Кич тура низ Скопје 2014

29.09.2016 11:31
Кич тура низ Скопје 2014

Гигантски модерен лед-монитор прикажува владини реклами за трето дете, а е сместен врз „барокна“ фасада. Во близина има црква, сега опколена со бронзени фигури прикачени на врв од бели изгравирани столбови. Насекаде распространета мешавина од објекти и стилови кои не кореспондираат меѓусебно, најмалку со просторот. Се гледаат повеќе споменици од луѓе. Погледот впива мост со милионска ограда со надвиснати ангели, пиратски угостителски брод кој во менито нуди свинска коленица „Филип Втори“ или телешки мускул „Букефал“, а во далечина ечи класично дело на Вагнер.

Ова се само дел од содржините на проектот „Скопје 2014“. Тој од првично најавените 80 досега стигна до повеќе од 640 милиони евра, а од најавените 40-ина споменици дојде до бројка од над 130. Сите сводови, столбови и стотиците статуи даваат „храна“ за сетилата. Ви даваат доза апсурд, хумор, чудење и очобол манифестиран преку историско-политичко-социјални фрустрации и белези. Со сето ова, дел од светските медиуми веќе го окарактеризираа Скопје како „градот на кичот“.

Оттука тргна и идејата за „Кич тура низ Скопје 2014“, која беше организирана од невладината „Плоштад Слобода“, а во соработка со „Поп Ап Акто Фестивал“. И Радио МОФ се приклучи на турата. Заедно со мала љубопитна група се прошетавме низ централното скопско подрачје. Добивме можност за репортажен текст, со информации и детали со кои дел од странците за прв пат се сретнуваат. Некои се нови и за нас. Се работи за поинаква, специјална тура, со критички осврт за обележјата на еден од најконтроверзните и најкоментираните проекти во поновата македонска историја.

Активистот Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“ имаше улога на водич на турата. Говореше на англиски јазик. Смета дека „Скопје 2014“ претставува убиство на градот. Некои граѓани, вели тој, проектот го сметаат за своевидно редизајнирање на градот, други го поврзуваат со ужасно трошење пари, трети дека го уништува културното наследство, го загадува воздухот… „Плоштад Слобода“, пак, сака да го нарекува „заговор против градот“.

„Ова значи уништување на културно наследство на градот, економијата, околината, архитектурата… Проектот започна како луда идеја на моментално најмоќниот човек во земјава и бивш премиер, Никола Груевски. Тој го најави проектот прилично срамежливо, градејќи неколку споменици и објекти низ Скопје, без да ѝ соопшти на пошироката јавност за огромите зафати и промената на ликот на градот. Овој проект не остана само во неговата глава, тој стана реалност со помош на согласноста на повеќе институции. Сите тие, заедно, помогнаа да се оствари лудата идеја на овој човек и ова да стане ‘главен град на кичот’. Исто како што Чаплин во ‘Големиот диктатор’ си играше со голем балон-глобус, така и овој човек во својата канцеларија си ‘редеше’ макети, објекти…“, рече претставникот на „Плоштад Слобода“.

Според Наумоски, тешко е да се најде дефиниција за кич. Тешко да се интерпретира кич. Но, вели тој, кога го гледаш, знаеш дека е таму.

„Повеќето зданија од ‘Скопје 2014’ се продукт на игнорантност, нетранспарентност, лош вкус. Тие се нефункционални. Едноставно, ставени се на одредено место, без како било да се поврзуваат или надополнуваат со околината“, вели Наумоски.

Една од првите градби од „Скопје 2014“ е Спомен-куќата на Мајка Тереза. Изградена е пред влезот т.е. челната фасада на Домот на АРМ, на истото место каде во минатото постоела католичката црква „Пресвето срце Исусово“, во која била крстена Гонџа Агнес Бојаџиу. Отворена е во 2009 година, до веќе постоечки бронзен споменик на Мајка Тереза, чиј ктитор е бизнисменот и екс градоначалник Трифун Костовски. До неа сега се издигнува и новата црква „Св. Константин и Елена“, која, пак, никна овде како „алтернативна“ локација по насилниот контра-протест (кога беа истепани студенти што се противеа на нејзина изградба насред плоштадот „Македонија“).

Иако веќе имаше избрани конкуренти за идејното решение, односно првонаграден беше португалскиот архитект Јорге Морум, сепак, ресорното министерство реши да го откаже меѓународниот конкурс за Спомен-куќата, а потоа да објави нов, сменет оглас, со нови услови. Делото на Вангел Божиновски, Комисијата првично го оцени како „проблематично“ во однос на вклопеноста во постојаното урбано ткиво. Но, на повторниот конкурс победи токму овој труд, што предизвика и петиција на група студенти од Архитектонски факултет.

„Непотребно нагласениот наративен пристап – стара македонска куќа и тоа, верувале или не, со дворче со авлија (!) пред која Мајка Тереза би требало да изгледа како да е застаната пред порти (!?) е сосема излишен и апсолутно нема никаква потреба од претставување на македонската куќа на такво јавно место, кое целосно ќе ја деградира околината затоа што е вон контекст со сите објекти околу“, се наведува меѓу другото во петицијата.

На влезот на Спомен-домот се гледаат четири полукружни фонтани. Тие сега не работат. Куќата, вели Наумоски, комбинира повеќе стилови. Нагласува, традиционалните македонски куќи немаат вакви порти, ниту спирални нагорни скали обложени со алуминиум. Се работи за камено-сино-застаклено здание со ќерамиди и футуристички метални сегменти. Притоа на куќата има гулаби, кои симболизираат мир, иако Мајка Тереза била борец против сиромаштија. Спомен-домот во гориот дел има крстови, се веат знамиња, а платформата ја придржува столб со златна топка. Има и дворче со градина, со бунарче. Опремен е и со златест лифт.

Одиме понатаму. Во епицентарот на Скопје, на централниот плоштад „Македонија“ се наоѓа „Воинот на коњ“. Со него, Македонија е ставена на мапата на земјите со највисоки статуи во светот. Коњаникот Александар Македонски е 15-ина метри. Толку е висок и неговиот постамент.

Обложен е во мермер и три прстени од бронза, со декорација и релјефни фигури. Придружен е со игриви фонтани. Од најгорниот прстен паѓа водена завеса, а нагоре се крева магла. Има и светлечки ефекти, скулптури со војници и лавови. Во позадина свири и музика. Неговата цена од над 8 милиони евра (некаде се споменува и 10), естетиката и социо-политичкиот аспект се речиси неодминливи во сите реакции и анализи за „Скопје 2014“.

„Кога беше објавен споменикот, голем број граѓани беа шокирани од цената. Имаше и реакции за неговото име – ‘Воин на коњ’, кое произлегува од проблемите со Грција. Дополнително, јавноста воопшто немаше слушнато за неговата авторка (Валентина Стевановска) или видено некое нејзино дело, но таа се пријави и, притоа, победи на конкурсот. Секако, правилата не беа фер за секој учесник. Дополнително, во конкурсот не беше конкретизирано каде точно ќе биде поставен споменикот, што е есенцијално за авторите и архитектите, бидејќи треба да го поврзат делото во контекст со околината“, вели нашиот водич.

Споменик-фонтаната официјално беше презентирана пред јавноста на 11 септември 2011 година. Настанот го посетија голем број граѓани. Се пееше и викаше, особено на фолк-песната „Аце, Аце, ај што си убав“. Сега таму на репертоар оди исклучиво класика. Подот околу споменикот, по коцката и поплочувањето од 2007 година, повторно е сменет – со додадена т.н. „сува фонтана“ со 128 млазници и 128 светилки.

Кога зборуваме за фонтани, односно водоскоци, такви беа планирани и од двете страни на симболот на Скопје, Камениот мост. Требаше да прскаат високозагадена вода и да ги освежуваат минувачите низ летните жештини. Замислата беше да прскаат и до 20 метри, и да бидат осветлени во боите на виножитото, но ги „изеде“ забот на времето, иако поминаа едвај четири-пет години откако се изградени. Сега се само декорација, исто како и трите врби што дојдоа во пакет со „Скопје 2014“.

Лево од плоштадот, спроти плажата „Камен мост“ која замина во историјата по само неколку лета без капачи, наскоро ќе се извиши Панорамско тркало. Осумнаесет милиони скапото тркало ќе има капацитет за 300 луѓе. Начелно се споменува како реквизитен и панорамски објект, меѓутоа, не е познато дали ќе се оствари идејата тоа да профункционира и како огромен вентилатор, со оглед на горливиот проблем со загадувањето.

Дел од овие работи не беа вклучени во „Кич турата“. Невозможно е да се опфатат сите аспекти, па сами ги додадовме.

Важно е да се напомене дека редизајнот на градот со „Скопје 2014“ значи и масовен наплив од споменици, микс од различни епохи. Средновековен крал, претседател на АСНОМ, ликови од комитските денови, од 1920-ите… И сите мораа да бидат баш тука, на и околу плоштадот. Од друга страна, ако тие можат да се поврзат со историјата на Македонија, вели Наумоски, тоа тешко би одело со архитектурата.

„Таканаречените ‘класични’ или ‘барокни’ зданија обично се сретнуваат докај Белград, под влијанија на австро-унгарската империја. Ретко во Македонија, само за да се копира некој стил од Виена и сл.“, напоменува активистот, дополнувајќи дека сите „преоблечени“ објекти се рефасадираат единствено од предна страна! Од лицето. Таков е проектот. Истовремено, задните фасади им се застарени, запуштени и руинирани, што не ги спречи градските власти да ги окарактеризираат како „енергетско-ефикасни објекти“.

Одиме уште понатаму. Во паркот „Жена-борец“ го посетивме Споменикот на паднатите херои за Македонија. Бело-златестото обележје многумина го поврзуваат со Бранденбуршката порта. Други никако да го сврзат во глава со останатите споменици и се помалиот фонд на зеленило во паркот.

Споменикот се состои од повеќе сегменти. За авторот Томе Аџиевски сите имаат симболика. Портата претставува премин од светот на живите во вечноста, а коњичката квадрила оддава почит на мртвите херои. Некрополисот – ротонда на монументални столбови, треба да го претставува светот на вечноста. Во средина има обелиск со скулптура на римската божица на победата, Викторија. Место наоѓа и вечниот оган. Сега е покриен, застаклен, за да не се изгаси и престане да биде вечен. И да не може да се печат колбаси на стапче.

Предната агора е со фонтана и концентричен форум што го означува светот на живите. На средина е скулптура на Прометеј. Тој првично беше гол, но митолошкиот јунак преку ноќ си доби гаќи откако наводна анонимна женска организација реагирала и се згрозила од откриеното меѓуножје.

„Интересно е што на него се испишани зборовите immortale, libertas, justicia. Уште поинтересно е што откако беше подигнат, професор по латински јазик се прошета околу него и забележа дека е напишано ‘justicia’ (правда?!), што како такво не постои во латинскиот јазик. Авторот Аџиевски, омилениот професор меѓу механичарите, за грешното спелување тврдеше дека е ‘код’. Тој ‘код’ единствено можеле да го прочитаат оние што знаат ‘каталонски дијалект на латинскиот јазик’?! Сите знаеја дека такво нешто не постои, но, ете, успеа донекаде да го оттргне вниманието од упатените јавни критики“, рече Наумоски.

Ако сумираме за обележјето, додава активистот, ќе видиме дека тоа содржи мотиви од македонската борба, Бранденбуршката порта, грчка митологија и погрешни латински зборови. „Според мене, ова е соодветно да влезе во категорија на кич“, нагласува тој.

За „Скопје 2014“ се врзани бројни приказни. Им нема крај. Некои апсурдни, бизарни, други духовити и никогаш логични. Сите станаа скопска реалност, колку и да изгледа сето како сон. Проектот неуморно се шири низ градот, придружен и со обележја со апаратчиња против катиљ-птици. Го надополнуваат и барокни киосци… и забавно-туристички реквизити, вовчиња, вртелешки…

Дел од објектите од „Скопје 2014“ се прогласени за културно наследство. Како „екс леге“ веќе се прогласија Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на македонската борба и зградата на Државниот архив. Засега надлежните органи не сметаат на Ибни Пајко или ГТЦ. Статусот „екс леге“ значи дека објектите не се заштитени според нивните архитектонски вредности или староста (според Законот за заштита на културното наследство, еден од условите е да се постари од 50 години) туку според намената – чување и архивирање вредни добра.

И покрај ова, некои експерти и дел од јавноста смета дека новите градби не заслужуваат да бидат истовремено впишани на листа со НУБ „Св. Климент Охридски”, Библиотеката „Браќа Миладиновци”, Музите на Македонија и на современата уметност, Институт за македонски јазик…

„Во едно мораме да се согласиме, независно од тоа што и како мисли овој новоконституиран Совет: да прогласиш за културно наследство објекти изградени пред само неколку години, е тоа е навистина врв на стручноста. И професионалноста, се разбира. Да ги изедначиш во значењето, и третманот, овие стиропорни квазибарокни лепешки од типот на Триумфалната порта, Археолошкиот музеј, Музејот на македонскиот хорор и сите други будалаштини испилени од малиот мозок на главниот архитект во државава, со еден Пантелејмон во Нерези, со Стоби, со Курбиново, со Шарената џамија во Тетово, со Самоиловите тврдини, со Св. Климент …? И повторно, не дека не знаевме какви ’стручњаци’ се котат во македонскиве институции последниве години, ама – до толку?“, пиша нa својот блог Златко Теодосиевски.

Извор: Радио МОФ

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото