На Акто гостува „Филозофија на паланката“ на режисерот Златко Паковиќ

27.09.2016 06:04
 На Акто гостува „Филозофија на паланката“ на режисерот Златко Паковиќ

На вчерашната прес конференција на фестивалот за современи уметности, Акто, кој годинава е насловен „Поп ап Акто“, кураторите Филип Јовановси и Ивана Васева информираа за текот на првата фаза од скопскиот дел на фестивалот, кој годинава се одржува во четири градови – Битола, Скопје, Тетово и Штип.

- Првиот дел од фестивалот измина во знакот на кампањата Децата на планетата Земја која се одржуваше во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права, МОФ и Фондацијата Отворено општество – Македонија. Изминативе три дена почнувајќи од петокот имавме можност да проследиме програма во Мобилната галерија, во саботата имавме целодневна програма со дебати и други настани, а вчера го посетивме кампот Винојуг и бегалците од Сирија и Авганистан кои се таму - рече Ивана Васева, програмски директор и куратор.

Програмата на Акто во Скопје, интензивно продолжува од денес до 28 септември, кога фестивалот во Скопје, се затвора со претставата „Филозофија на паланката“ во режија на Златко Паковиќ.

- Утре вечер ја имаме изложбата „Колективна одлука“ која практично се надоврзува на она што го работевме во Битола каде што поканивме колективи да работат на одредени теми. Во Скопје имаме три нови колективи, едниот е „Бед компани“ од Загреб, другиот колектив Владан Јеремиќ и Рена Радле од Белград, потоа Нада Прља и Даниел Серафимовски од Скопје и „Културлифт“ од Загреб. Сите овие колективи ја преисипитуваат улогата на уметноста во одреден социјален контекст, работат и ги вклучуваат заедниците - рече Филип Јовановски, директор и куратор на фестивалот

Интересно е што оваа изложба ќе биде отворена во Железничката зграда, што е придонес на Акто фестивалот во регионалниот проект „Кога зградите би можеле да зборуваат“, каде преку серија активности, Акто се обидува да ја заживее заедницата на станарите во оваа историска скопска зграда.

Утре ќе почне и дводневната регионална конференција на тема „Вадење од контекст: самоуправа и одржливост“

- Според мене клучно е што скопскиот дел од фестивалот го затвораме со претставата „Филозофија на паланката“, во режија на Златко Паковиќ, која, според мене, е многу актуелна и симболична во контекст на темите на фестивалот. За прв пат се игра во Македонија и го заокружува контекстот на фестивалот во Скопје и е одговор на различните паланечки форми на креирање култура во нашиот контекст - рече Јовановски.

Претставата „Филозофија на паланката“ според филозофското дело на Радомир Константиновиќ, се занимава со искуството на српската паланка или паланката во Србија, но кое е универзално по своите тези.

- Ние денеска и неолиберализмот можеме да го гледаме како израз на духот на паланката на глобало ниво и јас за тоа говорам во овој ораториум, за кој го напишав либретото. Едно од откритијата на ова дело е дека тоа е критика на омразата кон животот, а е и будење и наговор на протест, на борба и откривање на едно поле на ентузијазам во егзистенцијата на секој човек, значи еден вид покана за радост. Го анализирам српскиот национализам, со примерот на Добрица Ќосиќ, кого го сметаат за татко на нацијата. Ќе видите дека национализмот е всушност омраза кон сопствениот народ и претставува убивање на сопствената нација. Оваа претстава ја погоди целта – во духот на паланката. Говорејќи за српскиот национализам, говорам за национализмот насекаде, па и за македонскиот национализам – вели режисерот Златко Паковиќ.

Претставата премиерно беше прикажана во Белград, во јануари, и ја следеа голем број проблеми, заради темите што ги обработува, а беше прикажана и во Центарот за деконтаминација во Белград и во Нови Сад. Меѓу другите врвни изведувачи, во претставата настапува и светски познатата оперска пејачка Катарина Јовановиќ.

- Да се игра оваа претстава значи да се мапираат местата на слобода, за жал таа не успеа да се игра во сите градови во Србија - рече Паковиќ.

Денес, (27 септември) во соработка со Плоштад Слобода ќе се одржи Кич тура низ обележјата на Скопје 2014, а во среда (28 септември) е организирана прошетка низ местата на борба на 12-скопска бригада, со кое се отвора и темата на антифашизмот.

- Се обидуваме да ја преиспитаме улогата на културата и уметноста во овој политички контекст, во кој е неверојатно тешко да се занимавате со култура, токму затоа поканивме гости, со организирање на микро заедници, со кои се обидуваме да ги преиспитаме културните парадигми. Претставата „Филозофија на паланката“ е идеална за нашиот фестивал и за темите со кои се занимаваме - рече Јовановски.

АКТО Фестивалот за современи уметности е организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ - Факултет за работи што не се учат и е поддржан од УСАИД.  

Деталната програма можете да ја погледнете на веб страницата на АКТО.

Фотографија: Владимир Поповски