Ако барате борци...

21.10.2016 13:38
Ако барате борци...

...овие се тоа.

Во моментот со нас беа двајца но оставаа впечаток дека покрај нив, и како нив, има уште една цела „граѓанско-слободарската бригада“.

Ќе прашате зошто се борци? Кои се тие дела и карактерни особини кои што ги отсликуваат како такви?

Борци се затоа што тие независно од својата лична позиција, здравствена и финансиска состојба, независно од физичкиот и менталниот пат кој треба да го изодат до „ничија земја“, на која се води битката - тие ќе стигнат до таму и ќе се борат одлучно и истрајно.

Борци се затоа што се спремни да се борат, не само за нас и нашите деца, туку и за децата на сите други, сè додека тоа води кон патот на праведноста и правичноста, кон подобро владеење, чесност и судење - секому според делата. Тие знаат дека се борат и за децата на оние кои на еден или на друг начин ја оштетиле државата, но оставаат тие самите да судат за делата на своите татковци и мајки.

Се рекло дека ваквите личности не треба да се гледаат одблиску бидејќи така ние би ги откриле цртите кои нив ги прават луѓe како нас - со свои демони и тежини. Нека нe ве залажува тоа. Напротив, ова е уште една потврда дека се борци и дека погледите од блиску и проценките на илјадниците очи не им пречат - тие се спремни да ги носат сите свои црти со гордост и со тежина која што ја имаат во себе.

Борци се затоа што знаат да и се насмевнат на опасноста, не затоа што не ја разбраат или наивно влегуваат во „вкрстен оган“, туку затоа што сакаат да ѝ покажат на опасноста дека не се плашат од неа. Борци се затоа што не потклекнаа на бројни притисоци од полициски, судски, финансиски и физички карактер.

Во еден момент од разговорот, како борци - какви што се, сакавме да го знаеме нивното мислење за една порака, за една визија, па им го покажавме уличниот графит кој што беше напишан во времето кога една младина, од една партија, со говор на омраза тргна во поход и праќање пораки со кои што сакаше да ги обележи своите како „патриоти“, а сите други да ги жигоса како „предавници“.

Графитот е следниот: „Да живееш, значи да се бориш, робот - за слобода, а слободниот за совршенство!“ - ВМРО , Јане Сандански (1872-1915)

Симона и Павле во потполност се согласија со исправноста на оваа парола, а ние ги пронајдовме нив во неа.

Исто така се согласија со нашата констатација дека парадоксот во оваа порака е во тоа што тие што ја напишаа, вклучувајќи ја денешната ВМРО и оние на власт, се водат и живеат по спротивноста на оваа визија и тоа:

„Да живееш, значи да бидеш згрижен, за слобода - биди роб, а за совршенство - слободниот во странство!“ ВМРО, (2010-2016)

(Извлечената спротивност од оригиналната порака одлично ја отсликува финансиската, духовна и морална корупција на оние кои ги окупираа институциите и кои со политичко-партиска развратност се одржуваат на власт до денес.)

По читањето на оваа порака, двајцата се насмеаја, подзастанаа во своите мисли, потврдно со кимање на главата, како со тежина од еден тон, се согласија со нејзината вистинитост.

При крај на разговорот се обидовме да дадеме и наше видување за тоа каков вид борци се тие и какви „бои“ носат. Со Симона и Павле го споделивме нашето мислење дека групата во која тие спаѓаат е светол пример во македонската историја за т.н. „навремени борци“, односно борци кои што го најдоа соодветниот начин за борба во соодветно време за тоа. Правејќи го тоа, тие покажаа дека припаѓаат на денешното време - на 21-от век, а не на варваризмот или на некој дух излезен од 19-от век, на начинот на „Шарената револуција“.

Тие велат дека појавата на „Шарената“ е логичен развој на настаните, но нашето видување отстапува за нијанса од оваа скромност. Доколку се земат предвид причинско-последичните врски на овие општествени текови, за нас „Шарената“ повеќе изгледа како чин за восхит, кој за разлика од сè друго во државава се случил на прав начин и во право време. Таа воедно стои и како потврда за потфрлањето на претходните генерации за навремено решавање на кризата - решение пред да се доведе државата и народот „на коленици“.

Токму затоа постарите и сите други генерации, имаат обврска да ги поддржат овие наши денешни „навремени борци“ и да им се придружат во борбата за подобра иднина за сите нас.

После ова, почувствувавме дека е доволно и разговорот го продолживме со секојдневни теми и прашања од типот „како по дома?“ - па и ние сакаме да се почувствуваме и да живееме нормално како секој „нормален свет“, нели тоа е и целта на оваа борба - да живееме нормално и слободно.

До победа!

Скопје, октомври 2016

(Статијата „Ако барате борци...“ е дел од статиите на З.Р.А. „Аква“од Струга со кои учејќи за другите, правиме обид да се подобриме себе си. Институционален развој поддржан од Цивика Мобилитас.)