Контра Франкфурт

25.10.2016 10:52
Контра Франкфурт

Како во еден подвижен кадар на Вендерсовите Градови од милион долари, се движи хоризонтот на новиот Германски капитализам.

Сивкастата силуета протега од трговскиот центар Циел, футуристичка градба која од центарот на Франкфурт преку механички скалила нè пренесува до последните синусоидни спратови од каде се гледа градот. Речиси како да сме пред некој американски топоним овде, во центарот на Европа. Така некако вметнат помеѓу пренаменетата старина и лифтингот на традиционалната градба.

Тој е можеби единствениот урбанитет со ваков тип на поставеност кој се простира по старата и конзервативна Европа, со високи, елегантни и застаклени облакодери, големи влезови, волуменски атриуми, сите оние карактеристики по кои се препознаваат северноамериканските градови кои се развиваат и концентрираат вертикално.

 

Убаво се протега по тмурната река Мајна, по чие корито се развиваат двата брега испреплетени со крута и индустриска инфраструктура на мостови. Маглата и сивилото по кое е претпознатлив му ја нагласуваат белата боја која дополнително го избледува, а во подоцнежните часови, кога влагата и температурата се зголемуваат, почнува да се заматува со жолтото ноќно градско осветлување, кое го прикажува како графички акварел.

Така набиен во својата сага, сепак е дополнет и со емигрантска врелина која го топи студот и ја надополнува неговата мултиетничност и толеранција. Социјално, баш изгледа подреден.

Градот бележи специфичен и строг развој, во кој се мешаат демократија и либерализам. Коректно и постојано го надополнува своето урбано ткиво под постојан притисок на тешкиот капитализам и тензијата помеѓу жителите и урбанистите.

 

Интензивно се развива од 60-тите години откако претходно е разорен до земја во Втората светска војна. Во меѓувреме, повторно се гради по шаблонот на неговата стара архитектура, која верно се клонира. Но, градот забревтано се развива и заради тоа интензивно почнува да се надополнува.

Во 70-тите години се шири кон запад, преку City West Plan, ударно зголемувајќи ја густината со облакодери и до 40 ката, колонизирајќи го Anlagen ring, кварт кој се одликува со комерцијален потенцијал и не е во конфликт со жителите. Тука всушност и се зачнува неговиот агресивен „скајлајн“.

Во 80-тите години развојот не стивнува и дополнително се урбанизира City-Light plan (урбанист е синот на Шпер). Овој план ја црпи оската каде се прекршуваат западниот дел од градот и јужниот дел од населбата Бокенхаим, користејќи ја подобноста на ефикасните транспортни рути кои се наоќаат во тој дел од градот.

Овој урбанистички потег е од времето на мандатот на ЦДУ, а политички ги чинеше губење на подршката од локалното население кое беше во против таквото згуснување.

 

Во 90-тите години градот конечно почнува да се развива и кон источниот дистрикт кој дотогаш е запоставен, а кога неговата територија се деградира и отвора можност за нова урбана празнина, се исполнува со нови содржини за домување и трговија.

Токму тој дел во градот станува белег препознатлив за новата европска финансиска престолнина, каде од главниот плоштадкако симбол се издига Европската ценрална банка.

Градот и понатаму не мирува, расте и затоа постојат многу дебати, во потрага начини и правци на делување. Се споделуваат различни интервизии на архитектите, помеѓу кои и Jона фриман, Арата Исозаки, Ел Лисицки и многу други, кои нудат хоризонтални линкови на поврзување, во отсуство на сè повеќе простор, подготвувајќи се за престојниот втор бран на згуснување.

Паралелно со градот се развива можеби и еден од неговите најбитни сателити, аеродромот со своите терминали и трансфери кои достигнуваат импресивни димензии и развој на соединет метрополис кој дополнително црпи oд постоечката густина.

 

Затоа, Франкфурт претставува Контра град, исполнет со бројни неместа; банки, хотели, аеродроми, саеми, облакодери, по чија платформа итаат бизнисмени и на сопствен начин го прикажуваат ова современо сценарио на нереален град.

Од големо значење за Франкфурт се горните топ тераси богати со најубавите и доминантни визури на градот, кои сè уште се затворени за јавноста.

Таквата конзервативна отсутност го има поттикнато „Скајскрепер фестивал“ кој од 2011 година се одржува по иницијатива на тогашниот градоначалник Петра Рот,со цел тој ексклузивен простор да се обезбеди и за колективното добро, да се пробијат границите крутите и заштитени висини и да се сподели потенцијалот кој наликува на футуристичките инсталации на некои од делата на Томас Сарачено.

Тој постојано разработува мрежи, поврзувања со сфери, комуникации, инспириран од мегаархитектурите од средината на минатиот век со кој ја поткрепува метафората за социјална теорија. CloudCity e негова импресивна поставка која ги разбива перцепциите на конекција и комуникација помеѓу нешто локално и нешто уште поголемо, глобално. Сиот тој импакт од кој крутиот Франкфурт постојано се расчленува.

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Европа
Јавни простори / Екологија
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото