Катица Јанева како Ума Турман!

27.09.2016 14:47
Катица Јанева како Ума Турман!

 Како Ума Турман во „Кил Бил“, влегува Катица Јанева во Политичкиот нотаријат на вмровскиот апашанат и го растура како „бугарска скупштина“. Без ножеви и сабји, без топузи и летечки ѕвезди, само со себе и од себе, со својата мисија и со својот збор, со невидената комбинација од мекост, благост, искулираност и решителност, бестрашност и храброст што ја забележаа сите контролни мерења на Злосторничкото здружување на власта, посебно, но и на тие со опозицијата, заедно.

’Ршум!

Због ради чега је ово веома врло интересавајуќе!?

Има многу причини, можеби и поважни од оваа што јас ќе ја наведам, но ако мене некој ме праша, твелф поинтс би отишле на следната импресија:

Јанева е животна загроза за апашите од власта и интервенција во системот на роботизираното просерување на политичката елита, пулирапид (извини Катице) врз акварелот на системот, растурач на забавата. Таа зборува поинаку, гестикулира поинаку, нема зад себе цело злосторничко здружување, не ги користи зборовите и фразите што се утврдени и дозволени за употреба во политичкиот речник на македонската глупост односно во речникот на политичката глупост, не, таа е нова динамика во јавниот простор, не само според својата функција, туку и според својот персоналитет, впрочем, како и двете нејзини главни помошнички. Дури и пошироката јавност беше шокирана од нејзиното интервју, мене ми се чини, најмногу затоа што со човечноста и простодушноста, жената ја разочара со тоа што го наруши стереотипот на роботизираните измамници што секој божји ден парадираат низ малите екрани на малиот милион телевизии со своето неприкосновено, лажно, се разбира, одглумено, знаење на сè. Прашајте го Пандов за Хигсовиот бозон, тој без око да му трепне, ќе ви рече, директно во камера, дека тоа е позната билка од која на Беласица се приготвуваат чаеви и сирупи за чир на желудникот. Прашајте ја Топузовска што мисли за психопатите, таа ќе ви рече дека тоа се најделикатните љубовни патишта по кои еден пратеник може да допре до вистинските потреби на луѓето од својата база.

Се разбира дека на крајот ѝ се слошило.

Мислам на Јанева!

И мене ми се слоши!

И на Квентин Тарантино му се слошило додека го гледал преносот од „Даме Груев“ во потрага по нови инспирации, и на Ким Јонг Ун му се слошило, толку многу му се слошило што наредил да го убијат за да може да се смири и да почива во мир.

Не можеле да најдат друго чаре во Пјонгјанг по вестите од Скопјанг.

Мнозинството во Змиското гнездо на Никола Груевски се обиде да изврши врескав масакр врз специјалната обвинителка, јавно и најбескрупулозно насилство, убиство со предумисла и заедно со „трите кокошки“ (ЉДФ), пребези, се обидоа да ја извртат темата и наместо за епскиот криминал во кој е задушена државата и целото општество како болен човек под смртоносниот јастук на своите деца, да ја замајуваат јавноста со расправа за тоа дали Катица Јанева имала капацитети.

Јебали их капацитети.

Освен поради бескрупулозната агресија, на тие бандити треба да им се каже: марш у пизду материну и уште поради шест други работи:

Прво, капацитетот на една јавна обвинителка се проверува во судот, не во таканареченото собрание, во судот и на ниту едно друго место.

Второ, за капацитетот на јавната обвинителка и за капацитетите на кого било, непристојно е и немаат никаков кредит, да не речам немаат капацитет, да расправаат лигави, корумпирани, ослободени од секаков морал, од знаење, од чест и достоинство, една група ништожници, политички апаратчици, покемони и емотикони со кои Груевски барата како што со сличните алатки манипулираат корисниците на социјалните мрежи.

Трето, нелегитимни се. Тие се украдена стока. Кога провидението или надоаѓачката правда ќе ги подразбудат, можат да се спакуваат и да се вратат дома ако на патот за дома не ги соберат за во Шутка или за во Идризово.

Четврто, тие го проектираат својот систем врз специјалната обвинителка, односно не можат да разберат дека може да постои правосудна инстанца која не е во служба на некоја политичка партија.

Петто, сите тие се во судир на интереси, тие се осомничени за најтешки, велепредавствени форми на криминал, односно немаат капацитет (хахаха, капацитет, а) да расправаат за обвинителката која ги гони.

Шесто, нели ви е срам, бе, да се нафрлате врз една жена и врз една институција од сите други окупирани институции и од хаубиците на сите женетини на вмро, плус артилериската поддршка на „трите кокошке!“

Јас го разбирам сиот овој спектакл како нова, можеби и последна фаза во агонијата на режимот. Можеби и грешам, но она во што сум сигурен дека не грешам е фактот дека тој режим ги потроши сите резерви за можна рехабилитација или, дури, за евентуална демократизација, за некаков свој трансфер во нова димензија, било од принципиелни, било од користољубиви мотивации, за спас на тоа што може да се спаси.

Значи, и без Катица Јанева и Специјалното обвинителство, тие треба да знаат, еве ние им кажуваме, дека истрагата за нив веќе е завршена, завршен е и судскиот процес против нив, сите се осудени на доживотни казни строг затвор, тоа е, бе, другари, има и други, вселенски инстанци, многу голема грешка направивте кога се размавтавте со криминалите и кога ја сведовте можноста на својата одбрана на Марко и Гошева, добро и на листата „сваровски“, но во еден дисфункционален систем што самите и, во крајна линија, на своја штета, го уништивте.

Се плашам дека тие се спремни да влезат во сите ризици освен во ризикот да бидат правно и политички поразени. Овие настани околу Јанева тоа недвосмислено го покажуваат. Сосема спротивно од демократски ориентираната јавност и главните опозициски партиски структури. Како што и порано предвидувавме, тоа ги прави изборите крајно неизвесни и, можеби, уште повеќе, крајно ризични.

Јас верувам дека режимот ќе го прогласи Специјалното јавно обвинителство за неуставно и на тој начин ќе се обиде да влезе во конфликт врз база на тоа што избори во декември нема да има или ќе ги проблематизира и криминализира изборите за што на располагање му стојат, сè уште, значајни ресурси.

Што ќе прави опозицијата, не знам. Факт е дека таканаречениот институционален пристап дава одредени, не мали резултати, режимот е во опаѓање по сите параметри, мислам дека е во претсмртна агонија, но истовремено, мислам дека тој пристап ги исцрпува своите потенцијали и дека на прашањето на изборите се ќе се прекрши.

Купете си доволно конзерви, сардини, месен нарезок од МИК, зејтин, турете некоја вреќичка компир во своите подруми, кромид, исто така, брашно од Кадино, сол, сушена или варена сланина, малку чоколадце црно, за шест месеци, па да се видиме, живи и здрави, по ослободувањето.

Дали ширам паника!?

Да, тоа е работа на мојата одговорност!

Ова е во суштина хуманитарна катастрофа, а не политичка криза.

Јас знам дека светот има и поприоритетни задачи, но не би било лошо и за него ако фрли и еден ваков поглед на оваа вукоебина во чие создавање учествуваше.

Слики: Свирачиња (користени фотографии од филмот Touch of evil)
Извор: Слободен печат