Групно одлучување

26.09.2016 11:47
Групно одлучување

Само неколку поими од областа на општествените науки имаат толку различни, често и спротиставени значења, а веројатно е дека ниту еден не успеал да распламти толку многу страсти како поимот демократија. Таа не буди само надеж, туку и апатија, таа ја трасира иднината, но го евоцира и далечното минато, ја симболизира промената, токму како и давањето отпор на промените... Околу овој поим се врти политичката суштина на современиот живот oлицетворена во слободата, еднаквоста, моќта, суверенитетот, претставувањето, партиципирањето, легитимитетот, општото добро и, конечно, изборите.

Современите филозофи ја оправдуваат демократијата на два начина. Едните ја гледаат, пред сè, како фер процедура, како мнозинско правило на одлучување што ги почитува еднаквоста на индивидуата и ги втемелува морално пожелните категории како што се еднаквост, слобода и правичност. Според ова гледиште, демократијата има суштинска вредност бидејќи станува збор за единствениот политички поредок кој наведените вредности може да ги доведе до реализација.

Во втората група спаѓаат теоретичарите кои во мнозинското одлучување, освен правичната процедура, гледаат сознајна димензија: мнозинското одлучување има поголеми шанси за постигнување на „колективна мудрост“ поради фактот дека поголема популација во себе носи и поголема сознајна разновидност преку која полесно се носи исправна одлука. Во тесна врска со второто гледиште е и математичкиот доказ во прилог на демократскиот облик на одлучување, кој се појави во мугрите на модерната демократија, 1785 година, познат под името Кондорсеова теорема на поротата.

Според оваа теорема, големите групи луѓе имаат поголема шанса да дојдат до исправни одлуки отколку поединците. Кондорсеовата теорема на поротата покажува дека во изборното тело со голем број гласачи одлуката на мнозинството води кон вистински исход доколку се исполнети три услови: (1) гласачите да имаат шанса поголема од 51% да погодат што е вистина (услов на „просветеноста“) (2) да гласаат независно еден од друг, (3) да гласаат сосема искрено – со што се елиминира стратешкото гласање или манипулација. На пример, ако гласачкото тело има илјада гласачи, од кои кај секој постои веројатност од 51% да одлучи исправно, веројатноста на целото гласачко тело исправно да одлучува изнесува дури 69 проценти.

Ставот дека Кондорсеовата теорема оди во прилог на демократското одлучување всушност почива на претпоставката дека компетенцијата на гласачите е секогаш поголема од 50 проценти. Доколку, поради овие или оние околности, се испостави дека просечната компетентност на избирачите не преминува 50 проценти, тогаш со зголемувањето на нивниот број се намалува и веројатноста за носење исправни одлуки. И самиот Кондорсе сметал дека „чистата демократија“ би била соодветна за луѓе кои се сосема ослободени од предрасуди. Со други зборови, за да се минимализираат шансите за донесување погрешни одлуки добрата процедура на групно одлучување мора да биде заснована на сигурни информации. Тоа подразбира исполнување на цела низа услови кои би морале да бидат реализирани и со кои граѓаните ќе имаат поголеми шанси за постигнување „колективна мудрост“.

Честопати се тврди дека „информациското“ време се одликува со „демократизирано“ знаење. Меѓутоа, знаењето и информациите не се исто. Бројот на текстови и места од каде се собираат информации, како и бројот на индивидуи кои ги читаат и ги шират сами по себе не се гаранција за вистинитоста на информацијата. Знаењето, значи, е директно поврзано и со проблемите со кои современите демократии сè почесто се соочуваат. Ставовите, одлуките, изборите и постапките, како и централните демократски текови, гласањето, се исклучително чувствителни на начините на кои достапните информации се процесуираат. Доколку информацијата е погрешно процесуирана, тешко е дека ќе се дојде до вистината, а доколку вистината барем донекаде не е процентуално загарантирана, тогаш само небото е граница за различните облици на манипулирање со граѓаните, со носителите на одлуките и останатите чинители во еден демократски поредок.

До информациите може да се дојде многу лесно, брзо и евтино. Денес голем број луѓе можат да поделат идентично мислење, на тој начин подигнувајќи му го рејтингот, но тоа само по себе не претставува доказ дека веродостојноста има некаква врска со консензусот. Интернетот е исклучителен медиум за ширење приказни со „лајкување“, „шерување“, гласање и коментирање, кои за кратко време може да се прошират како вирус. Парадоксално, но таканареченото информациско време одгледа една сосема нова ѕверка, постфактографска демократија. Ако малку се осврнеме околу себе, ќе видиме дека денешните демократии не почиваат на фактите, туку на (по)силните опортунистички наративи, каде добра е само онаа приказна што се шири како вирус и каде политиката речиси исклучиво се сведува на максимизирање на поддршката на гласачите.

Да заклучиме со зборовите на Џои Новак: Информациите во светот секојдневно двојно се зголемуваат. Тоа што информациите не ни кажуваат е дека истовремено нашата мудрост се намалува за половина.

Извор: Елементи
Слики: Propaganda
 Times

Слични содржини

Сеад Џигал
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото