресот како грандиозен лимен оркестар да удрил моќен заглушувачки туш - та-раааам! - што делуваше како да го означува апсолутно неумоливиот крај на светот. За тие неколку кошмарни секунди исполнети со смртно заканувачка бучава и гневно тресење на земјата, додека стварите паѓаа од полиците, луѓето потрчаа кон излезите и со неверојатна грациозност ги прелетуваа касите, како што олимписките коњи пред неполн месец дена прескокнуваа боени дрвени препреки.

И додека звукот на челичните чинели уште не беше стивнат, целиот супермаркет се испразни од живот, оставајќи го внатре само ситниот крш од намирници и предмети весело расфрлани по подот, кутрите касиерки што останаа како залепени за своите каси и неколкутемина „возрасни“, неснајдени или самобаталени како мене. Нема да ми верувате, почитувани читатели, но единствената мисла што се сеќавам дека во тој миг ми светна в глава, беше здивеноста од молскавичното бегање на репрезентативниот примерок на македонски граѓани, реакција што без дилеми укажува на изненадувачки високата дарвинска животоспособност и виталност на инаку душевно замореното и апатично население на библиската земја.

Да се разбереме, тоа дека секавичното бегање е доказ за виталноста на напатените наследници на Алехандро Магно, не го кажав со иронија, зашто психолозите се сложни во сфаќањето дека – спротивно на раширената предрасуда – стравот како емоција и бегањето како нејзин перформанс, се најрационален човечки одговор на ваква застрашувачка природна закана. Стравот индуциран од животна опасност - како најбазична емоција што живите суштества ја продуцираат – е најсилно биолошко средство за одржување на животот, што моментно предизвикува промени на метаболизмот на организмите и, се разбира, промени во нивното однесување. Овие моќни биохемиски промени во организмот се неопходни за да го подготват на соодветен одговор на надворешната закана, одговор што психолозите го сведуваат на инстинктивен избор помеѓу двата обрасци на однесување: борба или бегање. Се работи, значи, за вродени стравови што предизвикуваат безмалку рефлексни однесувања, менаџирани од хипоталамусот и амигдалата, еволуциски најстарите делови од мозокот, сместени длабоко под кортексот кому му ги должиме свеста и разумот.

Е, сега, проблемот настанува кога човек ќе ја спореди исклучително виталната реакција на скопскиот земјотрес од минатата недела (за којшто ни навестија дека е со јачина над 5 степени по Европската макросеизмичка скала), со тоталното непрепознавање и отсуството на каква и да е соодветна реакција на драматично поголемата и посмртоносната општествено-политичка катастрофа предизвикана од фашистичката окупација на македонската држава од страна на партиската мафија на Груевски и неговата ВМРО. Иако ја преживуваме десеттата година од инсталирањето на една тоталитарна партиска држава со корпоративно-клептократски табиет и фашистичка идеологија, катастрофа за која со сигурност може да се рече дека е со јачина од 7 степени по Хитлеровата макрофашистичка скала, македонското општество сè уште тетерави помеѓу незадоволство и апатија, и упорно се однесува несоодветно нормално. Излегува дека Македонците имаат витален и рационален одговор на работи со кои управува делот од мозокот што го делиме со животните, а се однесуваат тотално ирационално и индиферентно, дури самоубиствено глупаво, за работи од коишто зависи судбината на нацијата, за коишто е одговорен мисловниот и ѓоа рационалниот дел од мозокот. Навредлив и понижувачки, но болно вистинит заклучок.

Иако не можам да се помирам со нашето колективно неснаоѓање со вмровскиот фашизам, со општествено-политички околности за коишто наивно сметавме дека се дел од историјата, и како такви, неповторливи и нестварни, сепак имам поголемо разбирање за нашата мизерија набљу-дувајќи ги современите европски премрежиња и споредувајќи ги со оние од пред неполн век. Неверојатно е колку многу денешното континентално пропаѓање на базичните либерално демократски вредности и очигледниот процут на историскиот ревизионизам и затскриениот фашизам, наликува на процесите низ коишто Европа поминуваше помеѓу двете светски војни! Како да се работи за вистински историски дежа ви!

Читајќи го, на пример, Мазоверовиот „Мрачен континент“, запрепастува колку експлозијата на либералната демократија во Европа по распаѓањето на големите европски империи по првата светска војна, наликува на пропаста на реалниот социјализам и создавањето на постсоцијалистичките држави во раните деведесетти години од минатиот век. И, потоа, колку болно создавањето на дури десет нови републики со либерално-демократски устави по Првата светска војна, и нивното постапно пропаѓање во авторитарни и фашистички диктатури, наликува на либерално демократската еуфорија од деведесеттите и кризата на демократиите што уследи веднаш по неа. Историјата сведочи дека по триумфот на демократијата во 1918, таа беше на целиот континент речиси збришана веќе дваесетина години подоцна. Во страв од болшевизмот десничарските движења ги соборија една по една практично сите уставни демократии, за конечно, во раните четириесетти години териториите на сите 27 денешни членки на Европската Унија да бидат под фашистички власти. Испадна дека либералните демократии биле пред сè антикомунистички, а дури потоа (ако воопшто!) демократски. За жал, премногу слично како и денес.

Секако, историјата не може да се повторува, но аналогиите помеѓу структурално сличните регресивни историски ситуации не смеат да се занемаруваат. Иако и тогаш постоеја јасни критики дека „причината за настанокот на фашизмот се наоѓа во политичкиот и социјалниот неуспех на либералната демократија“, и дека „фашизмот е производ на внатрешното распаѓање на демократијата“, заеднички именител и на тогашното и на денешното пропаѓање во авторитаризам е општото непрепознавање и на природата и на магнитудата на монструозната закана на фашизмот, и консеквентно, потполното отсуство на вистинската реакција на општествата на оваа смртна опасност. Шпанскиот аналитичар Камбо оваа неподготвеност на општествата за соодветен одговор на десничарските популизми го опиша уште 1929 година: „Истражувајќи го современиот проблем на европските диктатури, веднаш паѓа во очи леснотијата со која тие беа воспоставувани и уште поголемата леснотија со која се одржуваат на власт“. Како да пишуваше за неподносливата леснотија со која се воспостави и се одржува „меката“ фашистичка диктатура на ВМРО.

Честопати примам критики дека со овие историски аналогии и со квалификувањето на власта на Македоња Вечна како фашистичка диктатура, само ги застрашувам луѓето и им ги потсекувам крилјата на нивното победничко предизборно расположение. Можеби, но кои се поуките од дарвинската улога на стравот? Тој е единствениот психолошки механизам што го подготвува човекот за соодветна реакција на заканите по неговиот живот; тој е единствен тригер за двата животоспасувачки обрасци на однесување - борбата и бегството. И, како што видовме, од земјотрес може само да се бега (ил да се лега), но со фашизмот мора да се соочиме и да се бориме на живот и смрт.

Слики: Vladimir Kazanevsky

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото