Кон филмот „Ослободување на Скопје“

13.10.2016 15:44
Кон филмот „Ослободување на Скопје“

сценарио: Душан Јовановиќ и Раде Шербеџија
режија: Раде и Данило Шербеџија
улоги: Давид Тодоровски, Луција Шербеџија, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски...
продукција: Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола

 

Како и во многу наврати во блиското ни минато, и премиерата на филмот „Ослободување на Скопје“ беше долго најавувана вест, за конечно (светската) да се случи летово на легендарниот филмски фестивал во Пула, а македонската на стандардното место, на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Судбината на скопската кино-премиера пак, ја одложија неочекуваните тектонски поместувања на плочата под нашево Скопје, на што не беше имун покривот на киното „Милениум“. Во меѓувреме, филмот беше прикажан и во Сараево и Финска, за конечно, на 1 октомври, да дојде до пошироката македонска кино публика.

Шербеџии, без многу милост, веднаш нè вовлекуваат во приказната, објаснувајќи го времето и контекстот во кое истата се случува само со телоп на кој пишува Југославија, Македонија, 1943, сметајќи дека сме запознаени со историското милје во кое се одигрува дејствието, иако токму ние овде, на Балканот, многу пати сме докажале дека воопшто не знаеме да учиме од историјата, односно, дека историските лекции и случувања многу бргу ги забораваме. Доколку името на градот Скопје е еден вид одредница уште во самиот наслов на филмот, на тоа поаѓалиште треба да му се даде многу подлабоко значење во текот на филмското дејствие, можеби на крајот кревајќи го градот на ниво на паралелен лик со останатите карактери во приказната (Се сеќаваме на Валтер: кој е Валтер? Валтер е самото Сараево!) Во случајов, Скопје како локација на случувањето на филмските и животни премрежија е сосема незабележливо и минимизирано, небаре е небитно, бидејќи на семејната приказна која е во фокусот како да ѝ недостасуваат основните белези на ова поднебје, обидувајќи се да биде строго универзална. Во таква камерна атмосфера, која претежно се случува во дворот на Потевци, простор за докажување има камерата на Дејан Димевски, кој низ портретирање на лицата низ игра и сенки успешно го доловува очекуваниот актерски набој, особено во сцената во која бабата со исечена гангренозна нога бара чоколада од шашардисаниот Ѓорѓија, а овој ѝ вели дека чоколадо нема (иако некој изгледа скришно се засладува), неодоливо отсликувајќи го и контекстот во кој денес живееме.

Играјќи на сигурна карта, Шербеџии ја применуваат формулата која досега се покажа како една од најуспешните во светот на филмот – приказната да биде раскажана низ очите на едно дете, која колку и патетично да звучи, во минатото на еден Михалков („Изгорени од сонцето“), Шверак („Коља“) и Бењини („Животот е убав“) им носеше Оскари. Оваа замисла особено добива на тежина доколку предвид се земе фактот дека времето на случувањето е во виорот на Втората светска војна, која остави последици врз многу поколенија на стариот континент. Меѓутоа, таа тенденција преку ликот на Зоран, инаку, одлично одгиран од натуршчикот Давид Тодоровски, тук-таму како да наидува на пречки, де префрлајќи го фокусот врз некој од останатите карактери во приказната, што и не е нелегитимно, но на крајот како повеќе да останува во фокус приказната за врската на неговата мајка со германскиот офицeр, отколку трансформацијата која малолетниот Зоран треба да ја доживее откако пред очи го гледа распадот на семејството, неговото осиромашување, и пред сè, убиствата кои во неколку наврати се случуваат пред неговите и очите на неговите маалски другари.

А токму споменатата врска на Лица, исто така одлично одиграна од Луција Шербеџија, е каменот-темелник на самата приказна, небаре сексуалното задоволување на потребите на германскиот офицер е главната причиња за конечно оргазмично ослободување на Скопје. Колку и стереотипно да изгледа самото дејствие околу овој дел од сценариото, сепак, ликот на германскиот офицер, „студено“ одигран од Финецот Мико Ноусаинен, е едно од нештата на кои Шербеџија треба да биде особено горд, а тоа е излегувањето надвор токму од стереотипите во филмот на овие простори дека Германците треба да бидат негативци, и никако поинаку. Рудолф, и покрај униформата, е претставен како човек со обични потреби, и токму во таа негова димензија Лица пронаоѓа моментно прибежиште чии последици можеби ќе ги почувствува по ослободувањето. На тој начин авторите на филмот нè носат до отворен крај, во кој таткото-партизан со својот син Зоран невино заминуваат на прошетка јавајќи на коњ, за разлика од оригиналниот текст, во кој мајката го завршува својот живот во надојдениот Вардар. Сепак, до пристигнувањето до овој квалитетен авторски момент во филмот, како гледачи, поминуваме низ едно несигурно поле со сцени кои често пати се и непотребни, па и изнасилени. Тоа можеби се должи на фактот што внатрешниот свет на многу од карактерите, а особено на офицерот, е претставен со многу малку детали, впрочем, како и оној на претставниците на бугарскиот окупатор, освен со некакво далечно ехо дека таму некаде ги тепаат нашите, и тука завршува приказната која и онака одамна ја знаеме. Тие слабости во сценариото Шербеџија се обидува да ги надополни со уште една добро позната, но овој пат балканска филмска формула – пцуј колку можеш повеќе и пиј ракија во недоглед, додека на публиката не ѝ се смачи. После таа катарза, веќе нема враќање назад.

Една од позитивните работи која ја предизвикува екранизацијата на истоимената драма е поривот помладите генерации под итно да го пронајдат и да го прочитаат оригиналниот текст на Душан Јовановиќ, кој пред неколку декади жареше и палеше на театарските сцени ширум поранешна Југославија (драмата беше поставена на сцените во Белград, Загреб, Скопје, Сараево и Љубљана), а подоцна го пропатува и светот во режија на Љубиша Ристиќ, секако, со Раде Шербеџија во главната ролја, драма во која сигурно постои поцврста карактеризација на ликовите и во која Скопје е присутно со големи букви зад дејствието на приказната.

Иако Раде Шербеџија изјави дека нема намера и понатаму да режира филмови, сепак, тој си исполни уште една животна желба, докажувајќи дека доколку шармот ве служи и на почетокот од осмата деценија од животот, никогаш не е доцна да најдете пари од неколку извори за реализација на истиот. Тоа на крајот го вброи и во авторите кои имаат македонска номинација за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, уште една цртичка во неговата пребогата животна биографија. А филмот, надевајќи се на голема гледаност, сепак, ја доживува сличната судбина како и многумина негови претходници, да биде погледнат само од дваесетина вљубеници во Седмата уметност во киното „Милениум“ во ударен термин, после само десетина дена прикажување, за разлика од различната интерпретација во театарските претстави, за која се барало билет повеќе.

Но, доколку нештата беа сосема во ред, зарем и оваа рецензија не би требало да се појави во некој медиум кому му е важно третирањето на македонскиот филм, а не само на мојот ФБ ѕид? :-)

Извор: Фејсбук профилот на авторот