Новите шефови

30.09.2016 10:24
Новите шефови

Има една шега помеѓу луѓето што се гласни критичари на оваа власт, а таа е дека на 11 декември резултатите од изборите ќе ги чекаме на Табановце. Спакувани и спремни. За секој случај. Шегата настрана, ние кои ја немаме таа привилегија да заминеме од земјава, имаме само еден излез. Тој не е лесен, ама е нужен. Ние, сите заедно, мораме да ја турнеме оваа власт и да осигуриме дека никогаш повеќе нема да ни се повторат овие години измеќарење за полнење туѓи сметки. Кога велам ние, не мислам на друга партиска опција.

Секако дека промената на една власт ќе значи доаѓање на друга. Наративите за „кутро и мурто“ имаат смисла само за заспан и апатичен народ. Будните и политички свесни луѓе промената на власта ја перципираат како промена на наративи и практики. А за тоа да се случи, ќе мора заедно да се погрижиме. Ќе се согласам дека клучни виновници за состојбата во која се наоѓаме денес се политичките елити што повеќе од 20 години ревносно и систематски нè водеа кон пропаст. Сепак, дел од одговорноста мораме да ја преземеме и самите ние. Имавме и сè уште имаме одговорност да не им ја даваме политиката во раце на политичарите, активно да учествуваме во водењето на државата и да бидеме дрски и безобразни кога ќе одбиваат да нè слушаат. Долги години спиевме и одвреме-навреме во изборните циклуси се будевме за да им дадеме апсолутна власт на понудените квазипатриоти. Удирањето од глава беше неминовно. Оваа состојба на будност и желба за промени е единственото вредно што го добивме после децении потрошен живот. Во него мораме да инвестираме.

Власта мора да се казни. Оваа власт мора да ја казниме на избори. Не само поради тоа што таа одамна тоа го заслужи, туку за памет за секоја наредна. Човечкиот живот што го сведоа на гласачка машина сега го возвраќа ударот. Секој следен задник потпрен на државната фотелја нема да доживее ни ден удобно седење. Време е сите директорчиња, министерчиња, раководителчиња да се запотат за да си ја извадат платата што им ја даваме, зашто ние најдобро знаеме што значи да се мачиш и да работиш за плата. На новите пратеници мора да им кажеме дека не сме повеќе другари, сега ние сме им шефови и будно ќе ги следиме. За грешките ќе бараме извинување и брзо поправање, за трошењето на парите сериозни отчети, за сите планирања нашиот глас да биде последен.

Нашата алиментација за партиските паразити се укинува. Реликвиите како Ѕинго и нему сличните кои поминаа децении во македонското Собрание не правејќи ништо, ќе ги пензионираме и ќе ги запаметиме како најнеполезната штафета подавана од рака на рака на различните парламентарни мнозинства. На луѓето чиешто CV почнува со министерско место, а завршува на позиции финансирани повторно од буџет, ќе им ја дадеме нашата шанса. Ќе ги фрлиме на пазар на труд со блага насмевка рецитирајќи го владиниот слоган: „Осмели се - Направи го првиот чекор!“ Нашите клучни политички фигури сме ги зрееле како личности на наша сметка. Бранко Црвенковски стана премиер на 30, Никола Груевски министер на 28 години. Што правевме ние на 28 години? Што прават денес младите луѓе? Баравме работа, се мачевме, се докажувавме. Згазени - ни остана или да земеме партиски книшки или да се иселиме од државата. И така и бидна со огромен дел од луѓето. Ефектот од овие политики е фактот што денес на власт ја имаме една од најбогатите партии во Европа. Новиот документарен филм на центарот за истражувачко новинарство „Скуп“ открива дека партијата на власт има недвижен имот вреден 60 милиони евра, од кои 40 отпаѓаат на новата зграда. Според квадратурата што ја поседува, оваа партија ја прави една од најбогатите во Европа. Вредноста на овој тип имот на партијата на канцеларката Меркел изнесува 50 милиони, што е за 10 милиони помала од онаа на партијата на Груевски. Па така, ако се прашувате КАДЕ СЕ ПАРИТЕ? слободно тркнете до новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ, т.н. Палата Д-р Христо Татарчев. Тркнете и видете што им изградивме нив, па споредете со тоа што изградивме за нас и нашите деца.

Шарената револуција, бројните активистички движења, новите партии формирани од луѓе што не биле дел од политичкиот естаблишмент се најсигурен доказ дека научивме важна лекција. Конечно почнавме не само да ја разбираме, туку и да ја практикуваме демократијата. Знаеме дека заслужуваме подобро, ама знаеме и дека тоа нема никој да ни го даде сè додека не тргнеме сами да си го земеме. Државата е наша и никогаш повеќе никому нема да му ја послужиме на тацна.


Слики: Свирачиња (по ѕидовите Ацо Станковски)
Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото