Дали рибите сфаќаат дека се мокри?

18.10.2016 05:48
Дали рибите сфаќаат дека се мокри?

Минатава недела разговарав со еден пријател во Вашингтон, кој има добар увид во неодамнешната посета на претседателот на ДПМНЕ, Никола Груевски, на САД, мрсно „подмачкана“ со парите на македонските даночни обврзници. На крајот, кога го прашав кој е неговиот завршен впечаток од уште една театрална ходник-визитација на нашиот никогаш непрежален премиер, мојот пријател реши, меѓу другото, да ми раскаже една анегдота која, ќе ми прости, не можам да не ви ја пренесам овде...

Елем, приказната вели дека султановите луѓе конечно фатиле еден голем крадец на камили – „нешто слично како вашиов Груевски“, ми вели пријателов. Го носат на судење во раскошниот султански шатор, а тој, Султанот, како што е ред кога ќе се фати таков вид апаши, без многу размислување, заслужено го осудил на смртна казна. Сепак, пред да стане и да си замине, којзнае зошто, Султанот се свртел кон суртукот што бил спружен наземи со главата пикната во дланките и го прашал дали има некоја последна желба? „Оооо, Преумен Владетелу и Најмоќен Заштитнику на Ориентот, да, имам – рекол апашов – ако ме оставите уште една година жив, ќе ја научам мојата камила да зборува турски, а вие тогаш да ми ја укинете смртната казна!“... Се насмеал Султанот слатко на оваа будалетинка, но во тој бесценет момент на добро расположение, дали заради медот, смоквите и ф’стаците што му ги послужиле како апетизери; или заради помислата кој сè го чека во соседниот шатор со харемот; се согласил на облогот со крадецот на камили: „Имаш година дена твојата камила да прозбори турски, а ако тоа не се случи – земам јатаганот и сечам главата!“ – рекол Султанот и, обуен во најмеките свилени папучки опшиени со срма и со пуфла на врвот, заминал да ги изврши своите напорни султански харемски обврски. Тежок живот султански.

Кога останале сами во шаторот, се врти Големиот Везир кон крадецот и му вели: „А, бе, калпазан еден, каква ти е оваа измислица дека за година дена можеш да ја научиш камилата да прозбори турски?!“... „Ееее, Превелик Везиру, знам јас дека таа ни за сто години нема да знае да зборува турски, ама за година дена отсега можеби јас, можеби камилата, а можеби и султанот нема да биде жив!“, се насмеал крадецот радосен што му успеало да си ја зачува главата на рамениците барем уште за 365 дена.

ДА ЛИПСААТ СИТЕ!

„Така ви е тоа и со вашиов Груевски“, ме предупредува пријателов од Вашингтон: „Овде сите знаат дека тој е апаш во секоја смисла на зборот, ама тука беше дојден да убедува дека може да ги научи сите ваши телиња да прозборат македонски, ако му се остави уште некој месец во политиката. Повеќето од нас, се разбира, му се потсмевавме зад грб, оти знаеме со кого си имаме работа, но тој си ја врати главата на рамениците преку Атлантикот во надеж дека за некој месец можеби тој, можеби ние или вашите телиња ќе пцовисаат!“

Си мислам, приказнава е, навистина, како скроена за нашиот Голем Лидер. Сигурен сум дека никој во Македонија не мисли дека камила може да прозбори турски, а уште помалку теле македонски, ни за сто години. Но, ако сте македонски гласач кој цела деценија плива во рибникот на Фамилијата, перманентно товен од режимска пропаганда или гоен со клиентелизам како калифорниска пастрмка, тогаш навистина е политички релевантно прашањето дали рибите во нашата национална рибарска фарма сфаќаат дека се жива-вода мокри? И дека за суртукот, фатен по десетици кражби, надежта пред него да липсаат и камилата и Султанот, а и целото „царство“, како такво, е валидна политичка стратегија за, какво-такво, сопствено преживување?

Како изгледа таа „стратегијата за преживување“ на овие калпазани во македонската практика, добивме уште една потврда минатата недела...

АЏАНАК-БАЏАНАК

Човекот што се вика Баџанакот-на-Мијалков – исто така познат и под прекарот „Јован Илиевски“ – мисли дека македонската јавност незаслужено гледа со сомневање на неговиот избор за судија во престижниот Европски суд за човекови права. Тој (да ти) имал успешна професионална правна кариера и пред доаѓањето на ДПМНЕ на власт пред 11 години, па смета дека не е фер неговиот избор да се сведува на кадровските мешетарења што ДПМНЕ успешно може да ги прави по бриселските и стразбуршките коридори на политичката и материјална, меѓународна корупција во веков во којшто живееме.

Мене, пак, некако, ме мрзи да му ја читам биографијата на-Мијалков-Баџанакот за тоа што тој го правел пред една-две децении, бидејќи сум комплетно импресиониран од тоа што НЕ го направи во минатите десет години. Да поедноставам: г. Баџанакот-на-Мијалков го гледам како јасна екстензија на мафијашката власт во Македонија во областа на правосудството, еден од клучните луѓе на режимот кој дозволи организираниот криминал во земјава да земе таков замав, што ја доведе не само економската и политичката, туку и безбедносната стабилност и иднината на Македонија во прашање. Тоа, сигурен сум, е формулирано во некој од нашите закони како „поткопување на уставниот поредок“, за што мора да се некаде предвидени сериозни санкции што му се познати на г. Баџанак.

Ете, не знам како ова да (му) го објаснам појасно од ова.

ЖОНГЛЕР БЕЗ ТОПЧИЊА

А не зборувам на памет. До сега, специјалната г-жа Катица Јанева, чијшто уред беше измислен токму поради непрофесионалноста на обвинителските господа Баџанак и Виснат Мустак, има поведено 30 истраги против вкупно 80 луѓе кои, во најголемиот број случаи, се товарат за цел хоризонт од тешки кривични дела што еминентно спаѓаат во портфолиото на обвинителскиот Баџанак: злосторничко здружување. Тоа е суштествениот меритум на организираниот криминал кој, наводно, требаше да го гони Баџанакот за да ја продолжи својата „претходна“ успешна кариера.

Таа работа човекот ич не ја сработи. Напротив, нè забавуваше со директни телевизиски преноси од апсење „организиран криминал“ по наплатни рампи и афери со поткупи од по неколку стотици или илјади евра, додека неговите кумови и кумашини, баџанаци и побратими, во којзнае колку наврати, товареа на плеќи по еден полн државен сеф и успешно заминуваа во правец на некои живописни пацифички и други островчиња, каде што пијалаците се служат со чадорчиња, а сите диети се на база на киви. Затворите и притворите ни се преполни со праведно и неправедно осудени и обвинети за дела кои, кога би се споредиле со злосторствата на мафијата на власт, изгледаат како да се излезени од некоја сликовница за деца од претшколска возраст: „Марика лета со авион“, додека Грујо и Мијалков си купија авион.

ВТОР ОД ТРОЈЦА

Значи, никој не спори дека си имаме работа со лисица што политичарите во Советот на Европа свесно ја избраа да го чува „кокошарникот“ на човековите права. И тоа наспроти сугестиите на стручната комисија која предлага судии за овој Европски суд, на чија листа Баџанакот не бил на првото место. Бил втор, од тројца. Така, од идната и во наредните девет години, овој македонски правосуден еднорак жонглер ќе седне да раздава правда, иако во Македонија не успеа да процесуира ниту еден локален режимски коњокрадица за цела една деценија. Напротив, беше дел од разгранетиот апарат на власта за гушење на политичките и човечките слободи, за сметка на просперитетот на злосторничкото здружение кое го води нашиов рибник.

А суштината на човековите права во демократијата се состои во една едноставна работа: да можете пристојно и без страв да живеете и под власта на оние со кои не се согласувате. Сè некако си мислам дека ќе дојде ден кога и Баџанакот-на-Мијалков, пред да му заврши вечниот деветгодишен мандат таму, ќе мора да биде отповикан од Стразбур, за овде да одговара за соучесништвото во развојот на системот во кој оние што живееја без страв беа во големо малцинство, наспроти големото мнозинство од оние што наскоро ќе разберат дека се жива-вода мокри! Оти, иако глас не испуштаат додека ги малтретираат, тоа не значи дека и рибите не ги боли.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња