Дедо Мраз и македонската „политичка криза“

05.10.2016 13:41
Дедо Мраз и македонската „политичка криза“

 Недостатокот на аналитичка мисла во решавањето на македонската „политичка криза“ – кај домашните, но и кај меѓународните актери – е толку неподносливо наметлив, што ми се чини како целиот политички хоризонт да е исполнет со неговата мрачна празнина и со шупликавиот пештерски шум што ја следи.

Оваа политичка и историска конфузија – што во исказите на истакнатите поединци се претвора во вистинско идеолошко слепило – својата немоќ да ги објасни современите премрежиња на библиската земја ја затскрива со облак од еуфемизми, што како сценски чад ги развејува по партерот на јавноста. И самиот избор на ултра– еуфемизмот „политичка криза“ како појмовна рамка што треба да ја именува појавата на нашата уставно– правна, културно– историска и општествено– политичка катастрофа, повеќе укажува на желбата да се скрие природата и вистинското име на она што ни се случува, отколку што помага во неговото спознавање.

Навистина, како се вика тоа кога еден водач и неговата партија ја освојуваат државата, и ги инструментализираат сите државни тела и органи, јавни и независни институции, во остварувањето на сопствените автократски интереси; кога не само што се суспендираат сите темелни уставни вредности, туку со нелегално мнозинство во парламентот се донесува едно цело противуставно законодавство; кога науката е укината пo пат на изгладнување и бесмисла, а образованието, религијата и масовните медиуми стануваат пропаганден апаратус на режимот; кога партиската врхушка се поврзува со крупниот капитал и финансискиот сектор и создава државно– капиталистичко мафијашко чудовиште; како, по ѓаволите, би морало да се вика оваа ужасна општествено– политичка појава, во која Македонците се дават и задушуваат веќе неполна деценија? Кое му е името на „тоа нешто“? Зарем „политичка криза“ е најпрецизното име што домашните и меѓународните политиколози, историчари, социолози, со еден збор – експерти за оваа запустена и езотерична проблематика, успеаја да го измислат за македонската голгота?

На ова догматско слепило на либерално демократската мисла во зората на 21 век му погодуваат и неверојатните факти за средствата што беа потребни за инсталирањето на фашистичката диктатура на Груевски – бидејќи се работи за фашистичка диктатура, нели? – како и за народните реакции на одземањето на слободите и правата. Елем, кои се фактите? За инсталирање на диктатурата и за стопување на целото општество во хетерогена но тоталитарна органска смеса не беше испукан ниту еден куршум. Гол факт. Државниот удар со кој се обединети сите три уставни власти во една извршна (послушна и дисциплинирана) власт, во која, конечно, се втопени и локалната власт, јавните институции, корпорациите, приватниот и финансискиот капитал, не беше воопшто забележан од уништеното општество. Факт. Првите сериозни партиски реакции на опозицијата дојдоа во шестата година од владеењето на внатрешната окупација, додека помасовни граѓански протести и децидираната меѓународна реакција се случија дури по обнародувањето на прислушуваните разговори на криминалната режимска врхушка во деветтата година од диктатурата. Неспорен факт.

На крајот, и по „Вистината за македонија“ и по Извештајот на Прибе и по започнатите истражни постапки и обвиненија на СЈО, општеството упорно се однесува како ништо да не се случило, а ние – неговите граѓани – го одржуваме личниот комфор како да се работи за гол живот, што ќе рече: се однесуваме нападно нормално. И ова е исто така еден ужасен и сосем ноторен факт. Океј, ќе речете, сосем е јасно што партиско-мафијашката врхушка глуми либерална демократија и се прави дека ништо не се случило, зашто тие се криминалците што се фатени во вршење на мегазлосторот, па за нив е сосем логично да се кријат зад својата недоветност. И дипломатите можеби имаат многу причини да ја нарекуваат македонската општествено- политичка и културна пропаст со еуфемизмот „политичка криза“ – како да се работи за политичка афера во која секретарката на премиерот била фатена како се држи за раце со заменикот министер. Но, какви причини за да се правиме недоветни и да глумиме нормална и банална секојдневница имаме сите ние – зелки македонски?!

Политичкава фарса – која е, всушност, нашата културно- цивилизациска катаклизма – наликува на ситуација во која сите страни се преправаат – и власта и народот и меѓународната заедница, сите, демек, глумат и лажат – и паралелно сите знаат дека меѓусебно се мамат, при што излезниот резултат на оваа гротеска е една стабилна и нормална, небаре банална ситуација изградена од преправања, измами и лаги. Оваа ситуација ја опишува Славој Жижек во воведот во одличниот ѓоа документарец на Жига Вирц „Хјустон, имаме проблем!“. Вели тој, ако ги прашате родителите дали веруваат во Дедо Мраз, ќе ви речат, ма глупости, но тоа е важна и убава приказна за нивите деца, па за љубов на децата родителите ја одржуваат бајката во живот, купувајќи им подароци во име на саканиот Дедо Мраз. Од друга страна, ако ги прашате децата, дали веруваат во бајката, и тие ќе ви кажат дека не се веќе толку мали или глупи, и дека се преправаат дека веруваат во приказната за Дедо Мраз заради нивните родители, кои вложуваат толку труд да ја одржат бајката жива... Значи, и покрај тоа што никој не мисли дека Дедо Мраз е вистинита личност, и што сите знаат дека едните пред другите се преправаат и глумат, сепак, таа чиста фикција во која никој не верува реално влијае на нашето однесување и ја структурира нашата стварност!

Во случајот со нашата „политичка криза“, се работи за црна бајка за историскиот регрес и повторното оживување на вампирот на фашизмот, бајка во која фашистите глумат и лажат дека се демохристијани што божепокорно ја вршат власта служејќи му на народот. Народот се прави дека ништо не забележал – ниту изгубените права и слободи, ниту изгубениот идентитет, ниту новата светска слава на ментално ретардирана нација (со која се здобивме со Скопје 2014), ниту изгубената иднина на нашите деца – и одржува пристојност и цивилизирани манири во однесувањето и во протестирањето, како бонтонот да му е најважната работа на светот!

Тука е и меѓународната заедница, која државниот удар и потполната окупација на институциите од страна на партиската мафија на ВМРО, како и функционалното суспендирање на уставниот поредок и воведувањето на безумно клептократско законодавство во земјата, беневолентно ги нарекува „политичка криза“ и наметнува сценарио за институционален излез од кризата со самоподобрување на лошите чичковци и чудотворно воскреснување на демократијата и демократските институции. Сите лажат, сите се прават недоветни, и резултантната ситуација во општеството, опуштеноста и идиличната есен во кои уживаат сите, се очигледниот доказ дека компликуваниот плетер од лаги и самоизмами продуцира цврста и сосем опиплива стварност. Фантастично!

Крешендото на оваа многугласна самоизмама се очекува да се случи на 11 декември, кога сите актери – и измамените граѓани и криминалната власт и меѓународната заедница – ќе треба да се преправаат дека ќе се случат слободни, демократски и фер избори, значи уште една бајка, која овој пат ќе ја продуцира посакуваната историска реалност – соборувањето на злосторничкиот режим на ВМРО!

Дали ќе треба да се преправаме и доколку вмровските злосторници во својот предсмртен очај решат повторно да ги фалсификуваат изборите, со цел да ја продолжат македонската голгота во бескрај? Мислам дека од животна важност за Македонија и за сите нас во неа, е на време да им соопштиме дека сме подготвени таквиот исход на изборите да го означи и конечниот крај на играта на пристојност и, се разбира, и дефинитивниот крај на бајката за вмровскиот Дедо Мраз.

Слики: Vladimir Kazanevsky
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото