Лебедот под мостот

30.09.2016 13:35

Понекогаш светот е убав како пир,
виси над нас како лажен лустер од кристал
и пукаат чашите полни со нектар од порцеланските заби,
столиците се уредно пополнети околу
семејната маса за седум милијарди
можни оброци среќа.
Штом исчезне светлото
понекогаш чувствувам крв на јазикот
и тоа дека столиците ни се
забиени во изметот на свињите од тундрата,
свињи наголтани со бисери,
во дијамантните черепи на Дамиен Хирст
а нешто бело, налик на празна
отровна дамска ракавица, се витка околу вратот
и гуши
дави како ЕМБР, даночен број, ЛБИ*,
духот на питонот, не е тоа толку ретко,
да кажеме
пред многу водени години
таа тркалезна сенка се завиткала околу
вратот на Исидора Данкан во Ница и
вратот на Есенин во Петроград.
Еднаш во сон го видов
тој федер на смртта, сенка што демне на вратовите на лебедите како
мртовечки ѓердан, таа
најдолга јамка на светот
на питонот reticolatus,
во реката под мостот во Гдањск -
проголтал некоја млада жена.
По две недели
го видов во терариумот на подот од ресторанот
како се ѕвери во своето бело јајце
и со црните балетанки му стапнав на глава.
Утредента се вратив на мостот
на кој некој напишал freedom, нацртал птица,
одоздола се лизгаше лебед. Најубавиот на светот.
Помислив како ли животот
можел туку така свечено да седне на раскрилената
перница на Исидора.

Превод: Никола Кукунеш

* Личен број за идентификација (ЛБИ) е идентификациска ознака за секој државјанин на Р. Хрватска и за правните лица со седиште во Р. Хрватска. Го одредува и доделува Министерството за финансии – Даночната управа.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото