ДПМНЕ - фабрика на митови и стравови

28.09.2016 01:03
ДПМНЕ - фабрика на митови и стравови

Слушајќи ја (со огромен напор и тескоба) шовинистичката тирада на Влатко Ѓорчев на крајот од петочното заседание на парламентарната комисија за политички систем на собранието на РМ која беше проткаена со патетичност во изразувањето (комбинација на кукање и ламентирање за вечната борба на добрите-тие против лошите-сите останати) се потсетив на сличните говори кои трабантите на Слободан Милошевиќ ги држеа кон крајот на 80-тите години за лошата положба, неправдите и вечното жртвување на српскиот народ за тогашната држава. Ако продолжиме да бараме аналогија во споменатите настани, следната фаза би била започнување серија воени конфликти чиј резултат во 90-тите беа масовни уништувања, етнички чистења и злосторства, за да на крајот страната која ги започна претрпе потполн пораз и изгубена територија.

Сепак, за среќа, партијата на која ѝ припаѓа Ѓорчев нема и ќе нема капацитет да предизвика таков судир. Она што е битно е да се разоткрие суштината на таквото однесување, односно сржта на политиката на ДПМНЕ и како во иднина членовите на таа партија (која и покрај сè ѝ е потребна на Македонија) истата ќе ја реформираат согласно со модерниот европско-демохристијански концепт.

Ако се анализираат програмите на ДПМНЕ во последните 25 години, освен клиентелистичката димензија која им е полуга за спроведување дисциплина и купување верност, тие се сведуват на производство на лажни идентитети при што се врши замена на стварните вистини со свои, со работилница за пишување на исправната историја и печатница за закони и политики кои би ги спречувале неподобните личности и институции за рушење на државата (преземен цитат од Д. Јовиќ за состојбите во ХДЗ кој во содржина потполно се однесува и на ДПМНЕ). За да го оствари овој програм дополнително е остварена потполна контрола врз медумите со државно-коруптивно купување на уредувачките политики и самите новинари, што за резултат ја има (плус некои други фактори) парадоксалната состојба кога владејачките функционери се разоткриени преку „бомбите“ за нивниот криминал и морален ништавлук, сепак популарноста да не им е драматично опадната.

Одговорот на прашањето зошто е тоа така не лежи во познатото противпрашање или констатација дека и другата страна (СДСМ) по карактер и однесување е иста таква, туку во фактот дека ДПМНЕ успеа да го наметне впечатокот кај мнозинството од македонското етничко население дека е единствен бранител на македонскиот карактер на државата визави намерата на албанското население да оствари некоја рекомпозиција на истата. Секогаш кога власта е загрозена поради соспствени грешки или неспособност, оваа партија успева да генерира вакви идентитетски политики од причина што тие секогаш наоѓаат одек и перцепција на идентификација на партијата како „наша“ и единствена која може да излезе на крај со „оние другите“.

На оваа политика природно се надоврзува и т.н. антиквизација на македонскиот народ со порака до Грците дека правото на користење на името е резултат на непрекинатата наследна низа на тогашните и сегашните Македонци и на останатите, дека правото на првенство на оваа територија произлегува од истата претходно спомената констатација. Со овој потег ДПМНЕ бараше добивање втор адут во борбата против опозицијата која бараше и бара некаков заемно прифатлив компромис како предуслов за остварување на стратешката цел на зачленување во ЕУ и НАТО, при што истата се етикетираше како предавник на името на државата, народот и јазикот, со што се загрозува опстанокот на доминантната етничка група и предизвикува некаква неповолна иднина. Тоа што таа политика предизвика влошување на преговарачката позиција на РМ со Грција и драстично опаѓање на меѓународните поддржувачи на РМ, нормално, беше непредвидено во нивните проекции, каде примарна и единствена цел е неограничената власт.

Како да се бориме против овие политики?

Меѓунационалните односи и името на државата се еден од главните темели на кои почива опстанокот и понатамошниот развој на РМ. Демистификацијата на интерпретациите на овие прашања од страна на ДПМНЕ мора да е основа на делување на сите прогресивни сили на ова општество, без разлика на националната, верската, социјалната или политичката припадност. Мора да се сруши фабрикувањето на страв кое го практикува владејачката партија со промоција на нови политики кои ќе се базираат на следните две компоненти:

Првата се однесува на внатрешното устројство на РМ како унитарна држава во која носител на државноста се граѓаните и во која сите етнички заедници имаат право да ги остваруват своите специфичности (јазик, култура, традиција и др.) во толерантна атмосфера, при што интересот за развивање на демократскиот амбиент е примарен интерес на сите, односно замена на измислениот идентитет со кој се прикрива криминалот и незнаењето со друг реален, остварлив, кој ќе продуцира толеранција, соработка и општ напредок на општеството.

Втората компонента е насочена кон спорот со името со Грција во правец на елиминирање на стравот на Македонците дека ќе има некакви отстапки во идентитетските прашања и нужноста од изнаоѓањето на поволен договор за името кој ќе биде проследен со гаранција за влез во ЕУ и НАТО, со кој државата ќе обезбеди сигурен опстанок и можност за развој.

Колку побргу тоа го направиме ќе биде подобро и за самата ДПМНЕ (партија која е предмет на ова анализа, но ова во некои рамки се однесува и на некои албански партии) при што ослободена од лажните идентитетски политики понатаму заедно со останатите актери ќе се вклучи во политичката борба за една подобра и попросперитетна Македонија каде силните институции ќе се имуни на партиски влијанија, но и обратно, каде партиите автономно креираат политики за кои суд даваат граѓаните на слободни избори.

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.

Слики: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото