Дискретниот шарм на Јанева

26.09.2016 13:07
Дискретниот шарм на Јанева

Арчибалд Кокс е името на американскиот специјален јавен обвинител што му ја зема „мерката“ на Ричард Никсон во повеста на скандалот Вотергејт: неговите истраги за мрежата од корупција распрострена околу соработниците на американскиот претседател Никсон, расветлувањето на Никсоновиот упад со прислушни уреди во просториите на демократите во вашингтонскиот хотел „Вотергејт“, како и инсистирањето да ги добие сите снимки од Никсоновите, со години, тајно снимани разговори во претседателскиот кабинет, на крајот, доведоа до првата (и, засега, единствена) оставка на еден американски претседател. Никсон реши да се повлече од функцијата пред да биде подложен на жарот од „скарата“ за импичмент распалена во американскиот Конгрес. Паметно.

Обидите за јавна дискредитација на Кокс и жестоките притисоци на кои тој беше изложен – таа драматична епизода во американската политичка историја е позната како „Масакрот на саботната вечер“, во чии детали, овде, не е неопходно да навлегуваме – беа рамни само на епската издржливост и ладнокрвноста на специјалниот обвинител Кокс. Сите пропагандни и политички „пци“ на Никсон, пуштени од синџир со задача да го растргнат Кокс, не му беа дораснале на карактерниот и професионалниот интегритет на овој самоуверен, принципиелен обвинител. Човекот доживеа длабока старост (почина во 2004 година, на 92-годишна возраст), влезен во блескавите хроники на американското правораздавање. И Кокс и Никсон завршија во историјата; првиот прославен, а вториот посрамен.

МУВЛОСАНА ТЕГЛА АЈВАР

Тоа е судбината од која Катица Јанева нема да може да се спаси: таа е осудена на слава и успех во мочуриштето на македонскиот правосуден систем. Ги гледам пропагандните и политичките џукели на режимот на Груевски, полни со омраза и со раскезени вилици, како се обидуваат да ја распарчат, жива да ја изедат; а таа, осамена против сите, со својата раскошна насмевка и со совршената гевгелиска појава, како некаква Глорија од ангелските песни за раѓањето на Исус, „плови“ над морето од запенет бес на криминалната банда што владее со Македонија. Контрастот е дополнително засилен од Марко Зврлевски, карпата на македонското корумпирано правосудство, кој во собраниските клупи го седнале до неа како трилитарска тегла со скиселена зимница. Онака, замислен со виснатите мустаќи, Зврлевски веројатно се мачи да се присети како и кога му се случи да се најде на погрешната страна од историјата? Вредеше ли тоа за сите пари и привилегии? („Море, вредеше, вредеше“, го теши внатрешниот глас на неговата валкана совест...)

Не ми е јасна стратегијата на ДПМНЕ: во сите анкети на јавното мислење, вклучувајќи ги и режимските, дискретниот шарм на Јанева ужива поддршка од две третини од македонската јавност, углед за кој Груевски и Фамилијата можат да сонуваат; а тие, сепак, целиот однос кон неа го градат врз екстремно хормонална јавна конфронтација и постојани обиди за нејзина карактерна и професионална ликвидација. Па, и во учебниците за односи со јавност пишува дека така само дополнително ѝ го креваат рејтингот! Мене ми се чини дека таа стратегија им е однапред осудена на пропаст, бидејќи јавноста, на пример, не покажа дека се скандализира од тоа дека Катица има трема кога се подготвува за интервју на јавниот телевизиски сервис. Затоа, кога валканото трикче – „сељачко“, е вистинскиот опис на тоа подметнување – со објавувањето на немонтираните телевизиски снимки ќе го направите со намера да ја понижите нејзината личност, ефектот во јавноста е токму спротивен: на поголемиот дел од публиката секако ѝ се гади од овие извежбаниве кои, без трунка трема и несигурност и пред и зад камерите, ја опљачкаа и ја згазија државата за вјек и вјеков! Просто кажано, нема пропаганден натпревар што Катица може да го загуби во судир со, на пример, хистеричното пљампање на Латас. Од пропаганден аспект, тоа ви е уште побезнадежно од Латасовиот автогол со обидот да го дискредитира Заев во интервјуто на Сител, од што Центарот за комуникации сѐ уште се нема сосема опоравено.

Следствено, наместо на Хималаите да продаваат сладолед, за ДПМНЕ ќе беше многу попаметно на последната комисиска расправа во Собранието пропагандниот акцент да го ставеа на обвинителските успеси на Марко Зврлевски (знам, знам, процениле тие дека Марко е, сепак, безнадежен случај!), а г-ѓа Јанева да ја изигнорираа, да ја „помножеа со нула“, паралелно со сите пречки што и онака од петни жили се прават во секојдневното функционирање на СЈО. Бидејќи, едно од базичните правила во секоја црна пропаганда е дека е секогаш многу поважно да скриеш, одошто да покажеш што е тоа што те плаши кај противникот. Па, Груевски сега бега од судењата во кои е сведок („Пуч“) – што ли ќе прави кога ќе седне на клупата за обвинети?! Ќе треба леген до ногавицата да му се постави.

КАДЕ СТЕ, МАКЕДОНЧИЊА?!

Затоа и не ја споделувам извесната вознемиреност кај дел од демократската јавност дека Уставниот суд сѐ уште можел да го укине СЈО, доколку така одлучи Фамилијата. Прво, според моите информации, во Уставниот суд повеќе не постои мнозинство судии што би гласале за ваква одлука. И, второ, доколку тоа, сепак, се обидат да го направат, тоа ќе претставува предизборен подарок за опозицијата што таа ни во најлудите соништа не би можела да посакува да го добие! Бидејќи, тогаш, изборите ќе имаат само една дилема што ќе се разрешува на денот на гласањето: Дали сте за или против СЈО? Мислам дека и ДПМНЕ разбира дека изборните шанси им се многу поголеми доколку се судрат со СДСМ, отколку да влезат во авантурата да бидат збришани на анти-ДПМНЕ референдумот во што ќе се претворат изборите доколку се посегне по постоењето или интегритетот на СЈО.

Додуша, не треба да се потценува стравот кај режимот. Навистина не е пријатно специјалната обвинителка да ти се сврти и, в лице, пред камери, откако се обидуваш да изигруваш интелигентен пратеник, да ти влепи дека толку се има изнаслушано на твојот глас во прислушуваните снимки, што знае на која страна мочаш наутро, а не, пак, во какви сѐ злоупотреби и политички заговори си вмешан... А вмешан си до гушата кичевска нагоре, барем колку што ти се длабоки семејните џебови надолу. Каде е оној Протуѓер, по ендеци цели семејства што ќе фрлаше? Велат, се мрднал човекот, тотално забегал. Каде е оној Ставрески, што држеше лекции по економија и финансии, додека државата со двете раце ја туркаше во септичката јама на банкротот? Велат, толку е разочаран и гневен, што не сака ни во странство да пребега. Каде е „Миле ми текна“ – избори се ближат, нема да може д-р Горде сама да ги мести! Каде е Мијалков, побогу, да прошета наоколу, малку страв да влее по скопските кафулиња и ноќни клубови, да запали уште некој автомобил, да претепа или уапси уште некој новинар, да уцени уште некој неуценет ако останал?!...

Не е, белки, целата работа на Илија Димовски да е препуштена! Обравме бостан струмички!

ПРЕД ДОЖДОТ...

Сепак, овој злокобен молк и општа функционерска бежанија на ДПМНЕ ми крева јанѕи, ме тера да мислам дека во тоа македонско политичко подземје повторно нешто валкано се подготвува. Тоа ме наведува на помислата дека е некако височка тревата, неразгазена, што израсна околу СЈО: Зошто повторно да не излеземе и громогласно да ја искажеме нашата граѓанска поддршка за македонската демократија и за мирот што ќе произлезе само од правдата? Од кога не сме се виделе на протести... што би рекле во Битола, „за бацуење стигнавме“! Што ни фали повторно да направиме една олта, барем една еднодневна прошетка низ македонските градови, пак да ги развлажиме малку свирчињата и вувузелите, орно да им запееме на дпмнеовци-дуевци под прозорците, да ги размрдаме малку полициските специјалци, некако ни се улежаа, ќе се здебелат како мене, па после што правиме кога ќе наиде стоилјадниот бран бегалци од Сирија да ја прегази Македонија, како што Иванов со месеци ни најавува?! Пак да направиме мала демократска превентива, за да не измислуваме потоа куратива, ем ќе се размрдаме, да видиме кој-каде бил на одмор, ем ќе се преброиме по колку неопределени гласачи сме во кондиција секој од нас да убеди да излезат на избори во декември за да ѝ ставиме крај на депресијата во која живееме.

Оти, ако ние тоа не го направиме деновиве, сѐ си мислам дека власта ќе почне да плеска сендвичи и да организира автобуси и комбиња за да ги истовари пред канцелариите на СЈО. Тие секако нема што да загубат – секој ден украден од работата на Катица Јанева е ден подарен за слободата на разни знаени и незнајни битанги на Фамилијата.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат