„Сиераневада“ - хируршки прецизно изрежирана спонтаност

04.10.2016 11:09
Филмот „Сиераневада“ - хируршки прецизно изрежирана спонтаност

„Сиераневада“ на романскиот режисер Кристи Пуиу е сонлива секвенца од зборови, движења, емоции, расправии, бекетовско исчекување и едно присутно отсуство. Секоја проекција на „Сиераневада“ би требало да оди со упатство за употреба: Опуштете се и набљудувајте.

Филмот нема некој класичен развој на дејството - експозицијата е раздробена во повеќе точки расфрлани низ тричасовното филмско возење. Уште од самиот почеток ќе сфатите дека атмосферата е неретко поставена пред содржината, па вам ви останува само да се сместите удобно на задното седиште од автомобилот и да се провозите заедно со ликовите, или да седнете во некое ќоше од станот во кој се одвива најголемиот дел од дејството и да се препуштите на симфонијата на секојдневието. Повеќето од сите тие членови на фамилијата нема да ги запознаете подетално до самиот крај на филмот, зашто ќе бидат само патем спомнати, па набргу заборавени сред сета трагикомична мешаница.

Приказната е едноставна: едно семејство се собира да одбележи четириесет дена од смртта на нивен роднина според романските адети. Притоа се случуваат низа компликации, кои навидум до бескрај го одложуваат мигот на седнување „на маса“ за парастосот. И покрај стотиците линии на расцеп во фамилијата кои постојано излегуваат на површина, вештиот хумор е она што го спречува неповратниот распад на семејното ткиво. Вешто дозираниот хумор ја предочува баналноста на кавгите, минливоста на солзите и им простува на грешниците.

Гледајќи го „Сиераневада“, ќе добиете чувство дека сте дел од некое реално шоу. Па сепак, на дијалозите на ликовите, навидум банални исечоци од секојдневието, напати сосем природно ќе им бидат „подметнати“ филозофски и политички теми. Разговорите за нападот на Шарли Ебдо, 9/11 или комунистичкото минато на Романија, најчесто се судират со индиферентноста на повеќето ликови обземени од дилемите околу приготвувањето на супата, одењето до маркет или неверството на сопругот. Се чини дека овие теми кои се појавуваат повремено, во најмала рака претставувааат демаркациона линија помеѓу приватниот простор и надворешноста која тешко продира во меурот на потесното секојдневие.

Елемент кој на некој начин континуирано провејува низ приказната е потрагата по совршенство, прикажана преку стремежот на сопругата на починатиот сè да биде во најдобар ред на 40-те дена од неговата смрт. Таа упорно и трпеливо како Сизиф се искачува по стрмнината со недогледен крај (можеби стрмнината на Сиера Невада?). А хоризонтот, мигот на фамилијарна хармонија, упорно се губи од вид со секоја нова исцртана траекторија на движењата на луѓето во станот. Борбата за ред и смисла, комично завршува со оладена сарма, поп кој доцни, предвреме разотидени роднини и костум поголем за неколку броеви, кој го нарушува ритуалот на чествување на починатиот.

Естетиката пак, е приказна за себе. Превезот од сини тонови го потенцира студот кој произлегува од зачауреноста на ликовите во самите себеси, со своите лични проблеми и недостигот од сврзна топлина меѓу луѓето во преполниот стан. И покрај ладните тонови, покрај чувството на напнатост и нападноста на постојаните кавги како извадени од шпанска серија, сепак има едно естетско прибежиште кое ја дава оската на баланс на филмот. Тоа естетско прибежиште е самиот стан, со сета покуќнина која зрачи со некоја внатрешна топлина од напластените години живот и меморијата за некои похармонични времиња втисната во предметите.

Сета таа пренатрупаност во станот (со книги, прекривки, кујнски прибор..), сета таа своевидна балканска или „екс-ју“ естетика, која во себе помирува многу децении и дава некој временски контитнуитет, како да надоместува за флуидноста на човековите расположенија кои непрестојно се брануваат. Единствено ѕидовите и околните предмети ја носат толку потребната статичност сред вревата. Па така, во миговите на презаситеност со дејството, можете да го свртите фокусот од луѓето, (како да сте член од семејството кој за миг се исклучил од усвитените разговори) и едноставно да го пуштите погледот слободно да го истражува околниот простор со сите детали.


Инвентивноста на режисерот Кристи Пуиу е она што го прави овој филм отворен за повеќе толкувања, како од содржински, така и од технички аспект. Инаку, Кристи Пуиу е го дефинираше Новиот романски бран со својот култен филм „Смртта на Г-дин Лазареску“. Тој е доста интересен лик во романската кинематографија, кој не прави компромиси со ниедна алка од филмската индустрија и знае сосем да ги турне границите на „прифатливото“ кога се работи за реализирање на неговите замисли. Па така, „Сиераневада“ трае скоро три часа, актерите на сетот доживувале нервни сломови во обидот да го следат перфекционизмот на Пуиу, а за саундтракот од околу 20 песни (кои во филмот се скоро занемарлив позадински звук од радиото), од буџетот е одвоено мало богатство за авторски права по желба на режисерот!

