Филозофија на бедата

21.10.2016 01:22
Филозофијата на бедата

Нашето доба познава различни облици беда. Бедата може да биде материјална и духовна. Бедата опфаќа одредени слоеви од населението, или цели народи и континенти. Материјалната беда некаде и понекогаш станува причина за отпор и бунтови, рушење на постоечкиот начин на живот, додека духовната беда го ослабува секој отпор и животот го претвора во мочуриште и кал.

Во нашиот дел од светот каде низ историјата силата ги кроела географските мапи и судбините на народите, сочувана е стравопочитта кон физичката сила, а спрема духовните вредности презирот и омаловажувањето. Тука постојат разни лица на бедата: се дополнуваат, произлегуваат една од друга. Тираните и тиранијата ги оградувале неговите граници. Царства се засновале на безобѕирно угнетување. Безобѕирноста е претворена во стил на живот. Малите, едвај видливи пламенчиња биле доволни за да се разгорат големи, несогледливи, пустошни пожари. Капката омраза се претворала во океан на омразата. Личната нетрпеливост во нетрпеливост помеѓу народите, конфликтите помеѓу браќата во војни на најлути, непомирливи и крвно скарани непријатели.

Впрочем, тука бедата е трајна состојба. Бедата создава ропски карактери пожелни во сите облици деспотизам. Бедата не произлегува само од материјалната немаштија, таа најуспешно се произведува во човечките глави. Страдањето создава сожалување, но бедата не. Од сиромаштијата може да произлезе солидарност, но од бедата единствено омраза. Болката и несреќата можат да создадат горди и храбри луѓе, бедата создава ниски и понизни. Сите облици беда се понижувачки.

Стравот од беда продира до суштината на човечкото, го расипува чистото, ја замрачува невиноста, ја уништува гордоста. Бедата е болест на човечкиот ум: храбрите ги претвора во кукавици, чесните во доушници, мудрите во налудничави. Филозофијата на бедата гласи: сите се изедначуваме во ништожноста и подлоста.

Токму тоа: суштинската беда е полоша од секоја оскудица, немаштија, осакатеност и беспарица. Таа го означува оној степен на човечката ништожност во кој сите вредности стануваат обезвреднети, а смислата изгубена. Тоа е состојба на морална закржлавеност, глупост и тапост. Глупоста е најтежок облик на човечкиот дух. Второто име за бедникот е ништожник, човечка р'ѓа, а најлошиот облик духовна беда се нарекува лицемерие. Материјалната, моралната и духовната беда во изобилство го создаваат тој ништожен сој.

Околу нас ги гледаме плодовите на бедата: извртен редослед на вредностите, уништување на културните традиции, депресија, корумпираност, бришење на разликите помеѓу возвишеното и ниското. Криумчарите, крадците и злосторниците ги заземаат важните места во општествената хиерархија. „Не размислувај со своја глава, туку со главата на оној од кого зависиш! Може да се гази и преку трупови, ако тоа носи некаква корист!“ – тоа се животните девизи кои ги елиминираат и гордоста и честа и срамот.

Долгиот живот во беда, прифаќањето на немоќта како животна судбина и понизноста како животен став, создадоа посебен менталитет кој се пренесува од генерација на генерација. Исклучоците се претвораат во правило, недостатоците добиваат привид на доблести, изопаченостите се ценат како примери за углед, нискоста и грабежот се прогласуваат за статусни симболи. Гнилежот и расипаноста го диктираат владејачкиот стил на живот. На една страна цвета невиден раскош, на другата најдлабока сиромаштија. Умот се мери во злато и пари. Филозофијата на бедата е наука за општеството до долготрајна духовна агонија.

Филозофијата на бедата ја финансираат оние што ги приграбија сите материјални добра за себе, објаснувајќи дека удобниот и пријатен живот го расипува човекот, ја омекнува и слабее неговата отпорност. Од своите златни дворци му порачуваат на народот дека ова уште е и добро во однос на она што може да биде. Според филозофите, во оваа состојба бедата е предуслов за здравје. Од неа се раѓаат виталноста и отпорноста. Ситиот стомак создава мрзеливци, а изобилството создава слабаци. Од многу култура се полудува, од читање се станува изгубен и занесен, додека премногуте морални скрупули го расипуваат бизнисот. Сето тоа го знаат од сопствено искуство.

Затапеноста и моралната закржлавеност во цивилизацијата на бедата се прогласуваат за нејзини достигнувања, а насилството се претставува како лековито ослободување на вишокот сила. Затоа на цена се разбојници, паликуќи и обични убијци. Филозофијата на бедата создава никаквеци во големи количини, а ништожноста ја прогласува за своја вера.

Во својата крајна последица филозофијата на бедата се претвора во филозофија на злото. Етичките норми се топат, а потоа сосема исчезнуваат. Со човечките постапки управуваат нагоните за самоодржување или простите начела на силата. Станува дозволено сето она што е под заштита и закрила на моќниците. Животот се одвива во сенка на идеологијата на баналноста, под владеењето на секојдневниот кич, во уметноста, науката, културата. Кичот стана замена за етичките категории, преку кичот се изразуваат важните особини на политичкиот систем и владејачките вредности на општеството во целина.

На овие наши балкански простори количината на бедата никогаш не се намалува туку само се размножува. Овдешните народи, без оглед на верата и потеклото, умеат само да трпат. Не се ни обидуваат да се ослободат од бедата зашто таа на некој начин е природна состојба. Утеха наоѓаат во болката, а не во радоста. Животот го сфаќаат како макотрпен егзодус од една несреќа во друга. Стеснетиот дел од светот во кој живеат за нив е слика на човештвото. Дозволуваат за нив и нивниот живот да мислат другите, помоќните, посилните, побезобѕирните, зашто никогаш не располагале целосно со својот живот. Ѝ веруваат на демагогијата на властодршците повеќе отколку на сопствените очи и сопствениот ум. Сето лошо што ќе се случи се подразбира, а кратките периоди мирен живот доаѓаат како чист дар од небото. По количината на бедата во сопствената историја, народите од ова подрачје се мошне билски.

Бедата, онаа целокупната, потполната и долготрајната, вградена во системот на мислења, однесувања, во системот на владеењето и целокупниот живот не доаѓа без најава. Најпрвин се покажува во едвај забележливи најави, знаци и симболи. Но упорноста на отпрвин слабиот воден млаз кој нашол едвај забележлив отвор во браната, го шири отворот сè додека еден ден не надојде како поплава. А тогаш под неа исчезнува сè, луѓето, нивните материјални и духовни добра, исчезнуваат села, градови, потопена е целата држава.

Се знае, под вода е можно да се задржи здивот одредено време, или да се дише на сламка. Најпосле, ни тоа веќе не помага. Филозофијата на бедата, преобразена во филозофија на злото, во диктат над животот, го гуши секој живот. Нејзиниот конечен исход е пустош: духовен и физички.

Извор: http://www.tacno.net

ОкоБоли главаВицФото