Кога бевме вистински Европејци

20.10.2016 10:06
Кога бевме вистински Европејци

Аристид Бриан

Пред собранието на Лигата на народите на 5 септември 1929 година во Женева, францускиот премиер Аристид Бриан изложи сензационална идеја за европска федерална унија. Сите 26 европски делегати го поддржаа овој предлог. Неговата импресивна иницијатива во клучен момент за европската историја е речиси непозната надвор од тесните кругови на специјализираните историчари: тоа празно место во нашето колективно сеќавање е пропуст достоен за жалење, зашто предлогот на Бриан многу зборува за сегашната состојба во Европската унија.

Бриан денес главно е познат по мировните преговори кои доведоа до склучување на Договорот во Локарно 1925 и 1926 година, во кои покрај него учествуваа германскиот министер за надворешни работи Густав Стресман и британскиот дипломат Остин Чембрлејн. За тоа добија Нобелова награда за мир. Стресман, либерал и министер во коалициската влада, го поддржа Бриан во септември 1929 година. Целта за која се залагаше беше економска и финансиска интеграција на европските народи, односно Европа без граници и царини. Во тоа го поддржуваа неколку политичари од германската Католичка партија и неколку социјалдемократи.

Идејата за рушењето на границите во Европа за да се поттикне економскиот развој беше директен, иако не и планиран резултат од Версајскиот договор. Со договорот беа формирани единаесет нови суверени држави на рушевините на германското, австроунгарското и советското царство. Многу политичари, економисти, деловни луѓе, банкари и интелектуалци ширум Европа тврделе дека таквиот аранжман не може да функционира и дека Европа треба повторно да се обедини. Мотивите и плановите се разликувале, но целите биле исти: траен мир, економски раст, демократија и просперитет за сите.

Нивните идеи изгледале рационално, особено во доменот на економијата, но имале и своја ирационална страна. Повеќето заговорници за обединета Европа споделувале чувство за припаѓање на поширока, европска свест, еден вид изгубен рај што сакале да го обноват. Меѓу помалку познатите заговорници за обединувањето на Европа била Луис Вајс, француска Еврејка, феминистка и новинарка. Размислувајќи за разорената Европа по Првата светска војна во своите Memoires d’une Européenne (1969) таа пишува за времињата пред војната: „Уште тогаш бевме вистински Европејци“. Требало да се обнови некогаш распространетото чувство на братство и заедништво на културен и интелектуален план.

Бриан и француската влада на 1 мај 1930 година го претставиле Меморандумот за организација на системот на федерална европска унија. Во меѓувреме, ситуацијата во светот се променила. Во октомври 1929 година се случил крахот на њујоршката берза. Истиот месец починал антинацистот Стресман. Сепак, во Европа имало доволно политички лидери, вклучувајќи ги и оние во Германија, на кои им била привлечна идејата за европска соработка. И покрај тоа, сметале дека заради влошувањето на економската ситуација потребата за заедничко и координирано дејствување била уште поважна. Реакциите на 26 европски земји на францускиот меморандум биле критички интонирани, но меморандумот не бил отфрлен. Ниедна влада не се изјаснила против основните идеи на предлогот.

По Меморандумот на Бриан, Лигата на народите во септември 1930 формирала работна комисија за европската унија. Задача на комисијата била да ги испита можностите за воспоставување европска унија и да предложи решенија за најважните проблеми. Комисијата темелно ја извршила задачата. Од септември 1930 до октомври 1931 година се состанале шест пати и секое заседавање траело една недела. На пример, на седницата во мај 1931 присуствувале 68 премиери, министри, дипломати и високи претставници од сите земји.

Аристид Бриан и Густав Стресман

Сега можеме само да замислуваме како би изгледала таа предвоена европска унија и што изгубила Европа без неа. Својот говор од септември 1929 Бриан го завршил со зборовите: „Новата европска заедница пред сè би била економска, зашто тоа е најургентната страна од ова прашање. Но, уверен сум дека таквото федерално поврзување исто така би било политички и општествено корисно, без загрозување на суверенитетот на која било земја“. Темата за конфликтот на политиката и економијата ѝ е добро позната на денешна Европа. Францускиот премиер во тогашниот Меморандум нагласил дека е важно унијата да биде изградена на темелите на моралот, односно целосна солидарност меѓу државите членки. Во спротивно проектот нема да успее. Неговата напомена ја погодува метата. Без морал, солидарност и чувство на заедничка одговорност нема емпатија меѓу членките. Унијата што ја замислувал Бриан била поврзана со широката, длабоко вкоренета европска свест, со идеалите кои тој сакал да ги истакне како поттик и на тој начин истовремено да ги заштити. Ова денес е поважно од кога било.

Затоа размислувањата за настаните во Европа околу 1930 година се многу повеќе од обиди за оживување на далечната историја. Едно од најинтресените прашања во врска со предлогот на Бриан е зошто бил заборавен толку долго. Зошто по Втората светска војна кога започнала работата на новата заедница тој не го добил признанието што го заслужил? Зошто тие настани не се дел од нашето колективно знаење? За да се чувствуваат како дел од заедница луѓето мораат да споделуваат заеднички приказни, традиции и сеќавања. Приказната за иницијативата на Бриан, која можела да ги промени судбините на милиони луѓе, морало да биде една од најважните европски приказни.

Какви се нејзините поуки? Има малку политичари кои денес се осудуваат да зборуваат за „солидарност“, „одговорност“, „морал“. Тоа укажува на слабо познавање и разбирање на минатото. Тогаш кога сите бараат засолниште зад ѕидови, огради и бодликави жици, ЕУ е клинички мртва. Минатото ја открива суровата вистина за денешните евроскептици и популистичките политичари: на Европа ѝ е потребно повеќе политичко водство на темелите на доследната солидарност, на директен, демократски и одлучен начин. Ако ЕУ сака да ги надмине денешните проблеми, тогаш треба да направи голем скок нанапред и конечно да ги оствари сништата на своите основачи, и пред и по Втората светска војна. Итно ни е потребно оживување на европската свест каква што постоела помеѓу двете војни за да спречиме нов распад на Европа.

Извор: https://www.socialeurope.eu/

ОкоБоли главаВицФото