По одличниот прием во Кан, „Сиераневада“ својата премиера во Македонија ја имаше на годинешното 37 издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а во Скопје филмот ќе биде прикажан во склоп на фестивалот Синедејс.

Околу овој комплексен филм поразговаравме со Иво Бару, асистентот на режија на „Сиераневада“. Работата со Кристи Пуиу за Иво Бару претставувала бесценето искуство во неговиот личен развој како режисер. Филмот е работен по принципот на сложена копродукција помеѓу Романија, Босна и Херцеговина, Франција, Хрватска и Македонија, па можноста за работа во овој тим му се укажала преку продуцентката Лабина Митевска.

-Какво беше искуството да се работи на „Сиераневада“ рамо до рамо со Кристи Пуиу, кој важи за „диктаторски“ тип на режисер?

После цел вовед, како со нож да ме пресече со прашањето. Рамо до рамо со диктатор? Се замислив себеси во ложата на Сталин, како заедно со Кристи ја отпоздравуваме армијата актери која поминува низ Црвениот плоштад. Мислам дека диктатор е премногу силен опис, дури и во наводници. Јас би рекол бескомпромисен идеалист - автор кој има визија за тоа како неговото дело треба да изгледа и кој е спремен да оди до крај за да ја оствари таа визија. Често сум помислувал дека главната работа на режисерот на еден филм е да се бори со компромисите кои треба да ги направи, а таа борба знае да биде напорна, на моменти и фрустрирачка, посебно за екипата научена да функционира во свет базиран врз максимата „А бе остај, ќе помине и вака“. Зад еден диктатор се крие голем товар на неправда. Тоа не беше случајот со Кристи. Почитта и фасцинацијата од неговата работа никогаш не беше ставена под знак прашалник.

Ќе дадам еден пример. Најнапнатиот лик пред камерата, Сандра, беше најрасположената и најпозитивната личност на сет. Во еден муабет, кастинг директорката ми кажа дека за време на кастингот, Кристи ги прашувал актерите „трпиш р’вање?“. Нормално, сите одговарале со „ДА“. Веројатно некои од нив требале двапати да размислат пред да одговорат на прашањето.

-Филмот е снимен на доста нестандарден начин – наглите дижења на камерата напати предизвикуваат вртоглавица, скоро како сета напнатост од филмското платно да посегнува по гледачот. На што се должи таквиот начин на снимање?

Замисли го сето она на што те учеле четири години на факултет... и сега заборави го! - вака некако најдобро би ја опишал работата на директорот на фотографија. Прекршување на сите познати кинематографски правила во однос на движењето и кадрирањето. Сигурно забележа, камерата не е секогаш присутна онаму каде што е главната акција и движењата на актерите не се следени со најголема точност и прецизност. Исто така, камерата го нема најдоброто место при секоја сцена. За да го сфатиме концептот зад овој избор, треба да ја замислиме камерата како уште еден гостин на парастосот. Религиските убедувања велат дека душата на починатиот го напушта светот 40 дена по смртта. Можеби камерата е душата на починатиот татко/дедо, pater familias, кој за последен пат е сведок на фамилијата и светот кој го остава зад себе.

Мислам дека филмот брилјираше посебно на ова поле. Изместената композиција која ти дава чувство на нелагодност се протега низ целиот филм. Кадрите се преполни со елементи од кои секој друг директор на фотографија многу лесно би се откажал. Сети се само на првиот кадар, главниот лик го гледаме преку море од возила, како сардисан од динамичноста на животот во големите метрополи.

Да заклучам. Кристи е еден од ретките режисери кои го преиспитуваат филмот како медиум и ги ставаат под знак прашалник сите предходно утврдени правила.

-Филмот е сложена копродукција помеѓу Романија, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Кои се придобивките, а кои минусите од работењето во копродукции?

Ја заборави Франција и нејзиниот претставник на сет, Жан Пол, кој беше приказна самиот за себе. Работеше на опрема која модерните дизајнери на звук би ја ставиле во антикварница. Поставуваше микрофони на сите страни и звукот го миксаше дирекно на сет. Олд скул до крај. Интернационалната екипа претставуваше освежување на главно романскиот сет. Секако дека постои мала јазична бариера, но кога сите си ја знаат работата, јазикот губи значење. Додуша, не знам дали сум јас тој што треба да коментира, од песпектива на Македонец кој завршил филмска режија во Романија и течно зборува романски.

-Филмовите сè повеќе излегуваат од зададените рамки и дефиниции и тоа на повеќе нивоа. Линиите на дистинкција помеѓу долгометражниот филм, документарецот и реалното шоу се мешаат, а тука е и 3Д технологијата на снимање. Сè повеќе режисери едноставно се стремат и физички да го вовлечат гледачот во дејството. Тврдењето на Маршал Меклуан дека медиумот е екстензија на човековите сетила, добива повеќе реално отколку преносно значење. Што е според тебе следниот чекор, ќе се претвори ли можеби киното наскоро во комора за виртуелна реалност?

Морам да признаам дека не сум некој филмски теоретичар и неблагодарно е да давам коментари на темата. Додуша, наслушнав една информација на Манаки што многу ме израдува. Во последната година расте интересот за супер 16мм-ска лента и неколку од филмовите кои имале најголем успех се снимени токму на овој медиум. Оптимистот во мене сака да верува дека ова е почеток на крајот на дигиталната ера. Можеби човештвото ќе се засити од дигитализацијата која нè опкружува. Колку и да се трудат технолозите, дигиталното ќе остане дигитално и нема да ја има онаа топлина што ја дава филмската лента. И не верувам дека кој било филмаџија би го преферирал дигиталното пред лента. Само уште да попуштат стегите на продуцените.

Ќе дадам еден краток коментар за „Сиераневада“. Целата спонтана реалност која е очигледна во филмот, всушност е многу добро изрежирана ситуација. Толку добро изрежирана, што изгледа како една голема импровизација. Секој гест, секој чекор, секој збор е одмерен и поставен на тоа место.

-Загледани во своите паметни телефони и монитори, сè поретко ја набљудуваме околината, а и луѓето, „без филтри“. Пропорционално со намалувањето на меѓучовечките контакти, како да се намалува и дистанцата помеѓу камерата и актерите, а и самите движења на камерата ја симулираат перспективата на гледачот, со цел доживувањето да биде што пореално. Воедно и глумците на големите платна сè поретко се совршени кукли. Дали ваквата „човечка, премногу човечка“ трансформација на филмот е нова бодријаровска хиперреалност, или седмата уметност едноставно станува поприземна?

Веќе ми е страв дека нема да успеам да ти парирам на вакви прашања. (се смее)

Тоа што зборуваш е игра со формата. А за мене, вистинската уметност е игра со суштината! Од таа причина филмот нема да ја изгуби својата магија. После „Сиераневада“ сигурно ќе се разбудат уште многу креатори кои ќе го адаптираат истиот начин на снимање. Ама џабе, од сето тоа ќе произлезат само шупливи дела, зад чија форма не стои суштина. Земи го за пример правецот Догма. Секоја будала може да ја земе камерата в раце и да снима, но тоа не значи дека прави вредно уметничко дело, по примерот на Ларс фон Триер и Винтерберг.

Секако, филмот како медиум не може да остане имун на глобалните текови. Намалувањето на дистанцата помеѓу камерата и актерите, како што вешто забележа, односно проближувањето кон актерите (кон човекот) е можеби противтежа на отчовеченоста која нè опкружува. Тоа не мора да значи дека сите режисери свесно го прават ова. Можеби е едноставно нешто што потсвесно го чувствуваат.

-Имаш ли некаква замисла за свој филм која би сакал да ја реализираш?

По разочарувањето од двата одбиени проекти од нашиот филмски фонд, последните години се оддалечив од правењето филмови и ја насочив енергијата кон активизмот и борбата против неправдата во општеството. Со еден збор, станав политички свесен и одговорен граѓанин. Веројатно следното мое дело ќе биде инспирирано или под влијание на моите општествани ангажмани. Да појаснам, да не помисли некој дека се замарам со ДПМНЕ или СДСМ, зборувам за политички ангажман преку формирање и членување во различни независни граѓански иницијативи, чија цел е свесни граѓани, а не партиски послушници.



Иво Бару од Битола дипломирал филмска режија на Националната Академија во Букурешт, а веќе осум години е дел од тимот на ИФФК „Браќа Манаки“. Зад себе има неколку кратки авторски филмови, документарци, а бил асистент по режија и на неколку долгометражни играни филмови. До сега многупати учествувал на меѓународни фестивали и за своите дела освоил неколку награди за најдобар краток филм и најдобра режија. Иво е еден од основачите на Автономниот културно социјален центар во Скопје (АКСЦ), како и дебатниот кино клуб Контра Кадар, кој веќе три години во Битола отвора простор за дискусија на многу општествено актуелни теми, а веќе половина година Контра Кадар со полна пареа функционира и во Скопје. Главен двигател на овие активности кои што тој ги реализира во Македонија е поривот за дејствување на полето на човековите права и социјалната правда.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото