До Кристален глобус со буџет од 10.000 евра!

26.09.2016 10:49
До Кристален глобус со буџет од 10.000 евра!

Давид Гајдич и Акос Ковач се млади унгарски кинематографери, неодамна излезени од универзитетските клупи. Тие ја имаа среќата да бидат дел од тимот на еден од најпознатите унгарски режисери во подем, Заболч Хајду, кој го направи нискобуџетниот филм „Не е времето на мојот живот“ и за истиот освои Кристален глобус во Карлови Вари.

Филмот е сниман со буџет од околу 10.000 евра, во станот на Заболч Хајду, а актерскиот тим го сочинуваат семејството и пријателите на режисерот. Тринаесеттемина кинематографери кои работеа на филмов се токму неговите ученици од универзитетот Метроплитен во Унгарија, на кои ова им првиот значаен професионален исчекор.

Поради несогласувања на режисерот со Министерството за култура, не му биле одобрени средства да сними филм. Тој сепак не го оставил сценариото да пропадне и најпрво изрежирал театарска претстава со истата тема како „Не е времето на мојот живот“, која доживеала голем успех. Кога конечно дојде до некакви средства, иако минимални за снимање филм, Заболч Хајду ја реализира својата замисла и го сними филмот во својот стан, со своето семејство и самиот тој како главен актер, со помош на своите студенти и – доби Гран при во Карлови Вари!

Филмот е снимен со рекорден број од 13 кинематографери, но тоа воопшто не резултура со неконзистентност во конечниот производ. Tокму напротив, студентите на Заболч велат дека токму во спојот на сите тие различни перспективи е генијалноста на идејата на режисерот.

Кинематограферите Акос Ковач и Давид Гајдич присуствуваа на 37 издание на интернационалниот филмски фестивал на кинематографери, Браќа Манаки, на кој што беше прикажан „Не е времето на мојот живот“.

За време на нивниот краток престој во Битола, успеавме да договориме интервју, кое се претвори во долгометражен разговор за филмската уметност во светот и во Унгарија, за перспективите на младите филмаџии како нив, за трендовите и тековите на нивниот занает и се разбира, за нивните впечатоци за големите унгарски режисерски имиња. Во продолжение, пренесуваме неколку секвенци од разговорот со двајцата кинематографери.

За филмот „Не е времето на мојот живот“ и работата со режисерот Заболч Хајду

Акос Ковач и Давид Гајдич велат дека Заболч Хајду според нив е еден од најголемите унгарски режисери на денешницата, за кого допрва ќе се слуша сè повеќе. Па кога им понудил да работат со него, биле уплашени од предизвикот, но чувството на страв исчезнало по само неколку денови и сите максимално уживале за време на снимањето.

Акос Ковач: Искрено, беше малку чудно тринаесет кинематографери да снимаат еден филм. Секој ден по еден од нас снимаше, а останатите работеа како техничка поддршка. Идејата да го сними филмот со помош на неговите ученици беше брилијантна. Ако снимаш филм во еден стан, во истиот затворен простор, не можеш да го снимиш истиот агол двапати.Тоа можеш да го постигнеш само ако снимаш со многу различни умови и повеќе пара очи. Токму во тоа се состои генијалноста на идејата.

Филмот го снимивме за три недели, во станот на Заболч. Практично живеевме кај него дома и бевме како дел од неговото семејство. Немавме професионална опрема, па кога не беше доволна природната светлина, осветлувавме и со лампи од „ИКЕА“.

Давид Гајч: Работата со Заболч беше многу добра, бидејќи тој е визуелен тип на режисер. Секогаш знае како да снима, со што да снима и од кој агол да снима, но и покрај тоа ви дава слобода. Беше многу пријатно искуство да се работи со него. Ужасно е да работите со режисер кој не се разбира во доменот на кинематограферите, а сепак ви наложува што да правите. Иако е сниман од 13 различни луѓе, нема никаква неконзистентност во филмот. Кога прв пат го погледнавме во Карлови Вари, беше навистина тешко да се најдат границите од еден до друг кинематографер.

Акoс Ковач: Начинот на снимање зависи пред сè од сценариото. Основната идеја на режисерот Заболч Хајду, беше да го направиме филмот толку природно, за гледачот да се чувствува како да е дел од од него. Снимавме со широки леќи и мала, рачно држена камера. Ги снимавме актерите одблизу, делумно и поради тоа што просторот во станот беше ограничен. Со сето тоа се постигна ефект врз гледачот дека не е само гледач, туку е присутен и учествува во филмот. На моменти толку им се доближувате на актерите, што скоро и да дишете и живеете со нив.

Односот кинематографер- режисер

Акос Ковач: Има два типа на режисери – оние кои што имаат познавања во доменот на кинематограферската работа и оние кои што немаат. Па така, насоките кои ги даваат режисерите се подобри доколку и самите се разбираат во процесот на снимање. Во секој случај, кинематограферот секогаш треба да му биде подреден на режисерот. Се работи за однос базиран на доверба и визија, ако му веруваш на другиот и ако имаш визија, ќе излезе добар филм. Режисерот мора да оди на снимање со јасна замисла за филмот. Тоа е значајно, бидејќи многу млади режисери сметаат дека ако кинематограферот е добар и талентиран и знае што прави, може да му се препушти целата работа. Но, режисерот мора да донесе некои одлуки, како аголот на снимање, снимка од блиску или од далеку, какви ќе бидат движењата на камерата и така натаму.

Постојат филмови во кои што кинематограферот одлучува за некои работи отпосле, во студио, но резултатот најчесто не е добар. Во студио сега можете да направите многу работи и да додавате бои, но потребно е да се направи пред-компонирање според некаква замисла. На пример, во зависност од тоа во кој тон режисерот сака да биде филмот, за да се долови некаква топла или ладна атмосфера, потребно е да се направи соодветна сценографија да се одбере боја на облеката која ќе легне во тие тонови, да се подеси светлото и така натаму.

Режисерите кои што снимаат филмови во препознатлив стил според мене се добри режисери. На пример, Вес Андерсон знае однапред дека сака централно поставени снимки, а Рој Андерсон сака низок контраст, заситеност на боите и мека светлина.

Давид Гајдич: Кинематограферот Габор Сабо, еднаш ни рече дека ако некој му даде камера на свадба нема да биде ништо подобар од обичен свадбен фотограф. Па така, снимањето не зависи само од човекот и камерата која ја држи, туку се работи и за контролирањето на околината која се снима. Мора да ги контролирате светлата, атмосферата, дури и воздухот. Мора да имате контрола над луѓето заедно со режисерот.

...Што ако кинематограферот и режисерот се истиот човек?

Акос Ковач: Тоа е проклето тешко да се изведе. Во текот на студиите сите сме се обиделе да направиме филм сами, но заклучивме дека е ужасно тешко. Ако си кинематографер, мораш да размислуваш технички околу тоа со што снимаш, како снимаш, какво е светлото... и тоа ја убива креативноста. Кога размислуваш за сликата и кадрите, тешко е да размислуваш паралелно и за актерите и текот на приказната. Режирањето е најлесно кога седиш пред монитор, ја следиш сцената и размислуваш околу тоа како сакаш да изгледа сето тоа. Секако, одвреме-навреме се појавуваат генијалци кои што се способни тоа да го изведат успешно. Има доста такви имиња во историјата на кинематогафијата. Од поновите, фимот „Another Earth“ е пример за тоа.

Каде оди кинематографијата

Акос Ковач: Технологијата напредува толку брзо што, не можеме со сигурност да предвидиме кои ќе бидат новите трендови. Во секој случај, промените во техниката го менуваат и начинот на кој размислувате за правењето на филмови. Сега, на пример, имаме камери со кои што не мора да одбереме веднаш каде да биде поставен фокусот. Кинематограферите сè повеќе работат на монитор. Наскоро, само ќе треба да ја оставиме камерата на сетот и потоа да одбираме опции како сакаме тоа да изгледа.

Во моментов актуелно е снимањето во долги кадри. Земете ги за пример филмовите „Birdman“, „Victoria“, „The Revenant“... режисерите кои стојат зад овие филмови работат со екстремно долги кадри.

Нов тренд во подем е секако и снимањето со што помалку светло. Тоа е она што дигиталната ера ни го донесе: Не ви се потребни светла! Наместо да се снима со што повеќе осветлување на сетот, како што беше порано - многу рeфлектори, многу топлина - сега дигиталната технологија овозможува да снимате со минимално осветлување, во природни услови. Имаме камери кои што можат да се справат со какво било осветлување, но бидејќи осветлувањето во природни услови доаѓа од повеќе страни, а не од еден извор, треба само да покриете некои од „вишок“ изворите на светло и да снимате. Ние сме генерации на кинематографери кои што ја одземаат светлината, наместо да ја додаваат.

Исто така, живееме во време каде што во филмовите доминира меката светлина. Во 50-тите години, во ноарот, имаше многу сенки, острина и контраст. Сега може да се забележи дека нема вистинска црна боја во филмовите, има нешто сивкасто, помеко... тоа е естетиката која што најмногу се бара.

Давид Гајдич: Еден професор еднаш ни рече: „Дечки, погледнете ми ги панталоните. Беа во мода пред 50 години, а сега повторно се модерни. По некое време повторно ќе станат демоде, но со сигурност по неколку години ќе се вратат.“ Истото е и со кинематографијата. Трендовите се вртат во круг.

Перспективите на младите кинематографери во Унгарија

Давид и Акос објаснуваат дека на студиите им претходи строга почетна селекција. Идните кинематографери мора најпрво да приложат солидни фотографии, да минат низа тестови и да направат аматерски филм, со цел да ги примат на унверзитет. По три години додипломски студии, се стекнуваат со звање камермани, а по завршувањето на постдипломските студии веќе се кинематографери.

Акос Ковач: Има многу, многу, одлични кинематографери во Унгарија. Иако сега има само еден униврзитет каде што се учи кинематографија, сите што излегуваат од таму се многу талентирани, за среќа или за несреќа. Токму поради тоа, могу кинематографери ја напуштаат Унгарија и работат насекаде низ светот. Јас, на пример, би сакал да одам во Прага и таму да стекнам дополнително знаење во областа. Сметам дека чешкото кино може многу да ми понуди.

Олеснителна околност е што за разлика од режисерите кои работат според замисла и идеи, ние имаме занает. Имаме камера, ги знаеме техникалиите, имаме практични и применливи вештини. И покрај тоа, за младите филмаџии е доста тешко да се пробијат, бидејќи, како што реков, во Унгарија има многу талентирани кинематогрrафери и режисери.

Веројатно најзначаен чекор во животот на еден кинематографер е кога ќе го направи својот прв долгометражен филм. Токму ова беше најголемата придобивка за сите нас од работата на филмот „Не е времето на мојот живот“ – сега го имаме во CV. Не е доволна само дипломата, сè се сведува на праксата после универзитетот. Иако сме кинематографери „со тапија“, во Унгарија има една поговорка која вели дека добриот поп учи до смрт, а така е и во оваа професија. Никогаш не можеш да научиш доволно, кинематограферите учат постојатно.

Бела Тар, Миклос Јанчу, Ѓорѓи Палфи...

Акос и Давид: Бела Тар и Миклос Јанчу се двајцата најголеми унгарски режисери. Унгарската кинематографија е базирана на тие двајца великани кои направија неверојатно уникатни и суштински унгарски филмови. Миклос Јанчу е лидер во снимањето со долги кадри.

Ѓорѓи Палфи ни беше професор по режија на универзитетот Метрополитен. Тој и Заболч Хајду не беа типични професори кои доаѓаат на час спремни и рецитираат лекции, како останатите професори. Нивните лекции потекнуваа од нивниот талент, нè учеа од својата душа и моментална инспирација. На пример, ќе им раскажевме некоја приказна која ќе ги заинтересираше и тие ќе нè поттикнеа да размислуваме како би го снимиле тоа. Овие луѓе во моментов се најдобрите режисери во Унгарија и навистина сме среќни сме што ја имавме можноста да учиме од нив. Беше навистина прекрасно искуство да се учи од Хајду и Палфи.

Унгарците не сакаат унгарски филмови

Давид Гајдич: Унгарците не сакаат унгарски филмови. Треба да направите навистина квалитетен филм, со многу добар маркетинг, за да се надевате дека ќе го погледнат половина милион луѓе во Унгарија, каде што има десет милиони жители.