Дали Османовиот Париз има врска со комунистичкото и груевистичкото Скопје?

06.10.2016 12:19
Дали Османовиот Париз има врска со комунистичкото и груевистичкото Скопје?

Град мравјалник, преполн сништа, кај што не ноќе
а на пладне крај минувач сеништа се влечат!
Низ него, како низ вени на колосот моќен,
сок животен, тајни сегде несознајни течат.

Шарл Бодлер, почетна строфа на песната Седум старци (препев: Влада Урошевиќ)

 

Впечаток е дека повеќето скопјани никогаш сериозно не го засакаа и не застанаа во одбрана на модерно Скопје, чија изградба главно започна по Втората светска војна а се интензивира после земјотресот од 1963 година. (Постои кај нас, вистина, и скудно модернистичко наследство од првата половина на дваесеттиот век.) За среќа, некои нови генерации граѓани на Скопје - засилени со авторитетот на малобројните ветерани што непосредно учествуваа во модернизацискиот потфат - го согледаа проблемот и се трудат да обрнат внимание на важноста на модерно Скопје како можеби клучна идентитетска одредница на нашиот современ град. Се разбира, овие енергии за спас на материјалното и духовното наследство на модерно Скопје изминативе години беа разбудени пред сè од манијачкиот „проект“ СК014 кој тргна во систематско уништување на најважното културно наследство на градот и на општеството.

Кога велам дека скопјани всушност не го засакаа и не се поистоветија со модерниот град, не сум сигурен дали мислам на мнозинството граѓани или на градската елита. Не знам ни дали се правеле истражувања, кога било изминативе децении, социолошки, урбанистички, културолошки, за односот на граѓаните спрема својот град. Го спомнувам ова бидејќи во односот меѓу народот и елитата се крие можеби клучното прашање на нашиот општествен развој: дали неразвиеното општество ја кочело елитата порешително да тргне во процесите на модернизација и европеизација на Скопје и Македонија, или елитата била таа која, за да го одбрани својот монопол, го зауздувала развојот на градот и општеството? Инспиративната историчарка Дубравка Стојановиќ, опишувајќи ја поновата историја на Србија во книгата „Калдрма и асфалт; урбанизацијата и европеизацијата на Белград 1890-1914“, вели нешто што изгледа парадигматично и за нашиот случај: српското општество последниве стотина години немало доволно модернизациски потенцијали за да го следи релативно брзиот процес на либерализација и демократизација, додека државата, модернизирајќи се себеси, го запоставила или дури, со низа законски мерки, го успорила општествениот развој. Со тоа ги загрозила и сопствените политички реформи кои, со текот на времето, сè потешко ги пронаоѓале своите општествени темели.

Да бидам јасен: екстремно неправедно би било да се поистоветува сегашното десетгодишно ем манијачко ем планско уништување на Скопје со неговата модернизација од пред педесетина години. Но, не би смееле, соочени со лудачко-криминалниот „проект“ СК014, да мижиме ни пред грешките на некогашните градители на градот. За да се обидам да (си) ги објаснам контроверзите на развојот на градот во кој живеам, посегнав по најславниот историски пример од областа на урбанизмот кој радикално ги менува културните парадигми: Османовиот Париз.

Жорж-Ежен Осман (познат и како баронот Осман) бил префект на департманот Сена меѓу 1853 и 1870. Од таа позиција извршил клучно влијание врз преуредувањето на Париз во времето на Второто царство. Под покровителство на императорот Луј Наполеон III тој радикално го променил изгледот на тогаш веројатно клучниот европски град. Кампањата на Осман се водела под геслото: „Париз се разубавува, Париз расте, Париз станува почист“. Рушејќи огромни делови на стариот Париз, се пробивале џиновски авении, се граделе нови паркови (денешниот изглед на Елисејските полиња е дело на Осман), се стандардизирал изгледот и висината на сите згради, се направила импресивна подземна канализациона мрежа... Се потрошиле огромни пари, се разбира, и се создале драматични општествени промени.

Современиот историчар Виктор Фурнел во книгата „Новиот Париз и Париз на иднината - 1868“, најпроникливата современа критика на „османизацијата“, наведува некои од тие огромни и мошне сложени промени на тогашниот Париз:

1. Принудна преселба на големи делови на работничкото население на Париз од центарот на градот кон неговата периферија.

2. Преобразба на социјално хомогениот град на два одвоени а социјално хомогени ентитети: претежно буржоаскиот запад наспроти речиси исклучиво работничкиот исток.

3. Потчинување на сложениот, збркан но спонтан урбан развој на свесното и кохерентно планирање од изразито авторитарен тип.

4. Помалку граѓански живот во склоп на арондисманите, што води кон сè поголемата немоќ на граѓанинот пред сеопфатната и анонимна централна администрација.

5. Сè поголем несклад помеѓу означителот и означеникот во животот на градот.

6. Претерана „театрализација“ на градската средина, градската архитектура и на општото однесување во градот.

7. Како резултат на сите овие промени, сè посилното чувство на неприпаѓање и отуѓување кај оние граѓани соочени со градот во кој живеат и кој го гледаат без веќе да учествуваат во неговиот суштински живот.

(Се разбира, проблемите што во „османизацијата“ на Париз ги маркира Фурнел денес се повеќекратни и планетарни. Дејвид Харви, на пример, својата програмска книга, „Побунетите градови“ (2012), ја започнува вака: „Дали оваа драматична урбанизација придонесе за човечката благосостојба? Дали таа од нас направи подобри луѓе или нè остави да висиме во светот на моралната дезориентација и отуѓувањето, бесот и фрустрациите? Дали станавме само прости монади расфрлани наоколу во урбаното море? Ова биле прашањата кои ги преокупирале разните толкувачи од деветнаесеттиот век, како Фридрих Енгелс и Георг Зимел, кои давале остроумни критики за урбаните карактери што тогаш се јавувале како одговор на рапидната урбанизација. Денес не е тешко да се набројат сите видови незадоволство и стравови, како и возбудувања, среде уште порапидните процеси на урбаните трансформации. Сепак, некако ми изгледа дека немаме волја за систематска критика. Вителот на промените нè обзема во онаа мера во која се покажуваат очигледните прашања. На пример, што ќе направиме со неизмерните концентрации богатство, привилегии и конзумеризам во речиси сите градови во светот, во околности кои дури и Обединетите Нации во ненадејната експанзија ги опишуваат како „планета на сиромашни квартови“?)

Виктор Фурнел пишува за Париз од 1850: „Од сите страни авениите напредуваат на јуриш, рушејќи, превртувајќи, нивелирајќи сè пред себе; булеварите како да извршуваат џиновски рации голтајќи стотици улици, како оние чудовишни китови кои го оставаат морето без жители за да се здебелат и кои уста не можат да отворат без во себе да внесат илјадници мали риби. На постојниот Париз се работи а притоа никој не се грижи дали тој ќе престане да постои.“ Според Фурнел, пред да настапи Осман, Париз бил составен од повеќе засебни мали градови - град на атељеа, град на трговија, град на раскош, град на повлечен живот, град на врева и народна забава - а сепак меѓусебно поврзани со мноштва нијанси и премини. Сето тоа исчезнало под воедначената монотонија на величествената баналност, со пробивањето на секогаш истите геометриски и праволиниски улици кои ги продолжуваат низите од секогаш исти куќи. Париз се претворил во голема фаланстерија во која исчезнало сè што е рапаво и рељефно, за на истиот начин да стане глатко и плошно. Наместо сите тие гратчиња ќе постои само еден, нов и бел град, кој ќе ги фрли настрана и најсветите и најнеобичните историски спомени.

Подривањето на посебниот идентитет на различните квартови радикално го променило и односот на поединците спрема колективот. Османизацијата ги лишила граѓаните од нивната средина, ги исфрлила од специфичните културни контексти и ги натерала градот веќе да не го чувствуваат како свој. Тие престанале да бидат граѓани во вистинската смисла и станале само жители на Париз. Активниот граѓанин станува заменет од пасивниот урбан посматрач. Така почнало добата на „осамената толпа“.

Сè поизразит станал театралниот карактер на Париз. Градот се „покажувал“ (овој израз опсесивно се повторува во литературата за Париз од Второто царство). Тој како себе да се става во излог, театрално и безобзирно. Новата буржоаска архитектура, на пример, во целина е ориентирана кон улицата и преплавена е со маси од скулптури, балкони и други украси; таа во основа е замислена првенствено да создаде ефект врз посматрачот. Наполеон III себеси се гледал како „втор Август“; велел: „Август го претворил Рим во град од мермер; јас ќе го сторам тоа со Париз“. Шарл Бодлер, генијалниот фланер (шетач) и сликар на Париз и на неговите луѓе, често во своите текстови го третирал режимот на Луј Наполеон како стилизирана маскарада, претенциозна форма лишена од содржина. „Париз од некогаш го нема - градот се мени побрзо од срцето на еден смртен човек“ вели Бодлер во својата славна песна Лебед, која токму говори за рушењето на стариот Париз. Браќата Гонкур исто така биле згрозени од „османизацијата“ на нивниот роден град. Во 1860 тие пишуваат дека се ужаснати од „тие нови булевари со неумоливо прави линии, без свртувања, без авантурата на перспективата, кои веќе не го чувствуваат Балзаковиот свет, кои како да навестуваат некаков американски Вавилон на иднината“.

Јасни се аналогиите со Скопје, стотина години подоцна, и со овдешниот гротескен император, испилен 150 години после помпезниот Луј Наполеон (кој сепак се потпирал на стручњаци, за разлика од овдешниот малоумник потпрен на исти такви, како него, неодговорни шарлатани). Скопје денес се „театрализира“, целиот општествен живот е претворен во симулакум контролиран од еден лажен император (но кој поседува реална криминална организација), граѓаните суштински не учествуваат во животот на градот, отуѓувањето и бекството се преовладувачки чувства... (Кога свети Августин ги осудил Римјаните затоа што одат во театар, тој ги обвинил дека „играат полуди улоги од кога било порано“ и дека станува збор за двоен театар - како публиката во циркусот и самата да глуми во некоја лудо поместена драма. Зборот ми е, она што ни се случува нам, се случувало и се случува и на други места. Дејвид Харви, на пример, ги поврзува загубата на нашето чувство за континуитет и потрагата по „моментен учинок“ во современиот израз со загубата на длабочината на доживувањето.)

Во овој контекст јасно се наметнува импликацијата: можно е и комунистичките модернизатори на Скопје сепак да го занемариле, на пример, сентиментот на старите скопски маала, квартовската поврзаност на луѓето. Можно е дека македонското општество во втората половина на дваесеттиот век не било спремно за толку забревтаната реформска брзина што ја форсираа комунистичките власти. Можно е, најпосле, дека токму тие фактори придонесоа да ни се појави чудовиштето наречено груевизам, кое го уништи централното градско подрачје на Скопје, кое нанесе несогледливи штети врз идентитетот на скопјаните и на Македонците и кое го одбележа најмрачното десетлетие во последниве стотина години на овој простор.

Ќе завршам со еден речиси еретички цитат на големиот историчар, творецот на општествената историја, Лисјен Февр: „Да не се лажеме. Човекот не се сеќава на минатото; тој везден одново го гради. Тој минатото не го чува во своето сеќавање онака како што глечерите на Северот во себе ги чуваат замрзнатите мамути што живееле пред повеќе илјада години. Тој поаѓа од сегашноста и токму низ нејзе, која ја познава, го толкува минатото.“

Слики: Свирачиња - Поздрав од СК014!

Слични содржини

Јавни простори / Теорија / Историја
Јавни простори / Став / Екологија
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото