Новите нацисти

27.09.2016 10:52
Новите нацисти

Во понеделникот модерирав трибина во театарот „Максим Горки“ која ја пренесуваше Првата програма на Радио Берлин. Гостинка ми беше поранешната главна бискупка на евангелистичката црква во Германија Маргот Кесман, а разговаравме за политизацијата на религијата. Кога ја споменавме забраната за носење бурки, госпоѓата Кесман рече дека според нејзиното мислење бурката е репресивен инструмент за поробување на жените, но дека е против забраната за носење бурки во јавноста.

Публиката реагираше бурно на тоа со извици „Лицемери“. Двата реда публика станаа со транспаренти и стегнати тупаници извикувајќи пароли. Тоа се пристојни млади луѓе: уредно ги кренаа плакатите – дури и викаа некако пристојно. Кога ги замолив да ја напуштат салата, тоа го направија без приговор. Ви ги претставувам нашите нови нацисти: припадниците на движењето Идентитет. По потекло од Франција, ги има во Австрија, а од неодамна постојат и во Германија.

Претседателот на службата за заштита на уставот Ханс-Георг Масен, пред неколку години ја нарече оваа група „виртуелна појава на екстремната десница“ со „засега незначително упориште во реалноста“. Тоа се промени: во тек е десничарска револуција со растечки број учесници. Берт Брехт во песната „Телешки марш“ вели: „Носат свастики/ на крвави знамиња/ со кука за секој бедник“. Следбениците на Идентитет имаат своја свастика: црната грчка буква Ламбда на жолта позадина. Ја преземаа од филмот 300 – The Battle of Thermopylae. Тоа е знакот кој во овој филм на штитовите го носат Спартанците во војната со освојувачите од истокот. Старите нацисти својот крст го позајмиле од старата митологија, а новите – од Холивуд. Тие ги презираат глобализацијата и американизацијата, но изгледа поп културата им е слаба точка.

Маргот Кесман и јас не сме случајни мети на нивните акции. На десничарските форуми пишува дека Кесман и Аугштајн „заговараат општество на имиграција“ и подготвуваат „голема размена на народи“, кога чистиот германски народ ќе биде заменет со валкан, измешан. Следбениците на ова движење ги нареков нацисти сосема свесен дека тоа е збор кој треба внимателно да се употребува. Не се нацисти сите кои имаат поинакво мислење од моето, но во овој случај се. Тие не заговараат освојувачки војни и истребување на Евреите. Својата идеологија ја нарекуваат етно-плурализам: секој народ има право на свој простор, на кој треба и да остане. Глобализацијата, миграцијата и мултикултуралноста се само дел од многуте лица на ѓаволот.

Употребата на зборот „простор“ ги повикува Мартин Хајдегер и Карл Шмит, хероите на секоја десница. Следбениците на Идентитет се млади луѓе, но нивното мислење е старо. Тоа е група млади старци кои сонуваат за модерен фашизам по примерот на денешна Русија и Унгарија. Кога се меѓу своите, во весниците, на интернет, на состаноците што ги организираат нивните имотни донатори, им се препуштаат на старите фантазии за моќта, визиите на „реконквистите“ и ослободувањето на Германија од исламот и левиот мејнстрим. Најпосле, сè се сведува на исклучување на противникот, а пред сè на гаснење на независните медиуми.

Не сум сигурен дали е комплимент да се биде дел од нивните планови. Припадникот на огранокот на Идентитет, Мартин Селнер напиша есеј за стратегијата на движењето: новинарите, кои ги нарекува „камарила“, мора „да бидат оддалечени од своите нелегитимни и недемократски позиции. Нема попуштање, промена на мислењето или помирување. Сè додека тие со својата самоубиствена агенда и автошовинизмот управуваат со „демократскиот центар“, консензусот во врска со „големата размена“ е незамислив. Сè додека Аугштајн пишува во Шпигел, германската и европската иднина се неизвесни.“

Во понеделникот вечерта во „Максим Горки“ новите нацисти го покажаа своето вистинско лице: младо, избричено и студено. Ги прашав зошто нè нарекуваат „лицемери“ и што сакаат од нас? Не ми одговорија. Тука не е проблем формата на протестот, туку неговата содржина. И не ми влеваат страв нивните повици, туку одбивањето секаков разговор. Бараа јавноста да ги слушне и тоа и го добија. Дали им помагаме со тоа што известуваме за нив? Да. Дали би било подобро да молчиме? Не.

15.09.2016

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото