Скопска разгледница

05.10.2016 12:42
Скопска разгледница

Орловите нокти мирисаат на јасмин и уште има јорговани во старата скопска чаршја. Се меша звукот на албански и македонски гласови, а често се слуша и српски јазик, кој го зборуваат мажите во кафулињата, договарајќи работи.

Во уличните антикварници, кои имаат свои редни броеви, во централната градска општина, единствена опозициска, како и во книжарниците, има многу српски книги, стари и нови. Во трафиките, освен македонски, регуларно се продаваат и српски весници. Може, со силна истражувачка волја, да се пронајде и по некој примерок од „Данас“, кој продавачите главно не го изложуваат, зашто го чуваат за редовни муштерии.

Трагам по монографии за она старо Скопје од пред само осум-девет години, убав град со стар камен мост, плоштад кој го проектирал Кензо Танге, и со истакнати модернистички градби, меѓу кои и ремек-делото, зданието на Македонската опера и балет, кое денес не се гледа од божем-класицистичките, божем-мермерните божем-згради.

Неколку одлични монографии смрдат на мемла, а она што е сосема сочувано и суво е издание на Матица македонска од 1999 година: „Скопје - паралели“, автор - Киро Дојчиноски. Ја купувам книгата од продавач кој држи своја антикварница покрај црквата Свети Константин и Елена, уште во изградба, веднаш до Меморијалниот центар „Мајка Тереза“ - новопечена светица.

Интересно е како оваа црква и овој меморијален центар, кој е израз на најгротескен кич, стигнаа на ова место. Црквата требаше да биде подигната на централниот градски плоштад, таму каде што денес се издигна Букефал под Александар Велики, секако, Македонски, но граѓаните се бунеа, па доскорешниот премиер Груевски, од џебот извади паричка, или што и да е, и ја стави на првото слободно место на макетата од центарот на градот. И еве ја денес таа позлатена црква во која тешко дека има каде да пробие надворешна светлина. На меѓународниот конкурс за спомнатиот меморијален центар на контроверзната светица, победи навистина извонреден проект. Наградениот, веројатно португалски автор, скапо е исплатен, а конкурсот е поништен, за да победи на следниот оној кој не беше ни забележан на првиот. Милијарда евра веќе се потрошени на урбицидно урбанистичкиот проект „Скопје 2014“, и сега овој град има сè што имаат другите, додуша по малку скратено, по малку деформирано, и во најлоша изработка, ама повеќе нема ништо свое. Негово својство станува карикатуралната, гротескна имитација. Има, ете, и Британски музеј, и Триумфална порта, и Бранденбуршка порта, а наскоро ќе има и виенски Пратер на Вардар. Ги има сите музи, во бронза и позлата, и сите антички хероини кои, со боговите од Олимп, сите се Македонци. Има - па како! - и свој Прометеј, на кого вајарот, од втор пат, мораше да му навлече гаќи, и сега е сосема нејасно каде така облечен се упатил овој млад капач со факел во раката. Зад предната страна на т.н. Бранденбуршка порта, бела како од мермер, има два, за малку ќе речев исклесани, втиснати натписи, еден е Viktoria, друг Justicia. Кога оние кои во гимназија учеле латински го предупредија авторот дека неправилно го напишал името Justicia наместо Iustitia, тој славодобитно на сите им плесна во лице дека користел латински дијалект кој се зборувал и на кој се пишувало во Кордоба.

Кој ќе тропне по божем-дорските столбови од триесет метри височина, лесно ќе ја почувствува под прстите нивната шуплина, тенкиот гипс врз стиропор кој е платен со суво злато од даночните обврзници, за градот да личи на она што никогаш не бил и што никогаш не било град - на жив привид на архитектура, на кулиси во кои треба да живеат луѓе и да гостуваат гости.

Можеби најужасни се глетките на големите прозорци, божем-класицистички, кои покриваат по два спрата, па кога ја гледате зградата однадвор, ви се чини дека има, да речеме, два спрата и поткровје, а всушност, над приземјето има пет спрата со две низи прозорци.

Денес, сè во новата архитектура на Скопје е божем-урбанизам, божем-древност, божем-класичност, божем-барок, божем, божем, божем, како што е сè во една паланка. Видливост и разговетност на тој привид сега му шарените бои од протестот на Шарената револуција, бои на живот на тоа бело пластично-божем-мермерно мртвило. Има надеж и живот, тоа ми е јасно кога ја гледам глумицата Симона Спировска додека ги бои улиците и плоштадите, а синоќа ја гледав во извонредната претстава-вресок „Да го поздравиш и да ми го бациш“, која е директно вперена против новата идеолошка управа наметната на Театарот за деца и младинци.

Не знам како сево ова му изгледа на славниот Роберт Вилсон. Утредента по отворањето на 50-от Битеф стигна во Скопје, за во Македонскиот народен театар - исто така, облепен со божем-класицистичка фасада, како некоја виенска торта која е божем-торта - да го прими почесниот докторат од еден божем-универзитет, чијшто сопственик е режимски писател број еден - Јордан Плевнеш. Doctor honoris causa, Боб Вилсон, одржа во Скопје истоветен говор како на отворањето на Битеф, сè со онаа знаменита почетна пауза од долго молчење. И не се запраша ништо. Незнаењето, ако овде станува збор за незнаење, а не божем-незнаење, е идеолошки став.

Извор: Danas, 30.09.2016
Слики: Матеј Богдановски

ОкоБоли главаВицФото