Алаѓозовски во Курбиново: Културното наследство пропаѓа поради криминални апетити на „фамилијата“

25.10.2016 12:26
Алаѓозовски во Курбиново: Културното наследство пропаѓа поради криминални апетити на „фамилијата“

Наместо симбол на културата и уметноста, црквата „Свети Ѓорѓија“ во Курбиново стана симбол на негрижата за културното наследство – обвини претседателот на Комисијата за култура на СДСМ Роберт Алаѓозовски на прес-конференција пред црквата.

„Тука се наоѓа и прочуената фреска со „Ангелот од Курбиново“, кој е симбол на нашата 50-денарка. Ангелот од Курбиново, и другите антологиски фрески во оваа црква, се во очајна состојба поради негрижата од страна на Министерство за култура“, укажа Алаѓозовски.

СДСМ потсетува дека црквата „Свети Ѓорѓија“ е прогласена за културно наследство уште во далечната 1952 година: „Сега е доведена во опасност од уништување затоа што не се преземаат никакви конзерваторско-реставраторски активности. Црквата има активни пукнатини на сите четири страни поради лизагањето на теренот по проблематичните археолошки истражувања. Објектот е во опасност од прокиснување поради руинираниот и дотраен покрив, кај дел од фреските се забележани знаци на избледување.“

Алаѓозовски ја посочи министерката Елизабета Канческа Милевска како главен виновник: „Елизабета Канческа Милевска беше многу пати алармирана, но не презеде никакви конкретни мерки за заштита на црквата и вредните фрески. Министерството за култура продолжува да троши милиони евра на кич и барокни фасади, а не презема никакви мерки за заштита на богатото културно наследство.“

СДСМ ветува дека „по 11 декември, новата Влада ќе го сопре тендерското барокно лудило во Скопје и ќе ги пренасочи средствата за заштита на културното наследство кое пропаѓа поради криминалните апетити на 'фамилијата'“.

Извор: Слободна Македонија