ПВЦ прозорец кон светот

30.09.2016 10:55
ПВЦ прозорец кон светот

28. 05. 2014

 

Иако ме вознемири тоа што сонував мали зајчиња што јадат оригано, сепак кога се разбудив утринава ги имав истите мисли со кои заспав минатата вечер. Непрестано мислев на Бог и на тоа дека конечно треба да ја прочитам Библијата. Се разбудив сам во автомобилот кој беше паркиран на паркингот на Универзитетот. Ми тропна на прозорецот еден од двајцата професори, не знам кој точно, после толку време уште не можев да препознаам кој е кој од нив двајца, иако кога се еден до друг можев да забележам дека се разликуваа по раса, возраст, височина, боја на очи и пол. Го отворив прозорецот, а тој ми кажа дека сум преспал половина ден и дека за некој час треба да одржам говор. Јас му кажав дека не знам каков говор да одржам, на што тој ми одговори дека тоа не е ни важно, би требало само да говорам на некој словенски јазик, што било да говорам, и така никој ништо нема ни да разбере. Тоа што никој немаше да ме разбере ми беше олеснителна околност, ама сепак требаше да знам што ќе зборувам. Не верувам дека би можел неповрзано да говорам повеќе од триесет минути.

Решив да погледам низ прозорецот и да видам нешто што би ми дало инспирација. Го видов Јануш како игра фризби со студенти. Од тоа не добив инспирација, само гадење. Потоа продолжив со моите мисли за религија и се досетив нешто. Го побарав професорот и го прашав дали ќе може да го искористам неговиот компјутер од канцеларија. Ми дозволи. Ја најдов на интернет Библијата на старословенски јазик и ја испечатив. Си реков, кога веќе треба да одржам каков било говор, добро би било да ја искористам таа прилика и конечно да ја прочитам Библијата.

На бината нè најавија како поранешно-обвинети за убиство Словени на што добивме огромно ракоплескање од стотина студенти и предавачи кои во тој момент беа во анфитеатарот. Јас излегов на говорница и бидејќи бев нестрплив за да дознаам што пишува во Библијата, веднаш почнав да читам, но уште на почетокот се збунив. Сфатив дека повеќе од дваесет години не сум читал на глас и не можев убаво да се сконцентрирам за течно да ми оди читањето. Јануш дојде до мене и сè што јас читав почна да преведува на знаковен јазик. Не знам од каде го знаеше ама немав време да се замарам со тоа. Со големи тешкотии продолжив да читам на глас и како што течеше времето бев сè подобар и подобар. По два-три часа читање успеав да ги намалам грешките на само пет-шест во една реченица. По шест часа кога стигнав некаде на две третини од Библијата, одеднаш Јануш падна. Поради добрата акустика во салата, неговото паѓање ги разбуди сите во амфитеатарот. Тоа го искористив за да продолжам да читам и да им покажам на сите колку сум се испраксирал во читање на глас. Но кога почнав да читам, веројатно од возбуда, повторно почнав многу да грешам. Се сконцентрирав, го смирив лачењето на кортизол и продолжив. Одличен бев сè до моментот кога сирената од брзата помош не ме прекина. Не можев да се вратам на течното читање и откако го собраа Јануш и си заминаа, и повеќе не се слушаше сирената. Но, сепак продолжив до крај. Кога завршив не добив толкаво ракоплескање како на почетокот, бидејќи повеќето студенти си заминаа, а и тие што останаа беа преуморни и поспани. Како и да е, јас бев презадоволен од себе што конечно ја прочитав Библијата иако ништо не разбрав од причина што се трудев да направам што помалку грешки при читањето, не обрнувајќи внимание на содржината која ја читам. Исто така не разбирав ниту еден збор старословенски.

Кога се симнав од бината веднаш се стрчав кон двајцата професори за да ги прашам каде ми обезбедиле сместување зашто бев преморен. Тие ми кажаа дека ми е резервиран лет за Данска, за отприлика еден час. Од болница го пратиле Јануш на лекување во Јухн, а тој не сакал да замине без мене. Најпрво си реков дека тоа е многу себично од негова страна, но повторно бев преморен за да се објаснувам. Си помислив дека во Северна Америка многу често чувствувам замор. А токму тој замор ме спречи да ја кажам вистината.

На аеродромот стигнав пет минути пред да полета авионот. Влегов во авионот и видов дека Јануш е легнат во болнички кревет и до него стои доктор. Кога ме виде весело затрепка со очите и се обиде да ме фати за рака, немав сили да се конфронтирам, што не значеше дека сум му простил што вака изненадно неговата здравствена состојба ме натера да ја напуштам Северна Америка. Поради тоа одлучив да седнам на друго седиште, што подалеку од нив. Докторот ми кажа дека Јануш имал некоја болест со латински назив, но после толку долг контакт со старословенскиот, јас не можев да слушам уште некој изумрен јазик и истрчав што подалеку од нив. Седнав на едно празно место до еден унгарски господин. Иако многу ми се спиеше имав желба пред да заспијам да му се пофалам дека сум ја прочитал Библијата. Тој ништо не ме разбра, бидејќи не знаел англиски. Со гестикулација ме прашуваше нешто. По седумнаесеттиот обид сфатив дека ме прашува дали знам унгарски. Јас одмавнав со раката. Потоа повторно ме прашуваше нешто и по двасеттиот обид сфатив дека ме прашува дели знам есперанто. Му удрив чврга по увото. И си помислив дека доколку од небото Анг По ја виде оваа совршено изведена чврга, сигурно ќе стане горд ангел. Поради таа мисла се изненадив сам себеси. Никогаш претходно не сум помислил дека некој мртовец или ангел, може да гледа од небото, што е очигледно библиско влијание и значи дека иако ништо не разбрав моето читање има ефект. По ова откровение решив да спијам, надевајќи се дека нема повторно да сонувам зајчиња и оригано.

Слики: Игор Морски

ОкоБоли главаВицФото