УБК како Монти Пајтон

25.10.2016 13:22
УБК како Монти Пајтон

 Се молат лицата Мартин Протуѓер и Гордана Јанкулоска итно да се вратат на работа во агит-пропот на МВРО-ВМРО! Оти, вака, со актуелниот дует чувари на македонската безбедносна стабилност, Оливер Андонов и Митко Чавков на браникот на мафијата, ни отиде сигурносниот систем на државата по ѓаволите, заради нивната неспособност да ја утепаат Катица Јанева! А, што би рекол Сотир Костов, кога Катица ќе ни го уништи безбедносниот систем, што ќе правиме кога ќе навалат терористите, после?! Не, не мислам на овие терористи што тие ги договараа во „Диво насеље“, туку на вистинските 100.000 терористи што сега бегаат од Мосул и Рака накај наваму, за да му го преземат калифатот на Грујо и да го развеат црното знаме на ИСИС врз Мајка Македонија…

Оти, кога ќе дојдат терористите, Сотир ќе мора да се врати во Кочани, Емил-Тотален-Ноубади-Димитриев во Пробиштип, Андонов во Крива Паланка, Чавков во Струмица… Кога ќе ги понесат назад и сите золви, внуци, вујковци, девери и баџанаци што ги донесоа со себе, столицата Скопје ќе остане пуст, напуштен град! Во скопско Лисиче и тракторите со приколки ќе можат да вртат полукружно по аеродромските булевари.

И СЈО ПИЕ КАФЕ!

Но, да се задржиме уште малку на таа епохална бурлеска: македонските телекоми СВОЈАТА опрема која овозможува прислушување ја чуваат ВО објектите на УДБА; заради тоа, МВР вели дека не смеат тие (МВР) да им ја чепкаат, оти опремата е туѓа сопственост, башка е на странски компании што инвестирале во слободната индустриска зона во МВР, што-знам-ја, да не ја оштетиме; а двајцата хаусмајстори што се обучени да ја чепкаат, баш деновиве се на пат во странство, на семинар за менување бушони… Затоа, институцијата СЈО, со судски налог во рацете, дреме на улица пред институцијата МВР, која по закон е задолжена да асистира во спроведување судски налози, во очекување да се вратат хаусмајсторите, додека нацијата се тресе до ситните утрински саати дали ќе се дестабилизира безбедносниот систем на земјата чие пресудно функционирање зависи од двајцата да-им-дупе-види-пут хаусмајстори… Неформалниот шеф на хаусмајсторите, Андонов, пак, го обвинува својот формален шеф Спасовски дека сака да направи авто-пуч во институцијата со која, по закон, тој, Спасовски, раководи! И Спасовски, наместо инстантно да го упати Андонов на вонреден, иако значително задоцнет, систематски преглед, тој, Спасовски, напротив, си пие сокче и кафе со специјалниве обвинителки по три саати затворени во кабинетот, додека Андонов на прес-конференција го исмева дека си пие сокче и кафе со специјалниве обвинителки по три саати затворени во кабинетот, каде се договараат за рушење на безбедносниот систем на земјава…

Мислам дека фали само уште Рамче да се појави на трибините од некаде, со корпата обесена на врат, и да почне да вика: „Сок-шампион, сок-шампион, бомбољони, кикирики и семенки“, за оваа комедија на апсурди да биде комплетна!

За да се разбере оваа циркусијада, јавноста мора да сфати дека ДПМНЕ го чувствува МВР како своја партиска, приватна сопственост. Како свој дом, огниште, породилиште, место за збег, клуб за разонода и место за љубовни романси, настрешница кога врне, тераса кога сонце грее. Мојот дом е мојот замок – името го даваме, МВР не го даваме! Затоа влезот на обвинители – со судски налог! – во МВР е „упад во системот“, „загрозување на стабилноста“, „закана по безбедноста на државата“… Нашето не го даваме, туѓото одамна сме го земале!

УМОРНИ НАРАТИВИ

ВМРО-ДПМНЕ е партија која во последниве неколку години е во состојба на постојана напнатост помеѓу својата внатрешна виталност и својата декаденција. Човек не знае дали се пред распад или пред триумф. Нѐ шашардисаа со својата дијагностицирана биполарност! Еден ден се уверени дека сигурно победуваат на изборите; по два дена им паѓаат микрофоните на конференциите за печат на кои им се тресат рацете затоа што се свесни дека се разобличени во своите дрски недела.

Таа нестабилна партиска структура на мноштво од неверојатно авансирани провинцијалци со одамна изгубена самодисциплина, денеска потсетува на подзгрбавен џин со памет на дете од претшколска возраст. Нивните анкетни бројки и статистики претставуваат точен збир на неточни податоци, бидејќи толку темелно го искривија системот со лажење и злоупотреби, што ни самите не веруваат во наративите што пропагандно ги произведуваат. На пример, кога го гледате оној уморен, тажен, оседен, успорен Никола Тодоров, во кој денеска нема ни призрак од некогашниот полетен ентузијазам со својата послушност да му се допадне на Лидерот, како по осми пат со бледа помпезност, предизборно најавува изградба на нов, спектакуларен клинички центар во Скопје, ви станува јасно дека утрото пред објавувањето на таа проѕирна лага, Тодоров веројатно за влакно ја избегнал раката на судбината пред во сопственото купатило да реши дали да се убие или да се измие… Тоа утро покажал виталност; но многумина стравуваме дека е само прашање на ден кога некое утро ќе превладее декаденцијата.

Се навикнаа на луксузната комбинација од самоволие и неказнивост, на тоа страствено пасо-добле на криминалот со кое драматично ја одраа сопствената држава; а сега се доведоа до таа неверојатно тенка граница, во состојба меѓу нивната слобода и можноста да ги засече мечот на правдата да стои некаков – Оливер-факинг-Андонов, кој ќе остане вечно запаметен по изјавата: „Јас имам дијагноза, но сум здрав!“

Паниката, се согласуваме, е недвојбено оправдана.

ЖИВОТ ВО НЕЗНАЕЊЕ

А, проблемот е релативно едноставен: не знаат, баш, точно, што бара г-жа Јанева во УБК? Не знаат дали тоа што им го кажува е вистинската причина заради која СЈО сака да изврши увид, да собере докази, да реквирира документи поврзани со обвиненијата за „Пуч“? Или има паралелни истраги коишто дури ни нивните сегашни прислушувања на СЈО и кртовите во него не ги знаат?! Впрочем, во слични околности, сосема неочекувано, им се случи и загубата на фин-фишерот, бидејќи и тогаш не успеаја да дознаат што им се подготвува. На крај на нерви се, не можат повторно да си дозволат непријатни изненадувања. Не заборавајте: само до пред извесно време ни беа влезени во спалните соби и тоалетите, знаеја работи за нас пред ние да ги смислиме; а сега се принудени како слепци во мрак да се движат во маглата на македонската криза, откако одамна си ги умртвија политичките инстинкти и здравиот разум.

Моите извори во ДПМНЕ ми велат дека Капото-ди-тути-капи во Фамилијата бара неделни истражувања на јавното мнение. Ако види дека трендовите за негова поддршка продолжуваат да паѓаат со приближувањето кон изборите, ќе го активира сценариото за уставно укинување на СЈО, со што ќе предизвика уште подлабока криза – па, кому иде!

Мене тоа ми личи на очајничко сценарио. Можеби им е, сепак, попаметно да видат со Адвокатска комора на Македонија, да испреговараат некакви попусти на нивните услуги, оти на клиенти со поголеми количини нормално е да следува дискаунт. На крајот, на тоа ќе им се сведе приказната, како и да ја свртат и превртат.

Слики: Били Даркарт
Извор: Слободен печат