Фијаско, човече, фијаско

25.09.2016 15:02
Фијаско, човече, фијаско

Поплави, земјотреси и немонтирани интервјуа. Македонскиот народ навистина нема време да се опорави од тешки шокови. Нашите деликатни уши, сензитивни погледи и нежни глави, разгалени од постојаната медиумска елеганција, ненадминливите ораторски способности на драгиот ни претседател, елоквентноста и мудроста на политичарите, високата култура на дијалог, интелигентната смисла за хумор на бившиот ни премиер и демократското водење дебати, нè направија слаби и неспремни за оваа „истечена“ снимка. Како, добога, да преживееме со фактот што специјалната јавна обвинителка Јанева има трема и потешкотии во артикулирањето на мислите? Како? Сношти, претпоставувам, дијазепамите завршија работа, но утрово повторно осамна со злокобниот факт: нашите медиуми доживеале фијаско.

Пази богати, медиумското фијаско што ја растревожи македонската јавност не е фактот што јавниот сервис за кого го плаќаат граѓаните се претвори во центар за комуникации на ДПМНЕ, не е фактот што уредници и новинари се претворија во читачи на сценарија и соопштенија, не е фактот што требаше цела меѓународна да се вклучи за да се смени уредувачката структура небаре менуваме хиерархија во њујоршки гангстерски одред - туку дека Јанева била неелоквентна. Па уште некои најажурни полтронски портали го даваат за пример Зврлевски како треба да се однесува јавен обвинител пред камери. А да му кажевте на Зврле како треба да се однесува јавен обвинител во обвинителство? Замислете, како медиуми навреме да го потсетувавте кои се неговите обврски и да баравте одговори? Можеби тогаш немаше да ги слушаме Јанкуловска и Ставрески како за јавен обвинител зборуваат за Марко кој им јаде од рака небаре домашно милениче. Можеби тогаш немаше да имаме потреба од Јанева, од „бомби“, од преговори. Но не. За јавниот сервис тоа не е приоритет. Сепак, за МТВ приоритет се изборот на гардероба, шминка и нормално однесување пред камера. Што да се прави, вмровците љубат форма. За нив содржината е вишок. А да не се лажеме, во МТВ одамна вмровци кројат медиумски наративи.



Особено се насекирани довчерашните независни новинари, кои денес без проблем се потпишуваат со „ние вмровците“. Па така, ни Чилиманов не остана имун на овој шок. Со евидентна вознемиреност до степен на растројство бара од Црпко (пази го ти, Цветин досетливиот) и Катица да се приберат, или од оние што ги пуштиле од ланец, да ги врзат повторно, завршувајќи со револуционерниот крик: Моронштино една. Е тоа ти се вика грижа за „драгите гледачи“. Па не може бе човек омекнат од турските квалитетни продукции да проголта еден таков обид за интервју. Среќа за нас што во МТВ имало совесен граѓанин, кој возбуден и мотивиран од Асанж решил да ризикува сè, да украде материјал од јавниот сервис и ексклузивно да го довери на истакнат медиум со бивша сопственичка структура во Белизе - Република. Со која цел? Некој ќе рече: за зајакнување на политичките позиции на власта на следните избори, преку оцрнување на нивната единствена вистинска закана - правдата. И јас ќе морам да се согласам со тој некој и уште еднаш да воздивнам со истата мантра за смирување - тие сме, такви сме, тоа сме. Попрво би се интересирале за изборот на чипка на Јанева отколку резултатите од нејзината работа, започнатите истраги и поднесените обвиненија.

Штовани публикуме, драги заспани слушатели и гледачи, ние имаме поднесено обвинение од државна институција против нашиот 10-годишен премиер. Обвинение против човекот што е инженер на нашата држава и општество денес. Додуша, ако успееме и него да го прогласиме за одличен говорник, неприкосновен оратор, елоквентен господин, тогаш греота би било да го ставаме во такви стресови или, не дај боже, да му посакуваме лишување од слобода. Па кого ќе гледаме и слушаме во медиумите тогаш? Замислете овие ораторски величини да ги снема од јавноста. Тогаш „драгите гледачи“ ќе мора да се разбудат, да го видат грдото лице на гнилиот систем. Ќе мора да ја слушнат вистината што не тече како мирен поток, ами пелтечи и топоти како елементарна непогода.

Таа медиумска бура може да биде првиот чекор во демонтирање на окупираниот и фаличен државен апарат. Помеѓу правосудните институции на скала од 1 до 5, според истражувањето на Институтот на демократија во мај оваа година, граѓаните највисоко го оцениле Специјалното јавно обвинителство со средна оценка од 3,22. Уставниот суд е оценет со 2,33, Јавното обвинителство – 2,32, а судовите – 2,22. И ќе се јави сега некоја загрижена агенција или институт и ќе мери кој од лицата на овие институции, граѓаните сметаат дека најубаво говори пред камери, најубаво се облекува, најубаво пее, готви, свири хармоника. Зашто им се може. Затоа што им проаѓа. Работата на СЈО е нашиот утрински аларм. Ова се можеби снуз-копчињата, ама едно е јасно: алармот веќе нема да биде исклучен. Уште илјадници минути од слатките интервјуа на премиерот, министрите и претседателот со Миленковци нема да нè стабилизираат до состојба на хибернација во која бевме. Катица може да облече и мрежасти хулахопки ако сака, ама под еден услов: ако ги облече овие другиве во униформи со хоризонтални риги.

Цртежи: Кирчо Арсовски
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото