Критична маса #53

27.09.2016 03:42
Критична маса #53

Датум: среда, 28.09.2016
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Парк Фредерик Шопен

Улиците не биле вакви какви што се отсекогаш. Заборавивме дека пред само 20-ина години беше безбедно да се игра топка на улица… Да се оди пешки на школо…

Дека до 70-тите нашите родители и нивните родители голем дел од работите ги завршувале со точак…И лете и зиме…

Со продирањето на автомобилската индустрија, се наметна сликата дека за превоз мора да се користи кола, а точак како превоз е само за сиромашни… Може детето дури е мало да си игра со точачето и кога ќе порасне спортски да вози точак по планини…. Но за неколку продукти од продавница, мора да се запали кола и да се блокираат тротоари… Можеби немаш да си дозволиш повеќе, но ете, за кола мораш, оти сите така патуваат… Можеби воздухов ни е за никаде, а на тоа многу влијае сообраќајот, но ете, мораш, оти сите така патуваат, оти градот за тоа гради, оти нема полиција да ги казни колите кои им блокираат патеки на точаците, оти нема да те казни ни тебе ако тркнеш „само на 5 минути“... Зашто живееме во општество каде колата е побитна од човекот. Зашто мобилноста се изедначува со автомобил. Зашто голем дел од самите сообраќајни инженери и урбани планери размислуваат низ призмата на што повеќе коли, а не што повеќе луѓе на улицата… Резултатот? Шетањето низ Скопје е мачење наместо уживање, поради возилата испопаркирани насекаде. Децата не можат да одат сами на училиште… Возењето велосипед е како слалом… И самите возачи на коли се нервозни во вакво опкружување…Небезбедност, загадување, влошено здравје… (поради намалување на движењето, загадување и врева)...

Затоа, потребна ни е промена на парадигмите!
Потребна ни е промена на политиките!

Автоцентричното планирање не го решава проблемот на мобилноста, само привлекува нови коли и за најкратки дистанци, затоа што другите начини на превоз ги прави небезбедни, непријатни, невозможни…

Досега се прибегнуваше кон одземање простор од пешаците, велосипедите, зеленилото, за да се добијат што повеќе и што пошироки ленти за коли. Добивме автопати место градски улици… Сигурно можете да наброите повеќе примери низ градов… Климент Охридски е само еден илустративен пример од многуте… Овој пристап во планирањето е карактеристичен за речиси сите градови по Втората светска војна, но веќе е застарен, веќе се согледуваат неговите недостатоци и полека се напушта.

Потребно ни е планирање со фокус на луѓето!

Како ќе добиеме поквалитетна животна средина? Како ќе добиеме повибрантен град со поживи и поатрактивни јавни простори? Како ќе го подобриме квалитет на воздухот? Како ќе ја зголемиме безбедноста кај сите учесници во сообраќајот и чувството на комоција особено на пешаците, на велосипедистите, на луѓето во инвалидски колички, на најмладите, на повозрасните? И на крајот, како ќе ги решиме сообраќајните проблеми, како ќе превеземе повеќе луѓе? Со каков дизајн на улици? Со какви политики? Со сите во кола и со паркирање кому каде му текне, сигурно - не.

Градовите во кои луѓето најмногу уживаат да престојуваат и живеат и градовите кои го скротиле сообраќајниот хаос се градови кои пристапиле кон еден обратен процес во планирањето. Road diets. Lane diets.

На возилата - неопходниот минимум (не мора целосно да се откажеме, но треба да ги користиме порационално), а предност на пешаците, велосипедите, јавниот превоз.

Потесни ленти за возила со паметен дизајн може да значат дека просечната брзина на возилата воопшто нема да се намали, туку само ќе ги снема пиковите: забрзувањата и кочењата, она најопасното. Потесни ленти за возила ќе значат пошироки тротоари за комотно шетање во друштво (не во колона еден по еден!), ќе значат велосипедски патеки онаму каде што ни велат дека „нема услови“, ќе значат специјално место за побрз јавен превоз, ќе значат место и за зеленило, а понекаде и за паркинг…

Решението е пред нас.

Драго Скопје,

Со политики свесни,
коловози стесни.
Смири возачи бесни,
пешаци и точаци смести.

Доколку ја поддржувате оваа идеја за поинаков пристап во сообраќајното планирање, придружете ни се на Критична маса #53.

Се гледаме на точак!

Ѕрн-ѕрн!

Се гледаме на Критична маса!

*** Секој учесник вози на своја одговорност.

Извор: natochak.blogspot.mk