Бенидорм илузија

19.10.2016 11:12
Бенидорм илузија

Албуферата, Аликанте 

 

Импрeсивната, „титаниумска“ глетка е карактеристична за целиот шпански источен брег. Нон-стоп град кој се развива по линеарна должина од 8.000 км. Од Коста дел сол па сè до Коста брава. Испрекината урбана линија која го узурпира целиот брег, со мали паузи помеѓу природните предели и карпите кои ја спречуваат бетонската маса тотално да завладее. Простор кој зазема само 4,25 % до целокупната територија, а е населен дури со 44 % од населението.

Оваа видливо форсирање на брегот започнува во 50-60-тите години на минатиот век , во полниот ек на Франковиот фашизоиден модел на развој, кој узурпира секаква логика во служба на социјал-капитализмот кој делумно го форсира и преку туризмот и пазарот на недвижности, од каде им започнува подемот.

Од тие години датира и визијата на „Постојаниот споменик“ на Суперстудио (1968), каде во 1972 истата таа тематика ја продлабочуваат преку седмиот град (Град-лента кој постојано се продуцира). Иако нивната естетика е утопистичка и различно компонирана, успеваат да го предвидат тој импакт.

Постојан споменик, Суперстудио

Во овој текст ќе го врамам само делот од Коста бланка, целиот тој опфат од Картагена, па сè до Калп, бидејќи интензитетот најмногу кулминира во ова парче. Остар отсечок кој ја црпи морската широчина во целиот нејзин сјај и раскош, и како урбан ѕид ја разделува голата и карпеста бела природа во позадината. Контраст кој тешко се балансира со шармот на шпанската традиција и соживот.

Позначајни по оваа оска се, секако, двете поголеми жаришта, Аликанте и Бенидорм.

Првиот е класичен медитерански град со римска и арапска историска поставка, дополнително убанизиран и споен кон крајот на минатиот век. Крути солитери поставени ад-хок го следат брегот и сонцето, а просторот помеѓу е исполнет со масивни туристички населби и летни резиденции. Надеж сигурно влева поновата генерација на ибериски архитекти кои се меѓу подобрите во Европа, и успеваат да ги сплотат овие густи разјадени урбанитети преку хируршки прочистувања и интервенции на поврзаност, претежно преку пејзажот, партерот и поголемата достапност на јавниот простор со питоми вегетациони содржини. Нешто типично и преубаво на оваа тема е поврзувањето на градското јадро од плажата Албуферета па сè до соседната Сан Хуан, неколку километри добро организирано крајбрежје со пешачки и велосипедски патеки, со прекрасно обработени детали во склоп со околниот крш. Тие навистина будат оптимизам дека сепак има надеж низ овие гломазни и грди градски маси да завладее здравиот разум.

Аликанте

Бенидорм секако преставува втор јазол кој тешко би можел да се опише преку некаков стандард или стручна дефиниција.

До почетокот на 60-тите години е мало пејзажно селце со живописен медитерански стил. Тогашниот амбициозен градоначалник Педро Сарагоса ја започнува неговата експанзија, прилагодувајќи ја целата област Хиера Хелада од земјоделско во градско земјиште. Во период од само дваесетина години прераснува во една од најразвиените туристички дестинации со урбан карактер, и претставува еден неповторлив туристички модел, чија суштина до денешен ден изгледа како илузија (фатаморгана врз некогашното селце). Всушност, идејата на тематска туристичка атракција што преовладува како концепт во Бенидорм е токму самиот град. Некој тек кој се шири, чиниш сите подоцнежни латино-американски градови да се родиле од тука.

Сместен е во форма на триаголник каде низ годините се згуснува по фронталната лента во ширина од 100 метри долж брегот, кој го следи прекрасната песочна плажа и бистрото медитеранско море. Љубопитни се неговите атипични висококатници, хотелски струкури кои го црпат капацитетот за туристички легла. Иако играат на висина, не се карактеризираат со раскошни и широки луксузни влезови и стаклена обвивка на фасадите, многу се поевтини и нивната масивност се демонстрира преку катната монотона исфорсираност, која го прави местото поконкурентно и достапно за сечиј џеб. Така расфрлени, овие кубуси се поставени во идиличниот околен медитерански пејзаж кој им задава функционалност и парадигма со прекрасниот поглед што се нуди од и кон нив. Тука некаде помеѓу се гледа и најозлогласениот облакодер ИНТЕМПО, симбол на крахот на градежниот бум. Солитерот се прослави како ударна вест по светските новини како зграда без лифт, која низ периодот на безбројните урбани шпекулации (објектот од 20 расте на 40 ката) ја губи најважната комуникација.

Поглед на Бенидорм од дрон

Ваквата експанзија влијае и на неговата фантастична густина која знае да достигне и до 2 милиони туристи во летната сезона (периодот од мај до септември), во просек по 400.000 туристи месечно. Секако, оваа густина варира во останатите периоди кога градот едвај брои 100.000 жители. Таа преоптовареност задава привид многу повеќе на некој азиски отолку на европски град. Иако варира, ова туристичко јадро успева да живее преку целата година. Импресивно е што и во услови на премногу гужва, водата е кристално бистра, а плажата чиста со фин и светол песок. И впрочем во тоа се состои неговата силна страна – природните ресурси со кои успева да привлече голем број туристи (секако, освен прилагодените цени и понудената забава).

Бенидорм е еден вид масивно корито кое ја генерира, но и ја санира економската криза која ја зафати Шпанија. Со толкава градежна продукција на пазарот претставува главен причинител на балонот кој го генерира банкарскиот крах со недвижностите што не можат да се продадат, дури ни по рекордно ниски цени, иако туризмот продолжува да бележи раст (туризмот фиктивно го покачува БДП, но вработува само сезонски). Која ли може да биде реалната иднина и самоодржливост на еден ваков хиперактивен туристички развој кој дополнително бара жртви и ресурси кои сè повеќе се исцрпени?

Иако овој град е парадигма, чувството да се биде дел од него е прекрасно. Немав претстава дека може да биде толку привлечен со сиот негов контраст помеѓу убавата шпанска храна и традиција и околната градежна синтетика.

Ин Темпо, Плаја Поненте, Бенидорм

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото