Власта треба да ја убиеме во самоодбрана!

18.10.2016 15:40
Власта треба да ја убиеме во самоодбрана!

Балканските народи не се задоволни од третманот во клиничката болница на Историјата: преголеми им биле паузите меѓу неопходните дози комшиска крв. Тоа што се случува околу сопственоста врз Трепча, на изборите во Столац и Сребреница, со референдумот во Република Српска, со драматично ниското ниво на односите меѓу Србија и Хрватска, сето тоа мене ми личи на зголемена врева што се јавува секогаш кога имунолошкиот систем на паметта паѓа, болеста на омразата ескалира, а крв нема.

Кретенизираните општества и нивните неверојатно примитивни и апашанатски лидерства не се само во инцидентните ситуации опасно блиску до нови судири, туку и во своите централни наративи отвораат простори за војни: Србија со одбивањето да ја прифати сопствената одговорност за последните војни и со надежта дека историјата ќе ѝ пружи нова шанса да го оствари својот империјален територијален сон, овој пат и со реваншистички мотиви во однос на Косово и Хрватска, Хрватска со потребата да ја лечи фрустрацијата од лошите внатрешни резултати на татковинската војна и од статусот на хрватскиот народ во Босна и Херцеговина, Бошњаците со невозможноста да ги совладаат неподносливите пречки на дејтонските конституенси, Црногорците и Србите во Црна Гора со различните геополитички и меѓународни преференции, Косоварите со внатрешната неконсолидираност во врска со територијалните аспирации на Србите во покраината и амбициите на Белград.

На овие интерни релации како провоени фактори треба да се додадат амбициите на Москва за нова улога во геополитичките разигрувања на светско ниво, немоќта на Европа, непринципиелната политика на САД и разочарувачките резултати од постјугословенското устројство на регионот во сите области.

Македонија е испумпана, тотално растурена и десубјективизирана, подготвена да ги прифати исходите од новите конфронтации какви и да се тие, дури и ако тоа биде договор да се одговори на рефренот „делете ја, парчете ја“. Таквиот развој на настаните за ВМРО-ДПМНЕ би бил фантастичен бег од одговорноста за злосторствата во Македонија и врз Македонија и голем чекор напред во остварувањето на сопствената мисија, за нив е битно комбинацијата од држава, нација и јазик да се разводени и да ја загуби моќта да ја субјективизира Македонија како национална посебност што ја загрозува историската легитимација на еден, некои велат, на два соседа, сè друго не е важно.

Но, има и некои охрабрувачки моменти. Мерсел Биљали во минатонеделната колумна забележа дека меѓународната заедница е свесна за овие опасности и дека ќе се потруди да ги предухитри преку поддршка на смената на националистичките, популистички, апашанатски елити. Јас би рекол: да, ако е нешто сигурно, тоа е дека новите судири ќе кренат огромен бран бегалци кон Западна Европа. Тој страв може да се покаже како клучен во политиките на одвраќањето од војна која и според многу други критериуми е опција на која светот ќе се спротивстави многу резолутно.

Пленковиќ во Хрватска покажува дека за лидер на една националистичка партија не е нужно човек да биде идиот. Уште повеќе, дека може да биде и сосема нормален, пристоен, културен, елегантен, европски ориентиран, модерен. Тој покажа дека наспроти општите впечатоци, општествата имаат потреба не од крв, туку од разбраност, разборитост, од мир, од одмереност, од европскост, во најдобра смисла на зборот. Дека на луѓето им е преку таквото од вишокот историја. Дека бараат нова смисла, нова хемија, нова утопија. Дали е неговата изборна победа, мандатарството и неверојатната популарност стекната за малку повеќе од три месеци, знак по кој пат ќе тргнат и другите балкански државички?

Јас сакам да верувам дека е така. Процесот на демонтажа на режимот на Груевски, кој е во тек, ќе доведе до слични резултати во десниот сектор на македонската политика, само не како резултат на внатрешната свест во неговата партија или во општеството, туку како резултат на надворешни притисоци и правни механизми кои почнуваат да се обликуваат. Со тоа што политичката смрт на Груевски ќе биде и политичка смрт на партијата.

Во ВМРО-ДПМНЕ не мислат да го менуваат својот идиот, како што ХДЗ го смени Карамарко. Тоа ја проблематизира до крајни граници позицијата на партијата затоа што со одбивањето да ја направи неопходната дистанца од злосторничкото лидерство при сите информации со кои располагаат и тие како и целиот свет, таа го потврдува својот формат на Злосторничко здружување односно одбива да се рехабилитира и да се модернизира.

Таа позиција може да се покаже, и јас верувам дека ќе се покаже, како многу добра за Македонија, затоа што наспроти огромните напори на СДСМ, наводно во името на националното обединување, да го тушира епското ниво на конфликтот, тие самите ја држат таа разлика драстична. Тоа ќе ја направи битката пожестока, но никој не треба да се сомнева дека ќе бидат темелно и непоправливо поразени.

Како да се формира критична маса за неопходните промени и кој треба да ја формира, се прашува во последната колумна Златко Теодосиевски. Прашањето ми се виде важно, дури многу важно, па си зедов слобода да ги изнесам следниве размислувања: Критичната маса се раѓа како бестелесна категорија, како идеја, како неизвесност и ризик, како прв неандерталец што излегува од пештерата без гаранции дали ќе го изедат или тој ќе ги изеде, критичната маса не е митинг, број на демонстрантите, критичната маса е грутка со потенцијал да се претвори во лавина.

Според тоа, глупаво е да бараме критична маса за соборување на фашистичката карикатура на груевистичкиот режим, мораме да бараме идеја околу која може да се набере критичната маса, како публика околу добра свирка. Златко Теодосиевски ја разгледува оваа тема и убаво забележува дека и Антифашистичката револуција и Народноослободителната војна не почнале така што комунистите обезбедиле критична маса за да ги избркаат окупаторите и нивните вмровски помагачи, ами бркањето на окупаторите го проектирале како медовина околу која ќе се соберат пчелите на ослободувањето во критична маса доволна за успех. Никој не се ни обидува, вели Теодосиевски, дури ни близу, да ја расчлени на составни делови таа „критична маса“, или „потребната супстанца“, за да знаеме за што и како говориме. Односно – кого тоа чекаме, кои се тие елементи што ја сочинуваат, како можат да се поттикнат/активираат, на кој начин, тоест, со какви средства…

Се сеќавам дека и монструмите од ВМРО-ДПМНЕ почнаа како мала група надобудници кои ги рескираа заебанциите на околината и осаменоста по парковите и киносалите во името на идејата дека еден ден ќе и ебат мајката на Македонија со преголеми дози патетичен македонизам. Антијугословенството и антикомунизмот, антиелитизмот и антитајкунизмот беа нивната нарација која многу бргу успеа да обезбеди критична маса за реализација на тие идеи. Да беа опортунисти и да не го прифатеа ризикот што им следуваше, тие денеска ќе беа нормална партија.

Сакам да кажам дека критичната маса секогаш почнува да се набира околу некоја ненормалност, околу некој отклон, поголем или помал, од мејнстримот. Не може критична маса за промени да се обезбеди на постојното ниво на политичката конфронтација, туку само со игнорирање или со напад на тоа ниво. Не со опортунистички позиционирања спрема гласачкото тело и најдолните интереси на простата маса, не со националистички додворувања околу отворените прашања за името, за односите со Албанците и со соседите туку со комплетно отворање и експресно решавање на модерни основи.

ВМРО-ДПМНЕ им ја уништи државата на Македонците, со нивна сесрдна помош, се разбира, и сега ги тера да ја бранат пропаднатоста од двојазичност и федерализација. Поодвратно од ова е кога опозицијата ќе се јави и ќе се труди сите да ги убеди дека и таа е против федерализацијата и двојазичноста. Критична маса се гради така што на Македонците ќе им се соопшти дека е опасно за нив да живеат во илузијата дека се единствената вертикала околу која може да се собере македонското сено и дека тие се тие што некому нешто даваат или не даваат. Критична маса се создава со напуштање на дебатата, на нивото, на темите што ги диктира злосторничкото здружување.

Ова не се теориски разглобувања, ова се клучни работи. Антијугословенството, антикомунизмот, антиелитизмот како општи нарации во изминативе десет години мора да бидат заменети со антивмровизам, строг, категоричен и праведен, со антиантиевропеизам и со антипримитивизам. Комплетниот вредносен систем мора да се урне и да се изгради нов. Во однос на тоа кого ние чекаме и што чекаме јас ја преферирам филозофијата на Хопи индијанците кои велеле: ние чекаме на нас!

Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат